Црквената венчавка на Ана и Бастијан

14 јули 2016

Познатата спортска двојка, Ана и Бастијан Швајнштајгер по склопувањето на граѓанскиот брак, вчера во Венеција ја направија и црквената венчавка.

За тие што мислеа дека Ана ќе ја избегне класичната венчаница, згрешија, бидејќи младата тенисерка за оваа церемонија избра венчален фустан со корсет од тантела и широко здолниште со пет метри долг „шлеп“ и бел вел.

Креацијата е на британската дизајнерка Сузи Тарнер, а Ана изгледот го комплетираше со дискретни дијамантски обетки, сличен ѓердан и едноставна алка, додека косата ѝ беше собрана во долга пунџа. Странските медиуми шпекулираат околу цената на венчаницата, која се движи од две односно осум до десет илјади евра.

Со изборот, 28-годишната тенисерка успеа да ја задржи својата едноставност и природна убавина, а сепак да изгледа гламурозно, иако на фустанот нема ниту еден кристал или скапоцено камење, што кај многумина предизвика воодушевување.

Бастијан пак, се дотера во класично црно одело.

По црквата, двојката повторно со гондола отпатува до ресторанот, каде што гостите ги забавуваше хрватската пејачка Нина Бадриќ.

Таа објави селфи со невестата, од кое видовме дека Ана ја пресоблекла венчаницата и се забавувала во розова тоалета.

Нина на својот Инстаграм профил напиша дека ѝ е огромна чест што е дел од оваа венчавка и дека веселбата е неверојатна.

Како пренесуваат српските медиуми, двојката планира и венчавка во Србија, но кога ќе биде таа, нема конкретни податоци.

Во продолжение погледнете ја големата галерија од тоа како изгледаа младенците и гостите на овој голем ден за нив.

Објавено:
14 јули 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
8.489 пати