На сцената на МНТ вчера вечер се одржа третиот по ред The Bridal Fashion Night, во организација на „Моден викенд Скопје“.

Прекрасната сценографија, збогатена со букети мимози и нивниот мирис, придонесоа за уживањето на публиката да биде уште поголемо.

На ова издание се претставија шест модни куќи, со најновото од нив кога се венчалните и свечените фустани во прашање.

Вечерта ја отвори Сара Мејс, која се појави во венчаница на Зиане Бакиу. Со само една впечатлива креација, на која доминираат тантелата и деталите од монистра, дизајнерката го најави отворањето на нов салон.

Сара Мејс

Програмата продолжи со креациите со потпис на модната куќа „Менакон“ од Косово. Винтиџ стилот е доминантен, претставен преку тантела, детали на шнирање, но и широките здолништа или кринолини кои нè потсетија на некогашните балски фустани.

„Менакон“

„Менакон“

Во сличен манир беше и колекцијата на модната куќа „Ал Апарел“ насловена „Ретки бисери“. Винтиџ нотата и овде беше присутна во комбинација со бохо. Тантелата како доминантен материјал исто така, но со посведени силуети и лелеави здолништа.

„Ал Апарел“

„Ал Апарел“

За разлика од „Ал Апарел“, модното студио од Косово „Vlora & Kaltrina fashion designers“ се одлучија за доминација на кринолините, тантела и штрасови, како и 3Д –материјали и ткаенини што светат, со што сакале да ја прикажат и раскошната, гламурозна страна на венчавките, а со тоа и венчалните фустани.

„Vlora & Kaltrina fashion designers“

„Elizabet design studio“ претстави колекција во која би се пронашле неконвенциоалните и похрабри невести, со изразен сексапил. Креацијата со панталони и горен дел од тантела наиде на воодушевување кај дел публиката, а од ова модно студио можевме да видиме и куса венчаница, како и уште еден предлог со тесни панталони од свила и транспарентна блуза.

„Elizabet design studio“

„Elizabet design studio“

Вечерта ја затвори колекцијата на уште една косовска дизајнерка, Теута Матоши Дурики. Таа претстави модели што несомнено би ги освоиле невестите што ја негуваат романтичноста во својот стил. Со цветни, 3Д материјали, вез, како и пастелните бои, гостинката која за прв пат е дел од ова случување, ја прикажа нежната и весела страна на невестите, а имавме можност да видиме и неколку предлози за свечени фустани во сини и виолетови нијанси. Колекцијата заврши со златен прав, со кој дизајнерката уште еднаш сакаше да потенцира на магијата на свадбените церемонии.

Теута Матоши Дурики

Теута Матоши Дурики

„Среќни сме што по трет пат им ја разубавивме вечерта на сите идни невести и што успеавме да им го олесниме изборот на „најважниот фустан“  како и изборот на другите детали потребни за организирање на свадбениот ден.“, велат организаторите.

За сите оние што вчеравечер не можеа да присуствуваат, во галеријата погоре им ги презентираме комплетните колекции на сите учесници.

Објавено:
6 февруари 2016
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.617 пати