Ќерката на Ана Винтур се омажи во „Долче и Габана“ венчаница

24 јули 2018

Ќерката на Ана Винтур, Би Шефер, неодамна се зема со италијанскиот режисер Францес Карозини. Американската венчавка се случи на Лонг Ајланд, а недела дена потоа се случи и италијанската церемонија.

Портофино беше местото што двојката го одбра за својата втора венчавка. Во друштво на блиски пријатели и семејството, Би и Францес го кажаа судбоносното да во црквата „Сан Џорџо“.

Од првата венчавка нема ниту една објавена фотографија, ексклузивата е резервирана за следното издание на американскиот „Вог“. Затоа Би за првпат ја видовме во венчаница токму од церемонија во Портофино.

Во духот на Италија, воопшто не изненади податокот дека венчаницата е дело на модното дуо „Долче и Габана“.

Се работи за фустан во бела боја, со должина до глуждовите. Во предниот дел има V-деколте, а креацијата секако има и детали од тантела. За уште повпечатлив изглед придонесе и долгиот вел, исто така со апликации од тантела, а сандалите се со ниска потпетица и ремчиња во златна боја.

Кога е накитот во прашање, ланче со приврзок-крст е изборот на Би.

Дел од италијанските медиуми објавија дека по венчавката, двојката се упатила на гробиштата, каде ѝ одале почит на Франка Соѕани, мајката на режисерот, сега веќе и сопруг на Би, која нејзиниот гроб го посетила во венчаница.

Објавено:
24 јули 2018
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
2.697 пати