Харизматичната уредничка на италијанскиот магазин L'Uomo Vogue викендов го кажа судбоносното „да“ на магичниот остров Капри во уште помагична венчаница на Александар Меквин.

Таа имаше една од најубавите свадби сезонава и сѐ што една девојка може да си посака. Нејзиниот избраник, Швеѓанецот Оскар Енглеберт, изгледаше подеднакво стилски во луксузен црн костим со пеперутка вратоврска и залижана фризура.

Инаку, тој е исклучително успешен бизнисмен во светот на недвижностите со бројни успеси зад себе.

Италијанскиот остров Капри беше местото кои младите го одбраа за нивната летна венчавка преполна со стилски гости, чии креации можевме да ги видиме на нивните Инстаграм профили.

За официјалниот дел, невестата одбра венчаница од Александар Меквин, со раскошен вел и многу бели и жолти цветови во главата, подеднакво прекрасни како и оние во нејзиниот бидермаер.

Прославата започна уште во четвртокот на пробната вечера за семејството на која Џована се појави во стилски фустан на Азедин Алаја, а сите гости мораа да носат чевли за танцување.

Вечерта после свадбата, таа повторно се пресоблече во шик сребрен фустан со интересна шминка и фризура, но смени и уште еден стајлинг, раскошен краток фустан од Џамбатиста Вали и високи чизми украсени со бели апликации.

Сосема очекувано, меѓу гостите на свадбата беа и Ана Дело Русо, Лорен Санто Доминго, Сабине Гети, Питер Дундас, Наташа Поли и бројни други стилски пријатели на невестата. 

Објавено:
13 јуни 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.724 пати