Генерален менаџер и сопственик на Елена Лука

Елена Пандева: Елена Лука е мојата гордост – славиме 10 години јубилеј!

Интервју со
Елена Пандева
4 септември 2018

Пред десет години беше амбициозна визија, а денеска е етаблиран моден бренд по сите светски параметри. Елена Лука во една декада во која се испреплетуваа различни идеи, емоции, предизвици и соништа, се профилираше во бренд што креира мода со карактер, со свој безвременски идентитет, правејќи пионерски чекори кон врвот. Оваа исклучително значајна модна приказна за профилот на комплетната македонска модна сцена, годинава заокружува 10 години! Моден бренд што ја презеде одговорноста со себе да го носи нивото на светските стандарди и да го крши мразот пред неоткриените светови. Симболично насловена „Х", новата ексклузивна, јубилејна колекција е олицетворение и репрезент на сите заложби за уникатен, бескомпромисен моден дизајн во кој се препознава индивидуализмот како ракопис на Елена Лука, а ќе биде промовирана на Модната недела во Софија. Дамата која е „виновникот" за оваа сказна насловена Елена Лука, генералниот менаџер на брендот, Елена Пандева, беше наша соговорничка со која со задоволство направивме ретроспектива на десетте изминати години кога се расплетуваше еден сон...

Елена Лука годинава обележува 10 години јубилеј! Завидна бројка со фантастична симболика... Како лично ја доживувате изминатава деценија, од аспект на визионер кој донесе една сосема нова енергија на модната сцена?

-Во 2008 година со Елена Лука започна да се реализира една моја дамнешна визија со која можам да кажам дека се разви една нова етапа на домашната модна сцена. Бев сигурна во својот став дека тоа што го правам ќе донесе една сосема поинаква енергија и нови стандарди што ќе одговорат на критериумите на врвните светски постулати. Бескомпромисно и се предадов на мојата визија за моден бренд што ќе ја преземе одговорноста со себе да го носи нивото на сите светски стандарди. Кога го кршите мразот, наидувате на бројни предизвици. Но, секој еден од нив беше вреден за Елена Лука да се профилира во она што е денес, бренд за кој можам со гордост за зборувам. Изминатава деценија е преплет на различни емоции, различни околности, амбиции, бесконечни идеи што перманетно го хранат прогресот, клучни одлуки што во Елена Лука го рефлектираа потенцијалот, талентот, креативниот дух, високиот професионализам на врвно ниво во секој сегмент.

Се профилиравте како моден бренд што храбро премина преку ограничувањата на комфорната зона и на сметка на Вашите пионерски чекори, иновативноста и автентичноста во креативниот израз, буквално го поместивте нивото на домашната модна сцена...

-Откривањето нови светови е возбуда за вистинскиот креативец. Елена Лука создаде свој свет по сите правила :) Свет во кој принципите се светост. Уште во почетоците, кога ја дефинирав стратегијата на функционирање, излегувањето надвор од комфорната зона и откривање на тие нови светови за мене беше предизвик. Уникатниот израз и автентичниот дизајн по сите светски нормативи, можам слободно да кажам дека се најкарактеристичен белег на Елена Лука. Дизајнерскиот ракопис е препознатлив и авангарден, со високодефинирана естетика што носи еден свој единствен, неповторлив и безвременски идентитет. Дизајнот на Елена Лука има свој карактер и тука можам да го ставам акцентот на нашата комуникација со клиентите – се препознаваме по карактерноста и индивидуализмот, ставот изразен преку визуелната форма. Тоа што Елена Лука го создава ги надминува површинските сфаќања за модата – како тренд, како облека или сезонска тенденција и преминува на едно многу повисоко ниво на себеизразување, личен став и карактер пренесен преку моден дизајн.

Јубилејот го заокружувате со ексклузивна колекција што ќе биде промовирана на Модната недела во Софија?

- „It's old – it's new – it's Elena Luka X years after", под оваа симболична парола ја креиравме јубилејната приказна за новата ексклузивна колекција на Елена Лука. Бидејќи се работи за јубилејна колекција која слави исклучително значајна деценија за нас како тим, решивме да ја промовираме на една интернационална платформа која ги следи сите светски стандарди на модната индустрија, на Модната недела во Софија, соседна Бугарија. Промоцијата на колекцијата „Х" е закажана за 20-ти септември, во рамките на четвртата вечер од Модната недела во Софија, кога ќе настапат и други звучни имиња од глобалната модна сцена.

Секоја од креациите го има своето уникатно место при раскажувањето на модната приказна на Елена Лука. Од користењето на префинети материјали – како свила, кадифе, најексклузивни тантели, срма итн, до кроеви кои ја прегрнуваат женската различност, одлучив да ги обединам сите чекори кои ја направија оваа приказна и бренд единствени.

Со знакот „Х" што се проткајува низ колекцијата во различни форми се потенцира јубилејот на кој сум посебно горда, бидејќи ова децениско успешно работење е репрезент на сите заложби за уникатен, бескомпромисен моден дизајн во кој се препознава индивидуализмот како ракопис на уметникот.
Спојот на новото и старото, со нота на авангардност и луксуз што ги обединува сите креации, претставуваат одбележување на патот на успехот на брендот изминатите години, но воедно и нов почеток во кој ќе се задржи индивидуалноста, специфичниот уметнички израз по кој сме препознатливи и намерата да се приближи светски производ до секоја жена. Оваа колекција е мост помеѓу она што низ годините досега ја изградило модната куќа во креативна смисла, но и она што допрва ќе следи и што со сигурност ќе не приближи до нова публика и до нова деценија исткаена со препознатлив дизајн, уметност и префинетост.

