Магична невеста во свадбена бајка

25 мај 2017

Секоја свадбена приказна има некоја своја, посебна и неповторлива магија.

Тоа е еден од оние моменти што им носат нови животни улоги на младенците и секогаш кога ќе се навратат низ спомените токму на тој момент, ќе ги потсети на убавината на животот.

Невестата секогаш ја има клучната улога во свадбената церемонија заедно со нејзиниот избраник, и затоа од исклучително значење е таа да се чувствува совршено на еден од оние посебни денови во нејзиниот живот.

Свадбената бајка на прекрасната и шармантна невеста Ангелина ги носи сите обележја на една романтична, современа и совршена свадбена церемонија, а таа е олицетворение на божествена, магична невеста.

Нејзиниот избор е романтичен венчален фустан со до перфекција дефинирани детали, а го носи потписот на модната куќа Елена Лука.

„Секако дека сонот на секоја девојка е денот кога таа ќе го облече нејзиниот невестински фустан и ќе каже ДА на својот сакан. Тој сон секако беше и мој. Откако го избрав Стефан, љубовта на мојот живот и го определивме датумот за свадбата, почнаа моите дилеми околу тоа каква венчаница би носела. Бидејќи Елена ме познава од малечка, а јас цело време го следам творештвото на модниот бренд „Елена Лука", немав дилема дека токму нејзиниот тим ќе ги исполни моите очекувања и дека совршената венчаница ќе ја имам токму таму", ни открива Ангелина за тоа како ја донела одлуката за тоа токму овој бренд да ја создаде нејзината венчаница.

Венчаницата во која Ангелина изгледа бајковито е изработена од префинети и раскошни материјали, богата тантела со рачно везени и доработени детали. Деколтето е со нагласен V израз, а под градите суптилно е аплицирано тенко ременче. Венчаницата во долниот дел продолжува во А крој, а финиширана е со тантелни детали.

Модните додатоци несомнено имаат клучна улога во комплетирањето на невестинскиот изглед, а Ангелина носи раскошен, долг вел, што рачно е аплициран со впечатливи детали изработени од стаклени камчиња и бисери.

„ Околу два месеци пред свадбата, се сретнав со Елена и нејзиниот тим, и во пријатен разговор јас им ги открив моите желби за тоа каква венчаница сакам. И понатаму се беше приказна, од дизајнирањето на моделот, изборот на тантелата, нијансите и деталите, повеќето проби во кои уживавме сите, за на крај да ја добијам мојата венчаница од соништата. Упатувам голема благодарност на Елена и нејзиниот тим што мојот сон успешно го направија стварност", искрено сподели со нас прекрасната невеста.

 

Објавено:
25 мај 2017
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
2.906 пати