Елена Лука креираше нова фантастична колекција венчаници

29 јуни 2016

Фантазија е првата асоцијација за новата колекција раскошни венчаници од модниот бренд Елена Лука.

Совршениот дизајн на венчалните фустани, во кои главниот акцент е на уникатноста на дизајнерскиот израз, изборот на луксузни материјали и богата тантела, како и автентичните рачно везени детали, ја прават оваа линија венчаници неповторлива и бајковита, како што и заслужува секоја невеста.

Романтичниот сензибилитет е присутен преку силуетата на венчаниците, која претежно е во А крој или популарно наречен „принцеза стил", со волуменозен долен и корсетиран горен дел, но богатиот избор на кроеви вклучува и гламурозни венчални фустани во чиј дизајн се имплементирани впечатливи карнери и „ѕвонести" ракави.

Исклучително внимание е посветено на финесите што ја прави оваа колекција венчаници ексклузивна и уникатна. Па во дизајнирањето на рачно везените детали се користени бисери, кристали и други декоративни камења што и даваат дополнителен сјај на венчалната креација. Кога се во прашање модните додатоци, особен впечаток оставаат и флоралните детали како и панделките поставени во задниот дел на венчаницата.

Елена Лука за лукбукот на оваа прекрасна колекција венчаници направи и интересна фотосесија во урбаниот минималистички амбиент на хотелот „Мериот", а венчаниците се веќе достапни во ателјеата на Елена Лука во Скопје и Струмица.

 

 

Како изгледаше целата работна атмосфера додека се подготвуваше едиторијалот, погледнете во фото-галеријата во продолжение:

Објавено:
29 јуни 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
3.251 пати