Проновиас пред-колекција 2015: Исполнети се мечтите на невестите

9 јули 2014

Венчаниците за идните невести кои брендот Проновиас ги лансираше за 2015 година се како мечта за која сонуваме ама со отворени очи. Брендот ги лансираше моделите од пред-колекцијата за 2015 година, поделени во неколку сегменти според принципот на изработка, кроевите и користените материјали.

Делот од колекцијата насловен Проновиас Ателје 2015 е срцето на збирката, бидејќи дезените и текстурите на материјалите од кои се изработени фустаните се мошне богати и декорирани со скапоцени детали. Тоа се креациите во  стил на принцеза, украсени со тантела, стегнати на половината со ремен и волуменозни здолништа на кои има аплицирано странични џебови. Традиционалната бела боја доминира кај сите фустани.

Другиот дел од колекцијата е целосно во урбан дух, модерен и тренди, како во поглед на кројот, така и во поглед на апликациите и декорирањето. Иновативниот момент е доловен со посебните форми на модни додатоци како што се шапките со превез кои креациите ги прават оригинални и неверојатно специфични.

Како дел од колекцијата се и моделите кои спаѓаат во групата „City“. Градската линија ја сочинуваат кратките, елегантни и софистицирани модели на фустани. Дизајните се сјајни без скоро никакви додатоци или апликации, а имаат улога да ја нагласат едноставната женственост и префинетиот стил.

„Glamuor“  е делот од колекцијата со кој се фокусира на елеганцијата и богатството на материјали и форми. Ѕвездената колекција е акцентирана со уникатни везови и бисери кои ја смируваат модната визија и креираат совршена слика на луксузна венчаница.

Следниот дел на венчаници претставува спој на класиката со модерното. Станува збор за модели кои се мошне еклектични и инспиративни. Нивниот дизајн е комбинација на тантела и тул и цветна игра на апликации со стаклени скапоцени камења. Она што е фасцинантно за овој дел од колекцијата е резултатот од модниот експеримент кој е навистина фасцинантен и уникатен.

Последниот дел од колекцијата е насловена „Dreams“  или соништа. Фокусот на овој дел од линијата е насочен кон оние венчаници кои имаат долги здолништа што завршуваат со „опашка“ во задниот дел. Наменета е за сите невести кои сонуваат да носат венчаница како од бајките, долга, лелеава, со широко волуменозно здолниште и да изгледаат како вистински принцези.

Каква невеста сакате да бидете вие? Откријте ни ги вашите желби и кажете кој модел ви се допаѓа најмногу.

 

 

Објавено:
9 јули 2014
Категорија: 
Бела соба