Проновиас прослави 50 години со фасцинантна колекција венчаници!

12 мај 2014

Шпанскиот бренд Проновиас ја прослави 50 – годишнината од постоењето на брендот, со специјална ревија во рамки на Модната недела на венчаници во Барселона, на која како главна ѕвезда се појави прекрасната Каролина Куркова.

Прекрасната чешка манекенка ја предводеше ревијата на одличната, специјална колекција на брендот за 2015 година.

Куркова на пистата се појави во неколку прекрасни и елегантни модели од новата колекција на брендот во магичниот амбиент на Pabellón Italiano de Barcelona.

Таа го носеше и можеби најубавиот модел од целата колекција – целосно транспарентен долг фустан со рачно извезена тантела во неверојатни форми во комбинација со луксузни детали и магичен долг вел.

На пистата Куркова се појави и во уште еден одличен модел од брендот во сирена крој со гол грб, тантела и висококвалитетен тул во комбинација со светкави кристали.

Останатите модели од специјалната колекција на брендот вклучуваа прекрасни модели на венчаници со рачно извезена тантела, кристали, бисери, прекрасни материјали, тренди украси на главата во форма на круни од кристали, перја, велови со интересен дезен и што уште не.

Оваа колекција уште еднаш докажа зошто Проновиас е еден од омилените брендови на невестите ширум светот и зошто нивните продавници во Барселона, Њујорк и Париз се едни од најпосетените.

Колекцијата на Атељето Проновиас за сезоната 2015 е целосно инспирирана од долгата, 50 – годишна историја неодоливи фустани на компанијата и целата нивна приказна.

По повод нивната 50 – годишнина, Проновиас организираше и изложба под називот „50 Love Stories “ во Convent dels Àngels de Barcelona.

Во рамки на изложбата, можат да се погледнат 50 фустани симболични за нивната 50 – годишнина. Секој од фустаните е потпишан под различно име, година и дизајнер кој што го направил, а секако, и сопственикот во чии раце завршил.

Уживајте во колекцијата на Проновиас и инспирирајте се ако ви се ближи големиот ден!

Објавено:
12 мај 2014
Категорија: 
Бела соба