музичари

Вистината е најгласна!

Интервју со
Дино и Ади Имери
25 декември 2017

Неодамна станаа посебно актуелни поради ангажманот за музиката за серијата „На терапија", но нивната ангажираност и успех во полето на музиката почнува поодамна, со уште многу други проекти зад себе.

Македонската филхармонија беше местото каде што неодамна се сретнавме со двајца обожаватели на уметноста, браќата Дино и Ади Имери. 

Срдечно ја прифатија нашата покана за разговор и непосредно со нас ги споделија своите размислувања, дел од навиките, ни открија дел од она што тие се - љубители на вистината, уметници, музичари што ја впиваат сета нејзина магичност и моќност, но и пријатели, колеги, партнери... Сосема “обични“, а “ѕвезди“ под рефлекторите на сцената, во ова наше празнично интервју посакаа 2018 година да биде исполнета со здравје, отворени срца и многу уметност!

А за нивните почетоци, предизвици, семејство, секојдневие, односот кон музиката, како и првите сеќавања за овој период од годината, ве оставаме да уживате во продолжение:

Како започнува приказната со пијаното/гитарата?

Дино: Клавирот ми е врежан во најраните сеќавања. Не можам да се сетам на некое време кога не бил тука, можеби и поради тоа што сме растени во музичко семејство, па и тоа има некакво влијание, кое никогаш пак, не било наметнато. Многу сме благодарни што имавме родители што не нè форсираа да се занимаваме со тоа. Бевме оставени сами на себе и на нашата љубопитност, да одбереме со што ќе се занимаваме. Мојата љубопитност ме однесе натаму и клавирот стана мојата алатка на изразување на она што длабоко го чувствувам.

Ади: Пред да се појави бендот „Квин“ во мојот живот, размислував строго перкусивно. Но, со појавувањето на Брајан Меј, нивниот гитарист, добив “повик“ да се занимавам со гитара. Но, сега веќе сме во стадиум кога инструментот не прави некоја разлика. Сега веќе, музиката е најважна.

Кој извршил најголемо влијание врз вас како личности и како музичари?

Ади: Сите ние сме збир од своите искуства – сè што (не) сме доживеале, прочитале, сè е тоа големо влијание на секојдневна база. Никогаш не сме застанале и не сме биле носталгичарски свртени кон нешто што ни се случило, да го глорифицираме како момент, како почеток на некое доба во нашиот живот. Заради природата на нашата работа, која пред сè е внатрешна, не можеме да дадеме одговор што би подразбирал конкретни личности или настани. Сè има своја намена во животот.

Дино: Сите луѓе што ги среќаваме во нашиот живот не се случајни. Секој е или благослов или лекција. Благослов се нашите родители. Имавме среќа да растеме со такви родители што и покрај тоа што и двајцата беа и сè уште се во светот на музиката, никогаш не се обиделе да ни го скратат патот, да нè направат привилегирани заради тоа што тие се. Секогаш нè оставале самите да си го издвоиме патот. Благодарение на тоа, ние денес ете можеме да се пофалиме дека сè што сме направиле, сме направиле сами, да не бидеме во сенка или да мораме да благодариме некому за нешто. Нашата професија е многу тешка и тие тешкотии се одвиваат вон сцената. Тие тешкотии ги гледаме во секојдневнието, од самото будење па до крајот на денот и како се носиме со емоциите, нервите, духовни работи што не се секогаш објасниви за луѓе што не се занимаваат со креативна работа. Многу е тешко да се биде уметник, музичар и многу е добро што уште на почеток имавме можност да растеме во средина каде ќе се величаат трудољубивоста, искреноста, почитта, вистината, а не надворешните успеси и минливите работи.

фото: Маја Аргакијева

Ако музиката е приказна без зборови која/каква приказна вие сакате да раскажете?

