Нови венчаници со потпис на eNVy room

21 јануари 2016

Хрватското модно дуо, Никица Иванчевиќ и Вјеко Франетовиќ, што работи под брендот eNVy room, ја претставија новата невестинска кампања.

За таа цел тие ја посетија Малта, сакајќи да ја прикажат медитеранската убавина:

„Малта е навистина убаво место за фотографирање, со своите традиционални рибарски села, средновековни градови, природни атракција. Колекцијата не е инспирациски врзана за Малта, иако совршено се вклопи во амбиентот – објаснуваат дизајнерите за хрватските медиуми.

Новата колекција содржи 14 венчални фустани изработени од тантела, лелеава свила и мек тул.

Дизајнерите велат дека мислеле за желбите речиси на сите невести, па така има фустани во бајковити кринолини или тантелни фустани со набори во половината, за оние романтичните. Невестите пак што сакаат бохо стил, ќе се пронајдат во венчаниците од свилен сатен, што ја следат линијата на телото и имаат т.н. шлеп.

Невестинските фустани во сирена крој доминираат, но со различна изведба во горниот дел.

-Она од што првенствено се водевме е удобноста и леснотијата со која невестите ќе ја носат венчаницата. Важно ни е да можат цел ден да „издржат“ во неа и да се забавуваат.

Погледнете ја кампањата.

Објавено:
21 јануари 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.300 пати