Магична колекција венчаници на Елена Лука

7 март 2016

Ателјето за венчаници на модната куќа Елена Лука донесе нова магија во својата „бела соба". Непосредно пред Саемот на венчавки, македонскиот моден бренд со фото-едиторијал ја промовираше новата колекција венчаници за актуелната сезона.

Префинета, уникатна, полна со фантазија – уште на прв поглед вака ја доживувате колекцијата венчаници која го носи препознатливиот дизајнерски израз на Елена Лука.

Квалитетната изработка, прецизноста во дефинирањето на деталите, уникатниот дизајн и изборот на висококвалитетни материјали е она што ги прави посебни венчаниците на овој македонски моден бренд.
За актуелната сезона Елена Лука на своите невести ќе им понуди голем избор на стилски различни венчаници почнувајќи од класични кроеви што ја следат линијата на женската силуета до венчаници со 3Д доработки и асиметрични кроеви.

При изработката на венчаниците се користени внимателно одбрани детали како украсни камења, бисери, богата тантела, како и рачно изработени модни додатоци кои им даваат уникатна завршница.
Особено актуелни оваа сезона се венчаниците со неконвенционални кроеви и форми, во повеќе слоеви збогатени со рачни доработки.

Романтичните венчаници се секогаш актуелни, независно од трендовите, па Елена Лука во својот избор за романтичните девојки креираше повеќе модифицирани верзии на романтични венчални фустани за кои препознатлив се лелеавите линии како и богатата тантела користена при нивната изработка.

Во изборот на венчаници од Елена Лука неизбежни се и дводелните модели кои се комбинација на корсет со впечатливи доработки и уникатни детали и долен дел во „сирена крој".

Венчаниците од новата колекција на Елена Лука ќе бидат изложени и на претстојниот Саем на венчавки што ќе се одржи од 11. до 13. Март во „Александар Палас“ во Скопје, каде посетителите ќе имаат можност да добијат специјални саемски попусти.

 

Објавено:
7 март 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
3.384 пати