Неконвенционални и колоритни венчаници на Bridal Night во Мериот

13 октомври 2016

Во Скопје Мериот Хотел вчеравечер се одржа првиот Bridal Night во соработка со Моден викенд Скопје, што всушност ќе биде есенското издание на досегашниот Bridal Fashion Night.

На манифестацијата одржана во прекрасниот амбиент на Скопје Мериот Хотел своите нови колекции ги прикажаа дизајнерките Мила Кадриу и Теута Матоши од Косово, а нов накит прикажа и брендот Сигма.

Присутните можеа да уживаат и во прекрасните свадбени детали прикажани во холот на хотелот, неодоливиот амбиент на салата за свадби и романтичните фустани за идните невести.

Вечерта ја отвори ревијата на македонската дизајнерка Мила Кадриу која прикажа романтични венчаници од интересни материјали и додатоци кои ги најави како тренд за следната сезона.

На пистата можевме да видиме различни модели почнувајќи од сирена крој, широки од половината надолу, подолги во задниот дел, со долги нежни ракави, волуменозни панделки, комбинации од здолништа и свилени блузи, комбинезони со наметка од пердуви, но и раскошни модели за оние кои сакаат нешто повеќе.  

По прикажувањето на накитот од брендот Сигма, следеше и ревијата на косовската дизајнерка Теута Матоши која уште еднаш ја воодушеви македонската публика.

Дизајнерката прикажа невестински фустани во малку поинакви бои од вообичаените и оваа сезона, за разлика од претходната, светкави и раскошни материјали кај венчаниците.

Речиси сите фустани беа во нежна зелена, сина, виолетова, кафена боја која се прелеваше и добиваше сосема поинаков изглед и сјај.

Некои од моделите во некои моменти потсетуваа на оние на познатите светски дизајнери како Зухаир Мурад и Ели Сааб, но сепак со некој посебен, познат за нас шарм.

Во нејзината колекција имаше фустани за сечиј вкус почнувајќи од нежни модели со прерамки и А – крој, па сѐ до ултра светкави и впечатливи со долги ракави и раскошни материјали во долниот дел.

Присутните девојки добија инспирација и помош околу нивните венчални фустани за свадбите кои им претстојат, но и избор на многу детали потребни за организација на нивната свадба.

Една девојка од публиката која сосема случајно го фати бидермаерот која една од манекенките го фрли, доби и големо изненадување од хотелот, една вечер во претседателскиот апартман во Скопје Мериот Хотел.

Во галеријата погледнете ги моделите и атмосферата на првиот Bridal Night во прекрасниот амбиент на хотелот.

Објавено:
13 октомври 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.148 пати