Каква венчаница да одберете според обликот на телото?

13 октомври 2016

Еден од клучните фактори од кои зависи изгледот на невестата е колку венчаницата е соодветна на обликот на нејзиното тело. Професионални совети на оваа тема добивме од модната куќа Елена Лука, која потенцираше неколку значајни „златни правила" кои треба да ги има во предвид секоја невеста, а се однесуваат на изборот на венчаница прилагодена на нејзината телесна конституција.

Ситна градба

-Доколку имате ситна градба на телото, избегнувајте ги венчаниците што имаат премногу детали на нив. Наместо тоа, одлучете се за едноставен крој, што ќе соодветствува на обликот на вашето тело. Сирена кројот и правите кроеви визуелно ќе ве издолжат, па затоа се вистински избор за вас.

Крупна телесна конституција

Доколку имате крупна телесна конституција, асиметричноста ќе ви направи услуга, како и V-изразот. Кроевите што ја истакнуваат половината исто така се добар избор и широките (но не премногу) здолништа.

Големи гради

Ако сте во групата на невести со големи гради, клучно е да одберете венчаница што ќе го има вистинскиот отвор, односно деколте. Голите раменици или „срцевидно" деколте се одлични решенија. Одбегнете ги тенките прерамки, ќе ви треба нешто што ќе овозможи подобра потпора на градите. Уште една од опциите е горниот дел да биде покриен со транспарентен материјал или тантела.


Мали гради

-Ако сте во групата невести со мали гради, тогаш вие можете да си дозволите длабоки V-деколте или пак високо деколте како и т.н. „грчки отвор". Она што нема да ви оди во прилог се срцевидните изрази.

 Облик на круша

Жените со ваков облик на тело одлично изгледаат во фустани со А-крој. Всушност овој крој речиси на сите им одговара. Исто така, поширок долен дел визуелно ќе ги намали облините. Она што треба да го одбегнете се кроеви во сирена крој.

 Облик на јаболко

-Одберете поцврсти ткаенини како тафт или пак сатен и кроеви што ќе го нагласат горниот дел од вашето тело. Венчаниците со висока половина и широко здолниште се соодветен избор за вашата градба.


Песочен часовник

Иако веројатно ова е обликот на телото што секоја жена го посакува, сепак и со вакво тело треба да се биде внимателен. Треба да се одберат кроеви што уште повеќе ќе го нагласат струкот. На вакво тело сирена кројот изгледа одлично како и венчаниците што вклучуваат корсет или оние со спуштен струк.

 


Совет повеќе:
*При купувањето, а потоа и носењето на венчаницата внимавајте на изборот на долна облека. Таа може да направи чуда.
*Секогаш нагласувајте ги деловите на телото поради кои се чувствувате најубаво.
*Не одбирајте венчаница што е трендовска, а што не ви прилега на телото

 

Објавено:
13 октомври 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
6.839 пати