Билјана Каран: Моите колекции пренесуваат порака на убавина, слобода и љубов!

Интервју со •
27 февруари 2015

Таа е  една од оние македонски дизајнерки кои создаваат неверојатно женствени креации што секогаш раскажуваат една посебна, заводлива приказна. Билјана Каран зад себе има неколку колекции и многу светски успеси, особено во Италија, за која ќе каже дека имала огромно влијание врз нејзиниот стил на создавање уникатна мода. Последниов период, таа  ѝ недостасуваше на македонската модна сцена, но многу наскоро се враќа со сосема нови парчиња и проекти за кои како што ќе каже, рано е да се говори. Во моментов, младата дизајнерка работи само на ексклузивни нарачки во нејзиното ателје, со оглед на тоа што целата неприкосновена енергија и позитивност, ги насочува кон ребрендирање и глобално етаблирање на нејзиниот бренд. Со неа разговаравме за новостите, за актуелната ситуација со модната сцена во Македонија, но и за пролетните трендови што допрва ќе ги гледаме низ улиците. Го посетивме нејзиното ателје спроти трговскиот центар Скопјанка, место каде таа сѐ уште создава уникатни парчиња за посебни девојки, но и место каде можете да ги најдете сите богатства што таа досега ги создала.

Уживајте!

На што работите во моментов и каде е позиционирана Вашата понуда?

Во последниот период ја насочив својата енергија и фокус во ребрендирање, проширување и глобално етаблирање на мојот бренд, направив драматични промени во начинот на работа и многу сум задоволна од сработеното, но сѐ уште е рано да зборувам за деталите. Реализацијата на ваква идеја бара трпение, детерминираност и над сѐ, интензивна посветеност, така што во моментов поради ограниченото време и честите патувања, работам исклучиво на ексклузивни нарачки што се закажуваат неколку месеци однапред, а креациите од моите досегашни колекции можат да се купат во ателјето спроти трговскиот центар Скопјанка и онлајн на www.biljanakaran.com ; www.ustrendy.com ; www.wardrobeavenue.com .

Италија или Македонија?

Свет без граници!

Како би ја опишале моменталната ситуација со македонската модна сцена?

Несериозна. Гледам квантитет, но сѐ поретко квалитет. Се чини креативниот талент е последното нешто потребно за да направите ревија. Тоа не смее да биде така, мора да постои критериум и објективна критика.

Каква порака испраќаат вашите парчиња?

Моите колекции пренесуваат порака на убавина, слобода и љубов. Секогаш како факт, а не како концепт. Модата на начинот на кој ме привлекува, не може да биде за секој, тоа е нешто лично.

За какви жени се наменети Вашите колекции?

Независни девојки и модерни жени, сите оние кои што можат да се доживеат себеси во моите креации. Мојата цел е да им помогнам на жените да ја разоткријат најдобрата верзија од себеси.

Која е Вашата дефиниција за елеганција?

Елеганцијата е интегритет!

Колку е тешко во денешно време да се има сопствен бизнис?

Кога нешто навистина го сакаш, тешко и лесно се само зборови без значење. Бидејќи не сум бизнисмен, секако не е лесно, но сакам да го фокусирам вниманието на оние делови од мојата работа што го оправдуваат трудот вложен во целиот процес.

Доколку можете да одберете било која девојка од светот да ги презентира вашите парчиња, која би била таа и зошто?

Во овој момент, посебен впечаток ми остава свежината, посебната убавина и шармот на Џиџи Хадид.

Викторија Лоба за Биљана Каран Викторија Лоба за Билјана Каран

 На кое парче би ги потрошиле последните пари?

Импулсивен купувач сум, верувам дека вреноста на парите е во тоа што може да го купат. Сакам вредни парчиња, инстант модата не е за мене, напротив, магнетно ме привлекуваат парчиња на кои буквално морам да ги потрошам последните пари. Само што го направив тоа и вредеше секој цент.

Пастелниот капут е последно парче што Биљана го купила за себе... Пастелниот капут е последно парче што Билјана го купила за себе...

Кој е најапсурдниот актуелен тренд според Вас?

Убавината на модата е да биде постојано нова, самиот концепт „тренд“ е апсурден, наговестува мултипликација, имитација што во мојот свет е прилично насилно. Да бидеш во тренд значи да го прифатиш тоа што ти се сервира онака како што ти се сервира. Слободата на избор, вродената уникатност во секој од нас колку и да сме слични, му дава убавина и разноликост на животот. Вистинскиот избор, уникатност, а не униформираност, квалитет пред квантитет, никако клониран индивидуализам.

Креација од колекцијата Ocean Drive на Каран Креација од колекцијата Ocean Drive на Каран

Кои се клучните парчиња што ќе владеат низ улиците оваа пролет?

Ќе видиме многу од тоа што ни го сервираат масивните светски брендови за брза мода, но верувам дека вниманието ќе го задржат оние ретки примероци, еклектични поединци кои ќе ги интерпретираат трендовите на свој начин во една совршена фузија на боја, форма, текстура и над сѐ, чувство на интелигентен опортунизам што инспирира мода. Секогаш е во тренд да бидеш „trendsetter“, но малкумина тоа го можат. Оригиналноста е последица на слободата, а да се биде слободен, потребна е храброст која во никој случај не е производ на неинтелигенција ниту ароганција, таа се раѓа од искреноста кон себеси и светот во кој живееме.

Креација од колекцијата Italianna на Каран Креација од колекцијата Italianna на Каран

Кој е Вашиот совет до сите млади дизајнери што се на почетокот на своите кариери?

Кога креираш мора да си бестрашен, единствено тогаш креираш, а не копираш. Само тогаш можеш да се наречеш моден дизајнер и да го живееш тоа.

Објавено:
27 февруари 2015