диџејка, водителка

Би се телепортирала барем уште една ноќ во нашиот „Зи Зи Топ“ клуб

Интервју со
Вера Јанковиќ
9 јули 2018

Таа е една од жените што може да се пофали дека целиот работен век го работи она што го сака. Речиси 30 години е диџејка, цели 14 беше заштитно лице на „Макфест“, каде беше водител и сценарист... Врсниците ја паметат и како вокал на групата „Психо“ од тинејџерските денови, но можеби најмногу емоции буди урбаната приказна во која беше испреплетена и љубовната со нејзиниот сопруг Зоран Јаковиќ – Бајо. „Зи Зи Топ“ беше ноќен клуб што одбележа неколку генерации.

Вера Јанковиќ е нашиот нов соговорник. Токму за ова време како и за некои животни и женски теми зборувавме неодамна со неа.

Непосредна и насмеана, и да ја гледате за првпат, ќе добиете впечаток како да ја знаете отсекогаш. На нашата средба во салонот на модната куќа „Елена Лука“ дојде во свој препознатлив, рокерски стил – искинат џинс, палто со беџови, очила, мартинки...

- Секој има карактеристична личност, свет од убедености и мислења. Со тоа ние го користиме нашето тело како платно за проекција на нашиот идентитет. Нема потреба да им раскажувате на луѓето за вашата личност – облеката ќе зборува за вас – вели Вера.

Пиејќи го првото „утринско“ кафе попладне, прокоментиравме за времето  и навиките. За тоа на кои навики им остана доследна низ годините вели:

-Одговор за скоро сите прашања кои стигнале на мојата адреса имала музиката... И таа секогаш ќе има! Пораснав со ЕКВ, го менувам денот за ноќ, ноќта за ден -  „као да је било некад, као да је било ту, под великим светлим сунцем, под великим светлим сводом...“ Ако немате морални прашања, немате процес кој ќе преживее. Мирот е секојдневна борба, а тоа трае и ќе трае. Ѝ се поклонувам на нејзиното височество музиката, што ми овозможи целосна реализација на мојата животна скица. „Чувам ноќ од будних“ - ноќта е мојот пријател, на сопствената музика (онаа со која ги радувам поклониците), игра танго со животот. А, дење - дење ги полнам батериите за следната авантура. И на крајот, го почитувам начелото кое гласи: „Не можеш да следиш нешто доколку не знаеш зошто го следиш!“

За својот младолик изглед вели, може да му заблагодари на генот. Признава дека шминка отсекогаш сакала и ја интересирало. Сепак, свесна за врската помеѓу духот и телото ќе рече:

-Телото и духот се романтични љубовници... Доколку едниот си замине, другиот тагува. Тоа е магичниот круг по кој се движиме („јер овај круг сам смислио, овај круг сам створио“)... Рани душа да те слуша. Ја знаете онаа приказна за човекот и дрвото - направени се од иста ДНК. Дрвото го дише она што ние ќе го издишеме. Кога дрвото ќе издише, тоа е она што ние ќе го вдишеме - заедничка судбина. 

Додека разговаравме, Вера веќе го пробуваше својот нов стајлинг - црн коктел фустан од модната куќа, од последната колекција - „X“, близок до нејзиниот естетски сензибилитет. Таа и домашниот моден бренд „Елена Лука“ имаат долгогодишна соработка, создавајќи авангардни изгледи за нејзините јавни појавувања. Не крие дека еден од оние што посебно привлекле внимание и бројни позитивни коментиари е стајлингот од „Скопски фестивал“ каде настапи пред четири години.

 

Гледајќи се во огледало, ја прашав, што си вели самата на себе кога се гледа во него:

-„Ја имаш огледалце драго, таа привилегија и среќа во свои рамки да ја вметнеш и рефлектираш оваа убост од енергија и лик“;) – се пошегува, па додаде:

- Скромноста не смее да биде ничија доблест... па ни моја.

Вера е веќе во шестата деценија од животот, но негата за која погоре зборува, всушност го негува и детето во неа. Но, исто така, не дозволува да замре и женскиот сексапил, а за тоа ќе посведочат и фотографиите во прилог на текстот.

За тоа како каква жена се доживува, искрено и конкретно вели:

-Жена со неподнослива леснотија на стил и неодоливост. Онаа на која животот ќе ѝ остане вреден и запаметен, онаа за која не постои друго време освен времето за работа и времето за љубов. Онаа која научи дека стануваш незаменлива доколку одлучиш да те препознавааат како различна. Фала ти Коко Шанел (In order to be irreplaceable one must always be different).  Ме препознаваат како предизвик кој секогаш за себе размислува гласно!

Со професионален и животен багаж зад себе, одамна веќе е на чисто со себе, знае точно што сака, кога се чувствува пријатно, а кога не, директна е и јасна во своите барања. Вели, со годините не се менува ниту поимањето на љубовта, ниту пак на животот.

