Модни додатоци за невести

6 октомври 2016

Модните додатоци прават чуда. Токму нивната улога е клучна во стилскиот финиш на секој стајлинг со што му давате индивидуален печат на визуелниот изглед.

Исто толку е значајна улогата на модните додатоци кога е во прашање изгледот на невестата.
На оваа тема се консултиравме со професионалниот дизајнерски тим од модната куќа Елена Лука кои ни посочија многу интересни идеи како секоја модерна невеста својата венчаница да ја надополни со соодветни аксесоари со што ќе го заокружи нејзиниот комплетен изглед.

Првото основно правило кое што ни го потенцираат од Елена Лука е во однос на тоа кога се работи за поекстравагантна венчаница која на себе има многу рачни доработки, комбинација на богати материјали или впечатливи форми, тогаш изборот на модни додатоци треба да биде минималистички.

Тоа подразбира сосема едноставни аксесоари со кои нема да се „претера" па дури во одредени случаи нема потреба од никакви модни додатоци, доколку венчаницата е доволно визуелно моќна сама по себе.

Во случај кога венчаницата е во исчистен и едноставен крој со минималистички дизајн, тогаш може да се надополни со повпечатлив аксесоар или комплет аксесоари со кои ќе се нагласи уникатниот изглед на невестата.

Елена Лука со секоја нова линија венчаници дизајнира и модни додатоци соодветни на сензибилитетот на самите венчаници, секогаш посветувајќи внимание токму на тие минимални детали кои имаат значително влијание во креирањето на перфектен невестински изглед.

Од модната куќа ни посочуваат дека помеѓу омилените модни додатоци кои се актуелни независно од трендовите се: нежните велови изработени од лесни материјали честопати украсени со тантела или со композиции од бисери, аксесоари за во коса се секогаш актуелни и се изработуваат во различни форми во зависност од преференциите на невестите, ракавиците без прсти, наметките кои покрај естетска имаат и практична функција, мини чантите со кратки рачки украсени со богати рачни везови...

Во галеријата во продолжение издвојуваме дел од богатиот избор на модни додатоци од Елена Лука.

Објавено:
6 октомври 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.704 пати