Од моментот кога Пипа Мидлтон излезе од нејзиниот црн винтиџ автомобил во романтична венчаница на Жил Декон, повеќе од јасно беше дека гледаме во хит фустанот за 2017 – та година.

Долгоочекуваната свадба на Пипа и нејзиниот избраник Џејмс Метјус дефинитивно беше најголемиот настан изминатиов викенд и беше подеднакво популарна и луксузна како и на нејзината сестра Кетрин кога пред шест години се омажи со принцот Вилијам.

Во медиумите се појавија информации дека целата свадба чинела повеќе од еден милион долари, во што и може да се поверува ако судиме по фантастичната организација.

Свадбата на Пипа почна во препознатлив британски стил, со појадок и шампањ за сите гости, а заврши со виски и разни десерти, како и партија тенис помеѓу легендарниот Роџер Федерер и принцовите Вилијам и Хари.

Тие се венчаа во црквата St.Marks во близина на местото Беркшир каде се наоѓа и домот на семејството Мидлтон во чиј двор се одржа и официјалната церемонија за венчавката.

Токму таму, можевме да ги видиме и слатките дечиња кои фрлаа цветови од рози пред невестата помеѓу кои и малиот принц Џорџ и принцезата Шарлот кои дефинитивно беа најслатки од сите гости.

Сосема во нејзин стил, меѓу првите гости во црквата со дечињата пристигна и сестрата на Пипа, војвотката Кетрин Мидлтон која одбра неодолив и шармантен фустан во розова нијанса со шапка во слична боја.

Фотографиите од Кејт и нејзините две дечиња за многу кратко време станаа хит низ сите медиуми, особено оние на кои е со малиот принц Џорџ кој се чини бил главна атракција.

По завршувањето на официјалниот дел во црквата, младите и гостите се упатиле кон домот на семејството Мидлтон каде и се одржа церемонијата, во прекрасна атмосфера во специјално изграден стакларник каде се служеле разни јадења зготвени од најпознатите британски шефови.

Што се однесува до музиката, за церемонијата било најмено џез трио, а сосема на крај била пресечена и прекрасната торта специјално направена од познатата слаткарка Фиона Карнс.

Сосема очекувано, пред пристигнувањето сите гости морале да покажат лична идентификација, па дури и тенискиот ас Роџер Федерер кој бил само еден од многуте познати што присуствувале на свадбата.

Многумина ќе кажат дека говорите на младоженецот и неговиот брат Спенсер биле неверојатно емотивни и дефинитивно биле еден од најубавите моменти вечерта.

Гостите се забавувале до 4 часот изутрина, а сѐ уште нема официјални фотографии од тој дел кои многумина ги очекуваат, особено поради девојката на принцот Хари Меган Маркл за која нема официјална потврда дали навистина присуствувала на свадбата.

Во галеријата погоре, погледнете ги фотографиите од свадбата на годината.

Објавено:
22 мај 2017
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
3.015 пати