-Се менува само бројката на парче хартија, се менува бојата на ѕидот и рамката на огледалото во кое го гледам сопствениот одраз. Енергијата е константна величина! Таа е нашиот modus vivendi! Енергијата и законот на музиката: таа е храна, колку ја имаш во себе, толку љубиш, толку чувствуваш, толку живееш. Музиката е онаа уметност која од најрани денови ме враќа во себе, ме смирува, ја обновува смислата и вербата во она за кое живееме и постоиме. Сите спомени живеат во музичката кутија, спакувани како магична рапсодија, разиграни со вашиот омилен колорит. Таа е најчудесниот доказ дека не сме сами и изгубени – смета таа.

На прашањето што би задржала од сегашноста, а што би вратила од некои минати времиња да може, искрено ќе каже:

-Љубоморно чувам сè и од сегашноста и од минатото и оставам совршен простор за она што доаѓа како логична последица на сето она што го живеев со години кулминативно. Би се телепортирала барем уште една ноќ во нашиот „Зи Зи Tоп“ клуб, би испила барем уште еден бурбон на шанкот на кој се врежани нашите имиња и нашите изведби. И на крајот, ќе го цитирам Бајо - Да го оставам Зи Зи да си почива во мир! Ни помалку, ни повеќе! Тоа сме што сме!

Додека ја договаравме средбата, помеѓу работните обврски, Јанковиќ честопати беше на пат. Патувањата се нејзина посебна страст и возбуда.

-Патувањата се мојот животен стил. Најдобрата инвестиција за сите времиња. Само оние со пот заработени пари, а вложени за уште една авантура се вистински потрошени пари за себе. Само на тој начин го храниш секој атом, кој пак ќе ти возврати со енормно количество енергија со која остатокот од животот ќе го одбележиш и запечатиш како маестрален крај и почеток на една човекова приказна. Многумина за жал го заборавиле упатството за живот на земјата.

И кога веќе ја почнавме оваа тема, ја прашав да има времеплов, во која музичка и/или модна ера би сакала да се врати.

-Јас имам времеплов! Не случајно мојот диџеј сет е насловен како „Back to the future“ – враќање во иднината. Ова се однесува на сето она што е основна карактеристика на ликот и делото на Вера Јанковиќ. Цело е кога има сè! Мојата приказна се чита со еден здив, исто е дали ќе ја почнеш од почеток или од крај, битно е да не пропуштиш некоја страница. Поентата е, да дадеш голема почест на целата креација. Што се однесува до музиката, мојата временска машина знае добро да „натанка“ гориво во осумдесетите – потенцира Јанковиќ.

А нејзината приказна не е поштедена ниту од подеми, радости и среќа, но ниту од падови, болка и разочарувања. На прашањето дали научи и како се справува со разочарувањата во животот, ќе каже:

-Ќе се навратам повторно на еден од многуте култни и луцидни совети на дечкото од мојот живот – знаеше да каже: „не постои термин разочарување, постои само период на инкубација до моментот кога ќе се соочите со некоја чудна, несвојствена карактеристика и реакција на оној што нешто ви значи во животот“. Па, и тоа е нормален детаљ од циркусот наречен живот. Одиме понатаму! Разговарај сам со себе, направи ќеиф на умот и телото, купи си убаво парче, напрскај се со омилениот парфем, остави мирислива трага пред и по оној што ти застанал на патот. Нема време за поправен! – посочува Вера, додавајќи дека насмевка во денешно време ѝ мамат ведри, позитивни, обични, а сепак духовно богати луѓе.

Не можевме а да не го споменеме и „Макфест“, фестивалот во кој остави препознатлив белег, кој растеше, се менуваше и оформуваше, со неа цели 14 години.

-Ви недостасува ли „Макфест“?

-Тоа ти е драга моја, како да те прашам, дали ти недостасува најмилиот во твојот живот? - одговори Вера обединувајќи го во тоа прашање сè она што го чувствува.

Компромисот никогаш не бил нејзин избор, ниту во животот, уште помалку во музиката. Како гледа на новите трендови во оваа насока?

-Секогаш гледам од многу високо. Та, не за џабе сум јарец :) (во хороскоп). Секој со своето, секој со својата музика, со своето време. Господарка сум во сопствениот музички микрокосмос, не ги задевам останатите, нека не ме задеваат и тие мене. Го позајмувам само она што го радува моето уво, ретко али големо задоволство.

За крај, ја прашав и за што мечтае во последно време:

-Мечтаам за брза и ефикасна реализација на сите мечти. Добриот глас надалеку се слуша. Тоа ќе ни биде основа за следниот муабет. До тогаш – здрави и живи! – остана по малку мистериозна и ни даде повод за нова средба.

 

 

 стајлинг: Elena Luka

фризура и шминка: Elena Luka Hair&Make up

реализација: Fashionel.mk

Објавено:
9 јули 2018
Прочитано:
608 пати