Во просториите на „Скопје Мериот хотел“, вчеравечер по петти пат се одржа манифестацијата The Bridal Fashion Night.

Ова издание беше под мотото „Real Venue For Real Brides“, па токму и идните невести го сочинуваа најголемиот дел од публиката, која беше можеби во најголем број до сега. Во присуство на најдобрите другарки, мајките или партнерот, тие со нетрпение очекуваа да видат што ќе понудат дизајнерите за следната сезона и дали токму меѓу нив се крие нивниот идеален венчален фустан.

Она што се издвои во речиси сите колекции, се длабоките „V“ деколтеа, како и светкавите материјали и широките здолништа. Сексапилот во комбинација со гламурозноста претставена преку богатите ткаенини, е трендот што сите дизајнери го издвоија како доминантен.

Исто така, тијарата многу често се повторуваше како доминантен моден додаток. Но, од друга страна, беа посведените кроеви, венчаници со бохо-нота, а не беа заборавени ниту неконвенционалните невести.

Студио „Зиане“

Салонот за венчаници „Зиане“, чија ревија и ја отвори вечерта, ги имаше можеби и најсексапилните венчаници. Една таква носеше и водителката Милена Антовска. Инаку, дизајнерката Зиане Бакиу секогаш се труди колекциите да ги отвори со некоја позната личност, па на тоа остана доследна и овој пат.

-Инспирацијата за колекцијата ја добив замислувајќи ги идните невести како од спортската дневна линија на облекување се трансформираат во гламурозен изглед за специјалниот најубав ден во животот - објаснува дизајнерката.

Студио „Зиане“

Мошне смела невестинска колекција видовме и од „Elizabet design studio“, насловена „Вигор“. Инспирирана од животната енергија, тимот на ова студио понуди фустани за сите љубителки на смеалио современ стил на живеење. Но, како велат, освен естетиката, важен е комфорот, па затоа посебно внимание се обранло при изборот на материјали. Во нивната приказна се забележааа и венчаници во винтиџ стил во комбинација со модерен израз, идеално за неконвенционалните невести.

Elizabet Design Studio

„Timeless beauty“ е насловот на колекцијата со која се претстави и Наташа Карчева од ателјето „Ал Апарел“, за оние што сакаат посведени кроеви.

-Акцентот е ставен на женската силуета која суптилно се назира во прозрачните материјали: француската свила, најмекиот тул, богато везени тантели и цврсти брокати надополнети со многу рачно изработени детали. Цветните принтови и 3Д форми повторно ги надополнуваат лелеавите здолништа – вели Карчева.

Ал Апарел

На ова издание на „The Bridal Fashion Night“ учество земаа и ателјето „Vlora&Kaltrina“ како и косовската модна куќа „Менакон“ која вчеравечер претстави гламурозна колекција наречена „BROF“ со раскошни венчаници низ кои се прелева палета од бои и материјали.

Vlora&Katrina

Освен венчални фустани, во нивните колекции видовме и свечени тоалети, концепт што го следеше и дизајнерката Јасмина Дракул, со чија ревија се затвори вечерта.

Со посебен акцент на модните доадтоци, односно масивниот накит, дизајнерката откри дека инспирацијата ја црпела од моќноста и уникатноста на креациите од кралските семејства, а сето тоа поврзано со лежерниот романтизам.

Јасмина Дракул

-На тој начин сакав да го прикажам гламурозниот изглед на нашите простори, по кој многумина девојки мечтаат. Моите креации ја претставуваат жената која е нежна, а моќна, вистинска кралица на својот посебен ден – објаснува Дракул.

Организаторите се потрудија оваа вечер да биде целовечерен моден, но и свадбен водич, па освен фустаните, невестите можеа да добијат информации и за други сегменти за нивниот свадбен ден.

Менакон

-Големата посетеност на модната ноќ на невестите уште еднаш ни покажа дека на Македонија ѝ треба ваков настан и дека идните невести со уживање го одбираат својот омилен фустан. Презадоволни сме од реакцииите на публиката и учесниците на настанот и се радуваме што придонесуваме и ја олеснуваме организацијата на еден од најважните случувања за секоја девојка која се подготвува за својот свадбен ден – велат од „Моден викенд Скопје“, кои традиционално се организатори на овој едновечерен настан.

На крај, сите вие што не успеавте да бидете дел од она што се случуваше вчера, а ви претстои ваков важен животен настан, погледнете ја галеријата погоре.

Објавено:
13 февруари 2017
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.495 пати