Невестински фустан: 300 години свадбена мода

14 јули 2014

По повод 300 години од постоењето на невестинскиот фустан и свадбената мода воопшто, архивистка  за текстил која работи во музејот Викторија и Алберт во Лондон, Едвина Ерман, издаде книга која ја раскажува историјата, традицијата и легендите кои во себе ги кријат моделите на невестински фустани прикажани низ период на целосна еволуција.

Специјално за книгата се избрани неколку оригинални модели на венчаници, но сепак прашањето е кога почна се и кога беше утврдено дека невестинскиот фустан мора да биде во бела боја? Свадбената мода започна пред три века и продолжи да се развива благодарение на генијалните дизајнерски замисли на Чарлс Фредерик Ворт, Чарлс Џејмс, Галијано Лакроа и Вера Ванг, чии креации се најдоа и на страниците од книгата насловена „The Wedding Dress: 300 years of Bridal Fashions“(Невестински фустан: 300 години свадбена мода).

Почнувајќи од волшебната романтична церемонија, па низ еволуцијата на раскошот на самиот дизајн на фустанот, венчаницата за разлика од било кое друго модно парче ги открива скриените фантазии на личноста која го носи и ги остварува соништата на секоја жена ширум светот. Ова печатено издание зборува за невестинските фустани од реномираната колекција на музејот Викторија и Алберт, а содржи и фотографии, писма, мемоари и исечоци од весници кои ја пренесуваат историјата на белиот свадбен фустан, како и традициите поврзани со него од 1700 година, па се до денес кога дизајнерите како Вера Ванг, Вивиен Вествуд и останатите продолжуваат да ја создаваат неговата модна приказна.

Во книгата се вметнати цртежи, скици и свадбени фотографии на познати личности во светот, членови на кралското семејство и секојдневни жени, вклучувајќи го и фустанот што Кејт Мидлтон го носеше на својата свадба.

 

Објавено:
14 јули 2014
Категорија: 
Бела соба