Како Џеки Кенеди ќе останеше без веначницата...

26 септември 2017

На 12-ти септември 1953 година се случи свадбата за која се зборува и шест децении подоцна. Тоа е денот кога Жаклин Бувие и Џон Ф. Кенеди ја крунисаа својата љубов со брак пред 600 дипломати, сенатори, припадници на државната елита, како и уште 300 гости - членови на семејството, пријатели...

Медиумите пренесуваа како двојката цели два часа се поздравувала со сите гости, кои и не ни претпоставиле дека невестата за малку ќе останела без венчаница.

Да се изработи венчалниот фустан за Џеки, не била воопшто лесна задача, но секако претставувала престиж. Честа ѝ припаднала на дизајнерката Ен Лоу. Сепак, тоа било строго чувана тајна, бидејќи Ен била Афроамериканка, што во јавноста ќе предизвикало бурни реакции.

Ен Лоу

Фустанот на Џеки бил осмислен да биде со голи раменици и широко здолниште, украсени со големи цветови изработени исто така од ткаенина, како и бројни набори. Лоу исто така била задолжена и за креациите за нејзината мајка и девериците.

Но, десет дена пред свадбата се случува непредвидлива ситуација. Една од водоводните цевки пука и го поплавува салонот на Ен, при што 10 од 15-те фустани биле уништени, вклучувајќи ја и венчаницата на Џеки, која била изработувана цели два месеца.

И покрај големиот шок, нервоза и солзи, Ен мора брзо да реагира, па веднаш купува материјал и со своите вработени ги изработува фустаните одново. За среќа, успеваат да го направат невозможното и на само ден пред венчавката, Ен седнува на воз до Њупорт да ја врачи лично венчаницата.

Кога пристигнува на имотот на семејството Бувие, обезбедувањето ѝ кажува дека може да се послужи со споредниот влез, резервиран за послугата, а сè поради бојата на кожа. Иако навредена, Ен возвраќа дека доколку не влезе на главниот влез, идната госпоѓа Кенеди нема да ја добие својата венчаница, што било и повеќе од доволна причина обезбедувањето веднаш да ја пушти.

Приказната исполнета со напнатост и трка со времето, сепак завршува среќно, а Џеки влезе во историјата како една од најубавите невести.

Ен била мошне позната во високите кругови, но поради расистичките ставови актуелни во тоа време во американското општество, не доживува голема слава. За неа се вели и дека е најдобро чуваната тајна во светот на модата.

Занаетот го учи од својата баба и мајка, кои забележуваат дека таа е мошне талентирана. На 16-годишна возраст, по смртта на мајка си, го презема семејниот шивачки бизнис. Во тоа време и се мажи за повозрасен човек, Ли Коен, со кој ќе имаат и син Артур, но заедницата ќе трае кратко. После само една година брака, жената на еден бизнис тајкун ќе ја покани да оди на Флорида и да креира фустани за неа и нејзините ќерки, можност што Лоу веднаш ќе ја прифати.

-Тоа беше шанса да ги создавам сите прекрасни фустани за кои отсекогаш сонував. Го земав детето и се качив на воз. Сопругот не се согласуваше со мојата амбиција и сакаше да се разведеме, што и се случи – изјави дизајнерката во 1964 година за „Сатрдеј Ивнинг Пост“ .

Ги облекувала и членовите на династијата Рокфелер, а актерката Оливија де Хавиленд го прими својот прв Оскар токму во креација со нејзин потпис.

Светски медиуми велат дека и Кристијан Диор кога првпат се запознал со нејзина креација, бил фасциниран од прецизноста и педантноста со која биле изработени и внатрешните и надворешните работи.

Клиентите биле свесни дека кај неа можат да го добијат квалитетот на „Диор“, но за многу, дури и неправедно поевтина цена.

Венчаницата на Џеки Кенеди ја направила за тогашни 500 американски долари, а вредела три пати повеќе. Ако се земе предвид дека морала да купи нов материјал и да ги плати другите жени, за да ги сошие повторно уништените делови, таа не само што не заработила туку и се задолжила. Семејството Кенеди никогаш не дознало за несреќата и напорот на Ен да биде сè во најдобар ред

Всушност, тоа е и тажниот крај на Ен. Како некој што го сака толку многу создавањето облека, не водејќи сметка за тоа колку ќе заработи, таа на крај мора да го затвори салонот поради голем даночен долг. После тоа се вработува во стоковната куќа „Сакс“ како кројачка, но поради глаукомот на очите нема да биде во можност да ја врши и таа работа и ја напушта. Долгот во тој момент изнесува дури 12.500 долари.

Сепак, еден ден добива повик од даночната служба и дознава дека анонимна пријателка го отплатила нејзиниот долг. Ен сè до својата смрт не дознала која е таа пријателка, иако верувала дека се работи за Џеки Кенеди.

Тој гест ќе ја натера повторно да го отвори салонот и покрај проблемот со очите. Во тоа ќе ѝ помогнат и вработените, а салонот ќе работи мошне успешно.

Во 1969 година, на 72-годишна возраст одлучува дека е доста и дека е време да се пензионира. Останува позната како првата црна дизајнерка, а дури и Модниот институт на Менхетен ќе направи изложба во нејзина чест, а во рамки на претставување на афроамериканската мода.

Исто така, како жена со мошне инспиративна приказна, за неа се напишани и две детски книги и знаејќи колку било тешко да биде Афроамерикански дизајнер во тоа време, таа претставува и вистинска инспирација. Умира на 82-годишна возраст.

 

фото извор: instyle.com;, pinterest.com; nypost.com; glamour.com; brides.com;

 

Објавено:
26 септември 2017
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.004 пати
Извор: 
http://nypost.com