Трендови за невестинска шминка за 2018

30 јуни 2018

Сезоната на свадби е сè уште актуелна. Освен венчалниот фустан, изгледот на невестата секако зависи и од шминката и фризурата.

Токму за трендовите за годинава кога е невестинската шминка во прашање, ќе зборуваме во продолжение на текстот, па ако сте невеста и наскоро ве очекува еден од најубавите денови во животот, се надеваме дека предлозите ќе ве инспирираат:

 

Очи со суптилно „зачаден“ ефект

Избор за невести што сакаат малку посекси изглед на свадба. Потребно е ајлајнер, ефект на „зачадени“ очи, во комбинација со хајлајтер на образите и беж нијанса на сјај за усни. 


Мат „nude“ изглед

За невести што сакаат природен изглед. Сепак, за да се постигне овој мат, а сепак свеж изглед на лицето, треба да се обратите кај професионално лице што знае како да го постигне тој ефект, затоа што во спротивно ќе добиете изглед на уморна и бледа невеста. Клучно е сјајот да се даде на вистинските места.


Црвени усни

Иако невестите најчесто одбираат нежни нијанси за усни, сепак тоа не значи дека црвениот кармин е забранет. Напротив, ќе направи да се чувствувате секси, впечатливо и гламурозно. Сепак, многу е важно да биде нијанса која совршено ќе одговара со вашиот тен, затоа што во спротивно, ќе се издвојува премногу.

 

Румени образи

Совршен избор за невести што сакаат да постигнат романтичен изглед. Румени образи се одличен избор за оние дами што имаат посветол и нежен тен. Сепак, внимавајте да не биде претерано потенциран тој дел од лицето, за да не се создаде ефект на театарска шминка.

 

Златен сјај

Од друга страна, златниот сјај како ефект е идеален за невестите што имаат потемен тен. Овде златните нијанси доаѓаат до израз на вистински начин, а ликот добива сјај и гламур идеален за летна свеченост. Усните се секогаш со природен тон.

 

Металик сјај

Металик сјај во делот на очите одговара речиси за сите типови тен, само треба да се аплицира дискретно. Во внатрешните агли може да биде поинтензивна нијанса, а како се шири окото, така да бледее сјајот, а сепак да биде присутен. Со ова се создава нежен, а сепак доволно впечатлив изглед. Ваквите ледени нијанси изгледаат одлично на млечно бели венчаници.

 

Готик усни

Ако никогаш во животот не сте носеле темен кармин и не сте љубител на истиот, не експериментирајте на денот на венчавката. Доколку го преферирате впечатливиот изглед, тогаш овој избор може да изгледа доста гламурозно. Подобро прилега на жени со малку потемен тен, но доколку се пронајде вистинската нијанса може да изгледа подеднакво добро и на оние со светол тен. Со впечатливи усни, очите нека бидат природно нашминкани, за контрастот да дојде до израз.

 

Румени усни и образи

Претходно зборувавме само за румените образи во пастелно розови нијанси, а овде се потенцирани малку потемни тонови. Образите ускладени со слична нијанса на карминот за усни, ќе дадат свеж изглед, а сепак природен. Нема да изгледате ниту премногу бледо, а ни премногу нападно нашминкани, па ако барате „средина“ помеѓу овие две, тогаш ова може да биде вашиот избор. 

Објавено:
30 јуни 2018
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
649 пати