водител

10 сезона ќе е посебна, затоа што ќе е последна

Интервју со
Жарко Димитриоски
19 октомври 2018

На тимот на „Еден на Еден“ му успеа тоа што на многу други не – да останат доследни, да одржат континуитет и да ја задржат популарноста.

Една деценија како Жарко Димитриоски се среќава „Еден на Еден“ со познатите личности од Македонија и регионот – значаен период во кој може да се види како се менувале и работите во државата, но и кај создателите на шоуто.

- Драго ми е што за овие 10 години останавме речиси непроменета екипа. Околу 80 проценти од луѓето од техника, преку логистика, се истите. Буквално остаревме со емисијава, пораснавме заедно.  Искрено, не можам да се сетам точно со која цел сме тргнале во целава приказна, но она што со сигурност можам да го кажам е дека ми се допаѓа каде сме сега. Само, сега сакам повеќе да се вратиме кон уживањето во снимање. Веројатно и јас сум се сменил многу за овие 10 години, но она што забележав е дека целата екипа низ годините стана исклучително професионална. Си зададовме високи цели, се трудевме да направиме сè да сме поефективни и поефикасни и тоа е ок. Но, од друга страна, во таквото функционирање постои опасност да заборавиш на она што во прв момент ти „го запалило оганчето“ и те направило страстен за таа тема и работа. Затоа, во оваа сезона сакам да си го вратиме задоволството, да ги пуштиме работите да течат, да пробаме повеќе да уживаме, а не само и само да работиме. Знаеш, со тек на годините, стана многу работа, обично тоа така бива. И сега сакаме навистина да му се вратиме на уживањето – го започнавме разговорот со Жарко, кај кој веднаш се забележа жарта со која зборува за емисијата.

А за тоа што да очекува публиката во оваа јубилејна сезона, ќе рече:

-Оваа ќе биде посебна, бидејќи ќе биде последна. Толку, не ми се работи повеќе – се пошегува и продолжи:

-Десеттата сезона ќе биде во препознатлив стил. Новитет ни е бендот. Ќе нè забавува бендот на Гуру Харе. „Пеперминт“ ќе останат дел од „Еден на Еден“, но не (само) во оној музички контекст во кој ги гледавме до сега. И тоа ќе биде најочигледната промена веројатно. Но, од друга страна, ќе се потрудиме оваа сезона да ја направиме помузичка. Тука не мислам само на песните од гостите или од бендот, туку ќе се обидеме да инкорпорираме музика и во самата содржина. Дел од монолозите може да бидат со пеење. Сакаме повеќе да се забавуваме, уживаме – вели Димитриоски.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onOct 19, 2018 at 4:54am PDT

 Не крие дека постоеле моменти кога почувствувал и презаситеност.

-Да, знаев да се почувствувам така, но чисто од аспект дека едноставно се случуваат многу работи одеднаш и немаш време на сè подеднакво да се фокусираш, а помеѓу другото и на емисијата и нејзиното создавање. А уживањето е токму во тоа – во создавањето на текстот, пробите, во тоа кога ќе изглезе нешто сосема спротивно од тоа што си го планирал, а ќе си речеш: „Види колку излезе симпатично“ и ќе го оставиш... Тоа се тие работи што те прават исполнет, среќен, задоволен. Имам супер тим и сè функционира одлично, но посакав и јас повторно да си се вратам на емисијата – потенцира водителот.

Дел од тимот стана и дел од екипата на Fashionel.mk powered by Elena Luka, задолжена за тоа како тој ќе се појави во емисијата.

- Вие сте цареви и навистина сте најдобрите. Комфор е тоа што и пред да биде оваа соработка, ние се познававме. Сакам да работам со луѓе со кои сум комфорен, само тогаш има ќеиф во работата. Ако има грутка или ако не се чувствувам слободен да кажам што мислам, тогаш ништо. Облеката е нешто многу важно и откако почнавме да работиме со вашиот професионален тим, почнав да добивам и реакции од типот на „Што ти се случило со вкусот, многу ти се подобрил“ и затоа немаше двоумење дека ќе бидеме тим и за оваа сезона.

Така, нашиот тим овој пат ќе ги прави комбинациите во соработка со City Fashion и Pierre Cardin. Во првите епизоди Жаре се појавува во комбинации во кафени тонови.