Дино: Вистината. Вистината за нештата, за природата на работите, за тоа што значи да се биде човек, да се трага по одговорите. Да се биде искрен во тоа што го работиш е реткост денес. И музиката како таква е моќна работа, која многу често се злоупотребува и користи за манипулација за да се дојде до други работи – богатство, влијание, социјален статус, финансии. И тоа е еден вид расипување на она што претставува вистинска уметност и музика. Од една страна тоа е пат што е многу полесен, но за мене потежок бидејќи се коси со моите вредности. Така што, да се говори вистината е голема работа – дали во уметноста, или со користење на зборови... како и да е, таа приказна што сакате да ја раскажете, ако е вистинита, тогаш “штрчи“, пречи, на сè она што е лажно. И тоа е дел од патот на нас уметниците. Секој уметник мора да се соочи со предрасудите кон самиот себе, но и делата што ги создава. Уметноста ги поместува границите и нè потсетува на вистински важните работи.

Што е погласно: Тишината или музиката?

Дино: Најгласна е вистината! Таа некогаш повеќе ја има во тишината - на пример, кога ќе изгубиме некого што го сакаме, преку неговото отсуство, преку тишината ја чувствуваме болката, тагата. Или во моментот кога некоја песна или мелодија ја врзуваме за некој човек што ни е драг, а го нема, тогаш музиката може да биде таа што ни ја кажува вистината. Така што, и тишината и звукот се испреплетени работи.

Ади: И присуството и отсуството на звукот имаат своја намена.

фото: Маја Аргакијева

Музиката за „На терапија“ беше ваш заеднички проект. Дали е прв од таков тип и како изгледа кога браќа разменуваат музичка креативност?

Ади: Тоа беше прв ваков, професионален, јавен проект. Инаку, ние заедно свириме музика, споделуваме податоци откако знаеме за себе, од малечки на тој начин си играме еден со друг. За нас тоа не е ништо ново. Но, овој пат бевме ставени во една интересна ситуација, каде што требаше да формираме речник на материјали со кои што ќе ја раскажеме приказната на серијата.

Дино: Уште еден голем предизвик беше временската рамка. За многу кратко време од нас се побара да сработиме нешто што навистина сакавме да биде на највисоко можно ниво. Оваа серија значеше нешто ново од она на што секојдневно сме изложени во нашиот етер. Знаевме дека ќе допре до многу луѓе, но не бевме оптоварени од тоа дали ќе го задоволиме вкусот на другите. Едноставно, сакавме да го најдеме речникот, како што вели Ади, на самата атмосфера во серијата. Ако сте ја гледале, ќе забележите дека музиката во текот на една епизода се појавува многу малку. Можеби најголем предизвик беше да се одреди во кој момент каква музика ќе оди. Во тие 45 епизоди ние не повторивме ниту една трака, освен шпиците. Така што, за кратко време 45 епизоди ги третиравме како 45 различни филмови, со чувство на одговорност бидејќи ќе допре до многу луѓе.

Како денешните трендови во рамки на Интернетот, социјалните мрежи влијаат врз перцепцијата на класичната музика?

Дино: Технологијата е како лупа. Сите работи се ставаат под лупа и можеби полесно излегуваат на виделина. Мислам дека луѓето често грешат кога се обидуваат да ја популаризираат. Зошто класичната музика да биде популарна? Не може да биде...по самата нејзина содржина, начинот на кој се изведува, стереотипите прилепени низ годините.

Ади: Можеби и поради архаичната природа на повеќето изведувачи.

Дино: Според мене зависи и како ќе ја користите технологијата. Може да ја користите за да продадете нешто. Може да ја користите да го раширите зборот за она што го работите, за да допре до повеќе луѓе, но и двете се во ред. Класичната музика секогаш ќе има љубители и ентузијасти што ќе доаѓаат на концерт и секогаш луѓето ќе преферираат повеќе да дојдат на концерт во живо, да го доживеат тоа, затоа што музиката не е чисто аудитивно искуство. Има многу врска со духовноста, појавата на уметникот, комуникацијата со публиката. Сè е тоа многу живо и во суштина правиот уметник не би требало да дава преголемо значение на технолошките работи. Тоа е само различен начин како да се презентира истата работа.

