Модна ноќ на невести во Скопје: Што понудија дизајнерите за новата сезона?

10 февруари 2020

Викендов во Скопје се одржа осмиот по ред „The Bridal fashion night“ на кој  неколку домашни и регионални дизајнери ги презентираа своите нови венчални колекции. Програмата беше конципирана во два дела: шоурум и ревијален дел.

Ревијалниот дел го отвори ателјето „Al Aparel by Natasa Karceva", во чија креација се појави на сцената и македонската инфлуенсерка Никица Ацева, заштитното лице на овогодишната кампања „Маrry Me", освојувајќи ги дополнително симпатиите на присутните домашни и странски гости.

Шоуто продолжи со дебито на бутикот за венчаници „Лебед" на манифестацијата. „Urban Princess" е круна на дваесетгодишнината од неговото постоење. Посветена им е на сите принцези среде урбаниот хаос, кои знаат да го направат вистинскиот избор и уживаат во моментите што ним им значат.

Брендот за ексклузивен италијански накит „SIGMA Jewelry" повторно изнуди воздишки со новата луксузна колекција за претстојната сезона. Идните невести со префинет вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошниот сет ланчиња, обетки и прстени во кои моделите продефилираа на пистата, затоа што му даваат посебно благородна нота на целокупниот изглед за големиот ден.

Koсовската модна куќа „Menakon Creations", пак, со години се обидува да ја претстави жената во најатрактивни облици. Таа е сензитивна, сензуална, романтична, убава и весела, но истовремено и силна, независна и одлучна. Таа умее и да љуби и не се откажува од потрагата по нејзината друга половина. „Il Fiore" е називот на колекцијата за пролет и лето, со бои и кроеви кои низ креациите го прикажуваат цутењето на една прекрасна душа.

MCouture ја презентираше колекцијата „Crystal collection" во која е ставен акцент на кристалните детали.  „Креациите се изработени од најфини материјали, во комбинација со рачна изработка на апликации од кристали, камења и бисери, како и со мотиви од пердуви, карнери и цветови, кои ќе ја трансформираат секоја девојка во невеста од соништата“, се вели во описот на колекцијата.

Модната ноќ на невести ја затвори ателјето „Anna Bora" и неговата предводничка Елиф Сали, која понуди стилски различните свадбени фустани, од прогресивни кои ги следат најновите модни трендови, до екстравагантни венчаници со експериментални кроеви, инспирирани од француската висока мода. 

 

Објавено:
10 февруари 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
2.603 пати