Во формирањето на стајлингот, секогаш внимаваме и се стремиме тој да се движи во контекст на трендовски, модерен и младешки изглед, кој вклучува боја и принт, а сепак да биде присутна и елеганцијата по која е препознатлив брендот, како и изгледот на водителот.

Со оглед на тоа дека одамна не постои емисија од сличен карактер во медиумите, а и пазарот ни е мал, гостите честопати се повторуваат, но Жарко на тоа не гледа како на проблем.

- Факт е дека многу се повторувале, но тоа е тоа, не го гледам како проблем. И постои една вистина, а тоа е дека сè додека има рејтинг, нема проблем за гости. На тоа се сведува. А постојат луѓе како Џамбазов или Сашко Коцев што па на нас ни се многу драги, пријатели ни се и не можеме ни да се замислиме без нив. Да не ни дојде Влатко Стефановски да промовира албум или концерт, би ми било чудно,бидејќи пред сè друго, тој ми е голем пријател.

А во изминатава декада постојат многу моменти на кои ќе се сеќава и се надева дека најдоброто допрва ќе следи.

-Гостувањето на Ник Вујичиќ целосно беше преубаво и мошне инспиративно. Владо Георгиев и неговите гостувања, посебно кога пееше на хелиум, навистина беа забавни. Игор Џамбазов кршеше шише, Маријана се качи на маса да игра, а тоа беше момент за кој и ние не знаевме дека ќе се случи. Не знаевме дека планира такво нешто и кога го направи мојата реакција исто така беше бесценета. Има и посериозни моменти, на пример интервјуто со Лино Червар за мене беше посебно бидејќи беше длабоко и искрено. Драго ми е што речиси и да нема некој што не сум го угостил. Ете Чолиќ не дошол но можеби ќе дојде сега :). Ќеиф ми е дека и гостите сами сакаат да гостуваат, бидејќи знаат дека ако нешто промовираат, треба да дојдат, бидејќи во спротивно тоа фали во целиот план за промоција – сподели водителот.

Оваа година за него е посебна, не само поради фактот дека успеа еден проект да го води цели десет години, туку и поради тоа што се најде на листата на „Форбс“ на најуспешни „30 under 30 Europa“ и тоа во категоријата за „Media&Marketing“. За тоа дали тоа придонело макар во еден момент да се почувствува како „ѕвезда“, ќе рече:

-Не,  овде вооошто не го доживувам тоа така, а дури таму си никој и ништо :). Супер е кога некој ќе те запре, гледаш да му вратиш со иста мера. Убави се сите тие работи, и зависи како ги поимаш. Јас ги поимам како нормални, затоа што од шест години ми се случува тоа. Дури сум бил и попопуларен кога сум имал 10 години. Таков ти е животот и за друго не знаеш. Не сум посакал никогаш ниту да се изолирам, бидејќи тоа ќе значи дека бегаш од себе, тоа не си ти. Тече работата со „Форбс“, но некако имам недостаток од време. Треба да бидам соработник, а за да бидам тоа, обврските и времето не се на моја страна :). Има многу моменти кога мораш да одбереш што ти е поприоритетно. Во моментов чувствувам дека тоа е емисијата, после подолг временски период. И сакам така да биде, сакам да се вратам на корените. Од многуте работи што ги правиме, мене емисијата ми е најголема љубов и би сакал да си се вратам на љубовта. Кога ќе почнеш да функционираш како машина и само да елиминираш работи од списокот, губиш од љубов – потенцира Жаре.

А кога сме кај љубовта, на приватен план вели сè е како што треба да биде.

- Девојка ми ме тера да се земеме, но јас ѝ викам, чекај многу работа има, кој ќе го чува детето, сама ли ќе си го гледаш – се пошегува и продолжи - Таа е одлична поддршка и ако треба да посочам нешто од сето ова, тоа е секој да си најде партнер што го разбира. За било што. Ако си амбициозен, работата често ја ставаш пред сè друго. Јас сум задоволен од себе, но никогаш до крај, што е и лошо. Треба да е човек задоволен, има зошто... Но, таа амбициозност е некогаш проблематична. А ако немаш партнер кој ќе те разбере сосема, ќе патиш и ќе пати и тој до тебе. Затоа, многу сум среќен што се најдовме – искрен е Димитриоски на крајот од разговорот. 

Новата, јубилејна сезона на тв-шоуто ќе почне да се емитува в недела, 21 октомври на Канал 5.

 

Објавено:
19 октомври 2018
Прочитано:
3.135 пати