А што со коментарите дека не сме доволно образовани, не знаеме да се однесуваме на таков вид концерти?

Дино: Не е дека не знаеме да се однесуваме, можеби премногу ни кажувале како да се однесуваме. Сите луѓе трагаат по тоа да се среќни, спокојни, да бидат во мигот на нештата. И секогаш кога ќе видиме некој човек што безусловно го сака тоа што го работи, одеднаш тоа нè привлекува. Јас уживам кога ќе го видам соседот со каков ќеиф си ја уредува градината, а јас лично никогаш не би го правел тоа. Или нашата покојна баба кога правеше ручек. Тоа е сласт, екстаза, уметничко дело. Таа прави пита... но во таа пита има нешто... Така и со класичната музика. Има премногу луѓе што се “застранети“ во таа уметност, ја работат за да заработат, за престиж, да се каже за нив нешто, а тогаш се губи поентата. Оваа уметност е репродуктивна, затоа до некаде може да се протнат и луѓе што не создаваат, туку само репродуцираат композиции на други луѓе. И на тој начин, низ една мала врата можат да поминат оние што не би требало да се занимаваат со музика. И тука класичната музика трпи, не само кај нас, но и на глобално ниво. Во класичниот свет има луѓе кои важат за ѕвезди, а не се толку обдарени.

Ади: Можеби кога самиот термин “класична“ би се избришал и би останала само “музика“ и кога ставот на самите артисти што ја изведуваат би бил унифициран, кога би сфатиле дека сите сме под истиот чадор, сите сме проширено семејство што нема врска со жанрови, инструменти, модус операнди, начин на работа. Кога самите артисти би го отвориле срцето, верувам дека сама ќе си се заврши работата. И во секој жанр има 90 проценти деривативно ѓубре и 10 проценти чисто злато.

Честопати нагласувате дека имате широки интереси. Како се “штитите“ од креативен хаос?

Ади: Многу важен момент овде е мултидисциплинарниот пристап кон креативноста на кој нашите родители нè охрабрувале уште од деца, а тоа е дека не секогаш можеш да го најдеш одговорот низ твојата призма. Некогаш мораш да се оттргнеш и да ги погледнеш работите од друго светло. Дали метафизички, физички, уметнички, преку инструмент, книга, јазик, филм, спорт, што и да е...

Дино: За мене дисциплината, внатрешната дисциплина, игра голема улога, затоа што поминав школа која ме спреми од тој хаос да направам ред. Имав можност да работам со педагози од Русија кои кај мене вродија една работна етика која ретко ја гледам, посебно кај млади луѓе. Самиот пристап и дисциплина кон она што го работите, иако навидум сè е дозволено, е дека мора да знаете што правите во одреден момент и зошто. Во спротивно може човек многу лесно да се изгубите. Секое седнување со инструментот или компонирање за мене е лично мое интимно искуство. Меѓутоа добрата школа, подготовка, искуствата ме научиле да знам што е добро, што функцонира – што не, што е аматеризам, а што професионализам. Многу лесно се препознаваат фолирантите во нашата професија. Наспроти ренесансниот човек, каде што да се биде успешен значело да се има широки познавања од многу области, сега сите сме специјалисти за нешто. Мене тоа отсекогаш многу ми пречело. Од професорите сум бил насочуван да го работам исклучиво тоа што сум го одбрал. Но, свирењето на пијано никогаш не ми било доволно, па сум сакал да имам и други познавања, кои пак ми ги ширеле хоризонтите во тоа за што сум се одредил.

Какво е функционирањето во група наспроти соло настапувањето?

Ади: Во зависност од условите што ги диктира наративот на приказната што пробувате во моментот да ја раскажете, се појавуваат и условите. Лично, во шанси не верувам. „Шанса е кога не сте свесни за условите“. А секој услов диктира свој систем, начин на работа. За мене нема некоја разлика во тоа да работиш како солист или во група. Бирам соработници со кои знам дека можам да завршам некоја работа, кои се корисни.

