BLOOM 2016 е името на новата колекција венчаници на дизајнерката Антонија Ристовска. Новите венчални фустани се претставени во рамки на подбрендот „Антонија Ристовска BRIDE“, посветен само на идните невести.

И во оваа колекција доминира едноставност во формата, додека цветовите и везот со украсни камења, мониста и бисери придонесуваат за романтичниот изглед на венчаниците.

„Мојот сензибилитет е искажан преку палетата на пастелните нијанси на млечно белата, резеда, крем, пудра боја и нијанси на жолта. Имајќи ги предвид замислите на девојките за тоа како сакаат да изгледаат на својот посебен ден, а тоа е дека сакаат да бидат посебни, ме инспирираше за создавање на колекција која во себе ќе содржи неколку потколекции. Секоја од нив е инспирирана од неодоливаата убавина на цвеќињата во пролет, и од неговите нежни пастелни бои, а интерпретирани на различен начин“, се вели во соопштението за јавност.

Колекцијата е изразена преку шест различни дизајни, а дизајнерката потенцира дека на дел од употребените материјали се принтани и дизајни со нејзин потпис. Доминантни се сирена кројот и А-формата.

Тантела, свилен шифон, свилен органтин и француски тул се материјалите од кои се изработени венчаниците од најновата колекција.

Фотографија: Жарко Чулиќ
Шминка и фризура: Даниел Николовски
Модели: Јана Јосковска (Моделс ин)и Ања Ристовска
Цветен аранжман: Ателје Плус

 

Објавено:
4 март 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
2.220 пати