Тијана во екстравагантна креација на Елена Лука ги освои сите симпатии на Саемот за венчавки

24 февруари 2018

Вечерва со модна ревија на невестински креации, венчални фустани, како и свечени одела за младоженци, се отвори осмото издание на Саемот за венчавки, што традиционално се одржува во хотелот Александар Палас. Тука сите идни младенци може да се информираат за најновите трендови и актуелности кога е во прашање секој сегмент на свадбената церемонија.

Тијана Дапчевиќ, покрај тоа што е веќе докажана актерка, пејачка и музичар, вечерва ја видовме и во улога на модел за домашниот моден бренд Елена Лука со чија екстравагантна креација – сако, како неконвенционална алтернатива на класичната венчаница, ја заокружи модната ревија и ги освои сите симпатии.

Елена Лука е препознатлива по својата автентичност во дизајнерскиот израз, со кој се дава акцент на индивидуалноста и различноста, а токму со таква естетика е и креацијата што ја носеше Тијана - бело сако како неконвенционална алтернатива на венчаница, надополнето со рачно аплицирани композиции од монистри и стаклени камења, вметнати во префинетиот крој на класичното сако, дефинирано во една модерна и уникатна урбана креација.

„Тијана е вистинскиот лик што со својата енергија и сензибилитет и даде единствен и оригинален карактер на оваа уникатна креација – сако како една неконвенционална алтернатива на класичната венчаница. Самата креација е олицетворение на силно изразена индивидуалност – карактеристика која е личен опис и на Тијана. Одлично се снајде и во улогата на модел на вечерашнава ревија, па тоа е уште една потврда за заслуженото признание „Најдобар мултимедијален уметник во регионот", изјави Елена Лука.

Во однос на искуството како модел, Тијана ги дели позитивните импресии со Елена Лука.

„Многу се радувам што на саемот имав можност да носам едно прекрасно парче, кое што е толку екстравагантно и "откачено", што сосема одговара и на мојот сензибилитет и карактер. Ја прифатив понудата да бидам манекенка со задоволство. Со „Елена Лука" не соработуваме првпат и секој пат е како песна. Елена е единствена. Во еден момент се појавија едно чудо дизајнери, што за жал, не се истрајни и немаат амбиција. Доброто со Елена е што, пред сè е многу добар човек, хуманиста, прекрасна мајка и феноменален бизнисмен. Има „нос" да намириса талентирани луѓе и околу себе има прекрасен тим што работи за неа и за доброто на модната сцена во нашата земја. Затоа, се договоривме и за вчерашната „Бубамара на популарноста", таа да се погрижи за тоа како ќе изгледам, исто како и вечерашниов Саем за венчавки", вели Тијана.

На годинешниот Саем за венчавки, Елена Лука ја промовира својата нова раскошна колекција венчални фустани за 2018 година.

„Венчаницата има непроценливо и драгоцено значење за секоја невеста. Таа сведочи за еден од најубавите моменти во нејзиниот живот и со себе носи една вонвременска енергија која секогаш кај невестата треба да ги разбуди позитивните емоции. Тоа е нашиот мотив и појдовна инспирација кога во ателјето на Елена Лука ги креираме венчаниците за нашите невести. Секоја носи свој посебен сензибилитет што ние го преточуваме во уникатна креација – префинета и раскошна венчаница. Она што е заедничка карактеристика на сите венчаници од новата колекција изложена и во рамките на Саемот за венчавки, е нивната неповторлива магија, авангардниот доем што го оставаат како печат. Секоја венчаница сама по себе е едно уметничко дело во кое е отсликано изостреното чувство за естетика и препознатливиот дизајнерски пристап на Елена Лука. Секогаш посветуваме исклучително внимание на изборот на раскошни и висококвалитетни материјали во кои секоја невеста ќе се чувствува посебно. Врвната рачна изработка и впечатливите детали со кои му се дава силен визуелен печат на секој невестински изглед, е она по што ние како бренд сме препознатливи", вели Елена Лука за својата актуелна линија на раскошни венчаници.

Веќе од утре ќе може да ја видите новата линија венчаници на Елена Лука во рамките на Саемот на венчавки, што ќе биде отворен до недела (25-ти февруари).

 

Објавено:
24 февруари 2018
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
4.792 пати