Дино: Во поглед на класичната музика, секогаш имаме помала контрола во смисла на бирање соработнци, особено ако сте солист со филхармониски оркестар, кој има определен диригент кој раководи со оркестарот. И има еден момент на ризик - вие не знаете како ќе биде. Мене тоа ми се допаѓа. И не сте секогаш задоволни од човекот со кој треба да соработувате. Тоа е секогаш искушение за уметникот. Има избор – или ќе се сожалувате или ќе го прифатите и ќе го пронајдете најдоброто во него и да се обидете тоа да го исканализирате во уметноста. Во тој поглед сум имал соработки кога првин сум имал негативен став, или предрасуда, лошо искуство, отпор, но по пат на себеистражување и во обид да се прифати човекот со сите аспекти, сум нашол нешто неверојатно добро. Можеби и јас на многу диригенти сум им бил трн во око, но се обиделе да најдат заеднички јазик и во тоа е суштината. Уметноста така го крева човекот над оваа магла. Уметноста е над политиката, социолошките случувања, природни феномени, таа едноставно е најуниверзален јазик и нè крева од овој кал во кој секојдневно се наоѓаме.

Ади, тоа што Ве нарекуваат “Рок Бог“, прави да се чувствувате...?

Ади: Не знам... Можам само една работа да кажам - од титули од било каков тип ми се ежи кожата.

Дино: Но, од друга страна, сите луѓе се богови, бидејќи имаат можност да создаваат нешто... Можеби звучи арогантно да си речеш „Јас сум бог“. Луѓето мислат дека одењето по вода е чудо. Но, за мене чудо е кога ќе видам самохрана мајка со три деца, што работи три работи и успева да стаса секаде и успева да ги одгледа да станат луѓе. Таа е суперхерој. И тоа е Бог за мене. Зборувам и како родител и како човек.

Ади: Сите имаме потенцијал за тоа секојдневно, но забораваме. Растеме и ги забораваме детските идеали и игри, желбата за маскирање, за бидување различна личност секој ден... Кога луѓето би сфатиле за што сè се самите способни, ќе се изненадат и титулите ќе им бидат смешна работа.

Од оваа перспектива, како гледате на концертот во Градскиот парк, кога се свиреше „Пинк флојд“ под отворено небо, а кој остави голем впечаток кај многумина што го споделија тој момент со Вас?

Ади: Баш ми е драго што допрело до многу луѓе. Беше посебна вечер полна со тежина, предизвик. Но, природата на мојот карактер не е таква да се навраќам на настаните. Оттогаш наваму се случија толку многу работи во мојот живот. Публиката гледа саат време од твојот живот. Не гледаат што си поминал за да дојдеш до тој момент, или што ќе поминеш кога ќе заврши. Во секој случај, бидејќи сега ме потсетивте, беше прекрасно искуство. Самата природа на таа музика е трансцендентална. Страшно добро искуство. Но, сега веќе ми е низ магла.

Дино, имаат ли класичните музичари менаџер?

Дино: Има такви што имаат и такви што немаат. Треба да направиме разлика помеѓу музика и музичка индустрија/бизнис. Многу луѓе се чудат, но патот до музичката индустрија, во суштина е многу лесен. Само прашање е колку човекот е спремен да даде од својот живот за да стигне таму. Целта на таа машинерија е остварување на финсиски приход. Како и впрочем на секоја друга индустрија – филмска, машинска... На тие луѓе што сакаат да се продаде тоа што го работат, секако потребни им се луѓе од индустријата- агенти, менаџери... Но, јас многу рано го одбрав својот пат и одлучив да не се занимавам со тоа. Сфатив дека немам време, дека сакам да се занимавам со вистинска уметност, бидување родител - што е исто така уметност. Секој пат си носи нешто свое. Овој пат што јас го одбрав се означува со бесконечна слобода на духот, господарење со своето време, ослободување од тоа да мора да му објаснуваш некому зошто нешто правиш, а најголемо време се губи токму на објаснување, каков ефект ќе предизвика, колку пари ќе потрошиш... Кога една дискографска куќа ќе ви даде половина милион долари да снимите плоча, вие тие пари мора да ги оправдате. Тоа е кредит. Во вас се вложува одредена сума пари и од вас се очекува, не да ги вратите, туку да ги надминете повеќекратно, за да се исплати инвестицијата. Тоа е чиста бизнис пресметка и тука малку има простор за музика. Мене не ме застапува никој. И мислам дека никој не може да ме застапува подобро од мене самиот. Тоа е разликата. Сепак, мораш да живееш од нешто, но многу сум среќен што не живеам од свирењето и тоа остана мој храм, моја слобода. Се занимавам со педагогија и тоа на еден свој начин ме исполнува и сум ослободен да имам нормален, солиден живот, бидејќи и самиот немам некои големи потреби, пред сè од финансиска природа.