Елена Лука остава безвременски белег во секој проект каде стои нејзин потпис. Дизајнерски сезонски колекции, специјализирани линии венчаници, сценска костимографија за театар, опера, телевизиски проекти, интернационални проекти... Листата е неверојатна. Но, што лично Ви е најголем предизвик?

-Да останеме доследни на себе... Независно за каква форма на изразувањ се работи, секогаш внимавам на тоа да го задржиме нашиот карактер, со кој пак го создадовме нашиот дизајнерски печат. Целиот склоп на околности на ова модернизирано и технолошки напредно време, нуди можности: или да се издвоиш од останатите и силно да зрачиш со посебна енергија и нескротлив индивидуализам или да се претопиш во едноличноста, па дури би рекла и безличноста, што е сериозна опасност за личниот идентитет. Затоа јас секогаш ги користам сите можности и целиот потенцијал да го потенцирам уникатното, да му дзволам на индивидуализмот да дише со полни гради, независно дали се работи за нова колекција, сценска костимографија или индивидуална креација за клиент. Ракописот на Елена Лука се препознава во сите нивоа на модниот дизајн.

Вашата релација со клиентите, често ќе кажете, дека Ви е светост. Како семејство кое секојдневно се шири... Па, каде се клиентите во приказната на Елена Лука? Што посочува десетгодишното искуство?

-Како што потенциравте, клиентите се нашето семејство. Релацијата која ја поставуваме со нашите клиенти е секогаш на долгорочно ниво. Изминатава деценија создадовме една ателјерска приказна во која секој наш клиент има свое значење и место. Суштината во функционирањето на Елена Лука е ателјерската приказна. Тоа подразбира исклучително внимателен однос кон клиентите, целосна посветеност на нивната приказна, изработка на уникатни дизајни кои се во хармонија пред се со нивниот карактер и животен стил, создавање на еден свет во кој нашиот клиент се чувствува посебно и привилегирано. Незаменливо е чувството кога приказната ја заокружувате со задоволен клиент кој во меѓувреме станал ваш пријател и дел од семејството на Елена Лука.

По Елена Лука се надоврзуваат престижни епитети и титули, Супер бренд е една од многуте. Која е Вашата дефиниција за супер бренд? Колку ваквото препознавање има удел во концептот на Вашата работа?

-Кога вашата вредност ќе ја препознаат релевантни фактори, секако дека импонира и мотивира. Иако не сакам да се врзувам за епитети и титули, почитувам секогаш кога се признава нечиј искрен труд и бескомпромисно вложувања, независно дали се работи за Елена Лука или било кој друг бизнис, бренд, индивидуалец, институција... Тежината на секое признание е во уште поголемата одговорност пред себе и пред другите. А големината и суштината на тоа да се биде бренд, со себе носи навистина многу начела што реално треба да бидат исполнети, а не само на хартија. Затоа Елена Лука никогаш не губи од својот континуитет и темпо на работа, покрај досегашните бројни признанија. Напротив, предизвикот е постојано да се надминувате себеси и само така ќе бидете вистински позитивен пример за останатите, а ние како бренд задолжително се придржуваме на тоа „непишано" правило.

Како исклучително успешен пример за жена во бизнисот која направила умешен спој на сосема различни аспекти на бизнисот и успешно функционира во таква хетерогена средина, што би ги советувале младите претприемачи кои се во својата почетна фаза?

-Сè се врзува за Вас, Вашите лични амбиции и афинитети. Невозможно е да функционирате на повеќе хетерогени полиња во бизнисот, ако не го сакате тоа што го работите. Паралелно моите бизнис светови се навистина различни, но ги поврзуваат истите принципи до кои секогаш се придржувам: професионализам на највисоко ниво, бескомпромисен квалитет, вистинските луѓе на вистинските работни позиции, секогаш отворен ум за нови видици, чекор со светските стандарди и креативност како одраз на индивидуалноста. Модната индустрија од една страна (Елена Лука) и архитектурата и генерално градежништвото од друга страна (Elena Luka Home), се моите два паралелни унивезуми што меѓусебе се надополнуваат и создаваат целина во која јас се чувствувам исполнето. Кога имате добра, квалитетна и иновативна идеја и имате јасна визија како сакате да ја моделирате Вашата идеја, не дозволувајте ниту една околност, колку и да е застрашувачка, да ве демотивира. Напротив, вербата во себе, во Вашата способност и квалитет, нека ви бидат водилка која ќе ве донесе до највисоките врвови колку и тоа на почетокот од вашата кариера да изгледа недофатливо!

Од оваа временска дистанца, ги остваривте ли предвидените амбиции што ги проектиравте пред 10 години, кога започна да се реализира идејата за Елена Лука?

-Јас имам една девиза, а таа вели: секогаш може повеќе. Тоа е некое мое мото што ме води низ секојдневните предизвици. Но, долгорочно ако погледнам наназад, од 2008 година до денес, нескромно ќе кажам дека навистина Елена Лука е моја гордост. Во почетокот Елена Лука беше амбициозна визија, а сега е моден бренд со реноме со уште поголеми амбиции. Она што за мене лично беше од суштинска вредност, е креирањето на бренд со идентитет – а Елена Лука својот идентитет веќе го дефинираше на сите нивоа. По една заокружена деценија, сега нè очекува нова декада со нови предизвици пред нас.

Во која насока ќе се развива брендот следните 10 години?

-Се надоврзуваме на јубилејот од 10 години со уште поамбициозни проекти, а секогаш доследни на нашите безвременски начела и принципи. Не постојат недофатливи цели ако им се посветите и континуирано работите на остварување на вашите соништа. Елена Лука пред себе има иднина полни со нови амбиции, нови соништа за кои верувам дека ќе не однесат до уште повисоки врвови.

Објавено:
4 септември 2018
Прочитано:
2.405 пати