Како да изберете бенд за свадба?

25 април 2013

 

Не прифаќајте пријателски понуди, ако не ве задоволуваат во целост. Намалете од приходите за една работа, доколку бендот кој го сакате е добар, ама поскап. Без двоумење, платете ги колку што бараат. Ако навистина се добри, тогаш ја заслужуваат бараната цена.

Доколку немате никаква идеја за музика, тогаш почнете со потрага на интернет и распрашајте некои кои веќе го поминале ова. Најдобриот избор ќе го направите само ако ја слушате групата на нечија венчавка, а на не аудио или видео снимка. Само на вистинското место ќе согледате дали ви одговараат или не. Ваквите договори со музичарите се возможни, и затоа инсистирајте на тоа. Дојдете во најдобро време кога тие ќе ви кажат. Она што е важно да го процените е интеракцијата на бендот и гостите во салата, дали се забавувачи или само добри музичари. Добро е доколку бендот има свој шоумен кој почесто ќе им се обраќа на присутните, вметнувајќи некоја шега. Ако не можете сами да процените, тогаш со вас земете го вашиот животен партнер или некој пријател кој ќе ви помогне во изборот. Кога треба 6 часа непрекинато да слушате гласна музика а притоа и да уживате, навистина е важно каков е квалитетот на звукот. Она што треба да се договорите со член на бендот е:

 

-Цена

-Колку ги има на број (зашто и за нив треба маса и порција)

-Колку инструменти има во понудата

-Дали свират за по невеста

-Дали доаѓаат навреме во ресторанот за да се местат и штимаат пред да дојдат гостите

-Дали цената е конечна или ќе сакаат и бакшиш за посакуваната песна

-Да се договорите за нарачки на песни, дали тоа ќе го има, зашто ако го сакате ова сигурно во текот на прославата една песна ќе ја слушнете повеќе пати

-Дали прават паузи, ваквиот непредвиден момент може да ја спушти атмосферата

-Кои ќе бидат најважните песни: за влегувањето, првиот танц, носењето на тортата

-Ако имате некоја омилена песна која мора да ја слушнете на вашата венчавка, прашајте дали ја знаат и ако не дали може да ја научат истата

-Планирате ли некој да задолжите во текот на прославата да комуницира со музичарите и да ги известува за потребните работи

-Некој бендови прифаќаат и список на песни, но поголемиот дел не го прават тоа. Ако сакате што подобро да го разберат вашиот вкус за музика (а вие секако ќе го имате предвид и вкусот на гостите) направете листа на изведувачи и жанрови кои ги сакате. Оваа листа нека ви служи како потсетник, можете да ја ископирате и да ја носете со себе за да ви биде полесно. Имајте предвид дека музиката е речиси најважното за вашата совршена прослава.

 

 

Објавено:
25 април 2013
Категорија: 
Бела соба