Добивте нова концертна сала, па колку условите во кои се работи се важни за тоа како ќе изгледа крајниот резултат?

Дино: Идеалните услови не се секогаш гарант за добриот настап. Секогаш кога сум одел во странство, бидејќи тогаш немавме вакви услови како сега и навикнат бев на мизерни услови, кога ќе се појавев во некоја концертна сала низ Европа каде условите се сјајни, тоа доаѓаше како своевидна награда. Но, забележав една чудна работа, колегите од тие земји, што се навикнати на тие услови, ги сфаќаат здраво за готово. Едноставно, немаат предизвик. Јас имав искуства да свирам на скршени и расипани клавири, на улица, во концертни сали без парно, без тоалет, вода, без најосновни работи и секогаш сум го дал најдоброто од себе, без разлика каде настапувам – село, град, престижна сала, Дом на кутлура.. Едноставно тоа е однос на уметникот кон уметноста. Во таа смисла, не мислам дека значат многу. Во друга смисла, да се чувствувате како нормлаен човек на своето работно место и тоа како е значајно. Во човечка смисла, треба да се стремиме кон што повисоки стандарди. Во уметничка смисла, малку ви треба за да создавате уметност. Има деца во ГТЦ кои седат на земја и создаваат уменост и не ги интересира друго.

Како гледате на односот музичар – музичка рецензија од стручно лице?

Ади: Мора првин да се прашаме што се стручни лица. Тоа секој од нас треба да си го постави. Кој е тој човек на планетава кој што ќе го креира твето мислење? Зошто да го креира? Зошто да има моќ врз начинот на кој што ти ги гледаш работите? Овие прашања треба да ги поставуваме секогаш кога ќе си дозволиме друг да влијае на мислењето што ние самите го имаме за себе. Кој е тој што ќе му каже на Квинси Џонс дека  неговата вредност е помала бидејќи работел на комерцијални плочи, наместо џез или класика? Сметам дека самите треба да си ја креираме културата, а не да ни ја креираат луѓе на кои им е дадена моќ тоа да го прават. Односот рецезент и сторител на некоја дејност не треба воопшто да постои. Кога на дете мало, што уште нема развиено свој речник, ќе му пуштиш музика ќе знае да препознае што е добро а што не. Внука ми на „Битлси“ се врти во круг од што ѝ е убаво, се смее. Не можеш тоа дете да го излажеш со рецензија или нешто друго. Мора да е транспаренто.

Дино: Кога ќе отидеме на сајт за филмови, најголемите достигнувања во кинематографската индустрија ги нема во првите 1000 најдобри филмови по сите ранг листи, исто како и хитовите од нашата фела. Какви сè песни стасале до број еден, тоа е голема трагедија. И тоа е мерило за успех... Нашата работа е многу непосредна. Доаѓаш на концерт, слушаш и имаш впечаток. Рецензиите се поврзани со индустријата што ја споменавме пред малку и се користи како маркетинг за да се привлече внимание кон одреден продукт за да се продаде. Од друга страна, имате луѓе што можат да си дозволат сè најдобро, од рецензии до услови за работа, но пак немаат публика, не му ја слушаат музиката. Не можеш да лажеш.

фото: Маја Аргакијева

Колку внимавате на тоа што носите кога настапувате?

