Какви венчаници ќе носат невестите следната пролет?

16 октомври 2017

Ако вашата венчавка ја планирате следната пролет и веќе сте во потрага по идеалниот невестински фустан, тогаш ова е текстот што дефинитивно треба да го прочитате.

Во Њујорк неодамна заврши модната недела посветена на невестинските трендови за сезона пролет 2018, па оттаму се издвоија и некои од највпечатливите трендови за претстојната сезона, а ви ги пренесуваме во продолжение:

црни детали

 

Ако сте похрабра невеста или уште повеќе, црната ви е омилена боја, дизајнерите најдоа начин како на суптилно да ја имплементираат во невестинскиот изглед. Нежните црни ремени и панделки ќе придонесат за повпечатлив и елегантен изглед.

тесни венчаници

 

Широките, „принцез“ здолништа веројатно секогаш ќе го имаат своето почесно место меѓу трендовите, но тенденцијата на прави кроеви е оваа пролет поизразена. Во неа лесно ќе препознаете дел од естетиката на 1990-тите. А сирена кроевите се исто така актуелни, со цел да се нагласи сексапилот на еден софистициран начин.

длабок V-израз

 

V-изразот ќе котира високо и следната пролет. Тоа не значи дека треба сите гости да гледаат само во градите, сепак се мисли на софистицирана и модерна верзија на трендот, како што ќе видите и од фотографиите во продолжение.

впечатливи ракави

 

Да, ракавите повторно се актуелни и тоа впечатливи. Дали ќе се одлучите за панделки на ракавите, за „пуфнасти“ ракави, карнери или нешто сосема друго, изборот е ваш.

3Д апликации

 

3Д цвеќињата сè уште не си заминуваат од модната сцена и кога се работи за ready-to-wearмодата, а уште повеќе кога се венчалните фустани во прашање. Тоа можат да бидат венчаници со здолништа целосно покриени со 3Д цвеќиња, или пак само дискретно распределени. Можете да ги аплицирате и само на горниот дел на пример, или пак на ракавите.... Изборот е голем, само треба да го прилагодите на вашиот стил и сензибилитет.

чокери

 

Чокерите од уличната мода, стасаа и до невестите. Ова влијание од 1990-тите сосема го окупира модниот свет, така што и не е некое изненадување што сè повеќе дизајнери се одлучуваат да ги имплементираат и кај вечначните фустани.

високи околувратници

 

Ако не сте љубител на чокери, но сепак сакате да имате покриен врат, тогаш високите околувратници се вистинскиот избор, а добрата вест е што и се мошне актуелни. Може тоа да биде ролка или пак околувратник во викторијански стил.

наметки

 

Наметките ќе бидат хит следната пролет. Од нежни изработени од тул, преку сатенски, до оние од тантела или дури и крзно, дизајнерите се потрудија да направат богата понуда.

панталони/комбинезони

 

За крај, уште еден избор за оние што сакаат да бидат неконвенционални невести. Панталоните и/или комбинезоните се апсолутен невестински тренд. Во комбинација со наметка или некој друг од споменатите трендови, изгледаат интересно и тренди, но се само за оние што се сигурни во ваквиот избор и знаат како тоа да го носат.

ракавици

 

Холивудскиот гламур повторно се враќа. Омилениот моден додаток кај дамите повторно стапува на сцена. Ракавиците кај невестите ќе бидат еден од оние модни детали што ќе ги издвојат од другите.

Објавено:
16 октомври 2017
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
2.257 пати