Романтични венчаници за невестите во 2019 година

29 ноември 2018

Последниве неколку години, светските дизајнерски имиња наметнаа нова визија за тоа како треба да изгледа модерната невеста. Традиционалната бела боја на венчалниот фустан доби низа алтернативи, како што се пудрестите тонови, а исто така посочија и како една невеста може да биде грациозна и маркантна и во панталони или во друга неконвенционална варијанта на венчаницата.

Она што ги поврзува сите верзии и тенденции во тој контекст, е романтичната естетика, најчесто како базична во креирањето на изгледот на невестата.

Доколку сте невеста претстојната 2019 година, а притоа романтичниот изглед ви е близок, тогаш со сигурност ќе ве воодушеви актуелниот избор на венчаници од светските модни куќи.

Носечките белези на романтичната естетика како што е нежната тантела, слоевитите здолништа од тул, транспарентните и лесни материјали, ненаметливиот шарм, дизајнерите ги имплементираа во своите нови венчални линии во кои покрај традиционалната бела, се присутни и нијанси на нежна розова, бисерна, сребрена боја...

Разгледувајќи ги колекциите, може да забележиме дека смирените кроеви и минимализираните линии се подоминантни во однос на подраматичните и волуменизирани форми.

 

Објавено:
29 ноември 2018
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.202 пати