Ади: Облеката е потреба за да можам да функционирам низ животот, да се заштитам од студено или топло... Облеката што ја носам е и јаз помеѓу тоа што сакам да кажам и тоа како изгледам. Внимавам облеката да не го одзема вниманието на музиката.

Дино: Во мојата струка постојат кодекси на облекување. Тоа порано многу ми пречеше. Се согласувам комплетно со ова Ади што го кажа. Но, потоа начинот на облекување го сфатиив како гест на почит кон публиката, кон свеченоста на моментот. Во тој поглед, внимавам на настапите да носам облека на која ќе ѝ се постави доволно внимание за да го испочитувам сето она погоре кажано, а пак да не пречи на музиката, да не биде во преден план и да не претставува некој мој личен фетиш. Да изгледам реално. Во тој контекст, мислам дека на луѓето кога-тогаш ќе им здосадат Кардашијанки, некои модни начела кои “мора“ да се почитуваат. Кога сме со луѓе што нè сакаат, не ни е важно што носиме. Можеме и во пижами да си разговараме. Но, кога не ги знаеме, впечатокот е сепак важен.

Кои се вашите дневни ритуали?

Ади: Се трудам да бидам присутен, тука и сега.

Дино: Убаво е сите луѓе да најдат убавина во обичните работи. А често не го правиме тоа. Се бричиме за да бидеме избричени, јадеме за да бидеме најадени. Процесот на правење нештата е многу убав, а тоа го сфатив со мојата ќерка. Секое утро сака со мене сака да ги мие забите. Сака и со мајка и, но со мене посебно. И таа од миењето заби прави спектакл, прави фаци пред огледало, смеење... Од обично миење на заби, таа прави радост. Пак децата се тие што нè потсетуваат дека треба животот да го живееме. Откога првпат ми го направи тоа, следното утро јас почнав сам на себе да си правам фаци и ми беше супер. Не е важно какви се ритуалите, туку како ги доживувате.. Животот треба да си го направиме да ни биде спектакл. Уживам со луѓето што ги сакам и во обичните работи, што можеби до некаде е резултат и на оваа “луда“ работа со која се занимавам. Можеби овие работи нè држат во нормала. Многу ми е важно да имам нормален живот, да имам време за своето семејство, за себе. Времето, вниманието и љубовта се најголемите подароци што може да ги добиеме.

фото: Маја Аргакијева

Кои ви се првите сеќавања за новогодишниот период?

Дино: Кога се изгуби Ади на плоштад. Беше Нова година, имаше гужва на плоштад и бев многу исплашен за него и со татко ми го баравме 30 минути мислејќи дека го нема. И го најдовме меѓу куп книги... Порано имаше дрва, книги на плоштад, игри, сè беше поинаку, луѓето ги купуваа тие работи. Ади беше фанатик по игри, книги, по стрипови и сè уште е. И секогаш јас морав да бидам тој што ќе види што наумил Ади следно, па и јас тоа да го прочитам, направам.. Тогаш  си реков, подобро да е некоја многу добра книга што го изгуби брат ми толку :)

Ади: Купување на лампиони и елка со мајка ми во старата стоковна куќа на плоштад. Тоа го паметам многу добро, а Дино тогаш сè уште не беше роден.

Каква 2018 си посакувате?

Ади: Не сакам да планирам ништо. Сакам да видам кај ќе нè однесе животот, да бидеме доволно отворени, транспарентни, со отворено срце, да ги прифатиме новите предизвици.

Дино: Јас на Ади ќе му посакам многу здравје, за да продолжиме да си се радуваме еден на друг. И на сите луѓе тоа им го посакувам. Има луѓе што се борат со секакви работи. Професионално, за 2018 имам многу планови. Се надевам ќе биде година во која луѓето ќе се ослободат од многу работи, ќе го отворат срцето кон убавината и вистината. Во што и да работиме можеме да најдеме уметност, така што во 2018 година посакувам многу уметност и здравје.

Објавено:
25 декември 2017
Прочитано:
1.114 пати