Романтични есенски венчаници со потпис на маестралниот Ели Саб

9 октомври 2017

Либанскиот дизајнер Ели Саб секогаш знае како да кокетира со жените. Не е тешко да се вљубите во неговиот дизајнерски свет полн со фантазија и бајковити приказни. Затоа и секоја следна негова колекција се очекува со нетрпение.

Новата есенска колекција венчаници насловена „Theatre Of Light" е олицетворение на карактерот на неговиот препознатлив дизајн: романтика, раскош, драма, деликатен дизајнерски израз, скапоцени материјали...

Во оваа ексклузивна линија венчаници застапени се девет различни силуети. Играта со кроевите варира од венчаници со должина над глуждовите до драматични масивни венчаници со широки здолништа.

Очекувано, во дизајнот фокусот е на богатата тантела која го облагородува венчалниот фустан и му дава аристократски израз. Уште еден впечатлив детаљ, што воедно важи и за актуелен тренд кај венчаниците, се долгите велови иста така изработени од сакпоцени материјали.

Ели Саб ќе каже дека модерната невеста во неговата визија е елегантна и романтична, а истовремено дама која моќните и впечатливи детали и материјали знае да ги носи со став.

Фото извор: Ели Саб

Објавено:
9 октомври 2017
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
892 пати