диригент

Бисера Чадловска: Комплицираните нешта отсекогаш ми биле предизвик

Интервју со
Бисера Чадловска
8 мај 2018

Македонската диригентка Бисера Чадловска од неодамна се најде во уште една, вистински предизвикувачка улога – уметнички директор на Македонската опера и балет. Од среда, за прв пат и официјално ќе има можност да ги отвори Мајските оперски вечери како директор, за што ќе каже дека се чувствува особено горда. Во екот на подготовките, ние имавме чест да разговараме со неа за она што нè очекува овој прекрасен мај полн со опера, за тоа како се снаоѓа во новата улога, но и за тоа што значи да се биде жена диригент со торба полна искуство. Неодамна наполни 40 години, изгледа, а и се чувствува подобро од кога и да е. Отсекогаш сакала комплицирани нешта, па ќе каже дека тоа и ја привлекло најмногу во нејзината професија. За предрасудите, искуството, стилот и мајчинството читате во продолжение во интервјуто со единствената Бисера Чадловска.

-Колкава обврска е да се биде уметнички директор на Националната опера?

Мене ова не ми е ново воопшто, јас како диригент секако учествувам во креирањето на распоредите за операта за текот на годината, така што дел од диригентската работа е да се занимавам токму и со организација. Одлично се снајдов, ова е обврска плус, затоа што јас одлучив да не се повлечам од сцената, напротив, решив дека ќе си ја задржам работата и секогаш ќе се занимавам со мојата примарна професија. Обврска е во однос на времето, но, ако човек добро  се организира, сè ќе биде успешно.

-Какво значење имаат за Вас мајските оперски вечери?

Мајските оперски вечери за мене се нешто многу важно, бидејќи ги паметам уште од дете. Паметам како сум доаѓала и сум го гледала тоа свечено отворање и сето тоа ми е останато во меморијата. Имав впечаток дека јас нема да успеам да дојдам на таа сцена, тоа изгледаше толку важно и гламурозно, но еве, сега веќе сум во една генерација на уметници кои на својот грб го носат репертоарот на македонската опера и горда сум што е тоа така. Многу сум среќна и возбудена што конечно ќе ги отвориме 46 – тите Мајски оперски вечери.

-Во чии изведби ќе уживаме годинава?

Оваа година одлучив отворањето да биде со премиерата на „Боеми“ која што беше моја дамнешна желба. Многу сакав да ја диригирам претставата, но бидејќи ќе настапам на затворањето, решив да ја отстапам таа улога на мојот колега Џанлука Мартиненги, но понатаму ќе си ја преземам претставата. Во рамки на Мајските оперски вечери ќе бидат изведени претставите Тоска, Турандот, Аида и Змај од Босна, на која ќе настапи целиот ансамбл од сараевската опера, а ќе има и еден балетски концерт. Ќе имаме неколку изложби, годишнини, промоција на книги...

-Отсекогаш ли знаевте дека ќе бидете диригент?

Многу рано почнав да се занимавам со музика, од свои пет или шест години сум во нижо музичко училиште каде го поминав целиот мој живот. Знаев дека сакам да бидам диригент, бидејќи отсекогаш ме привлекуваа комплицирани нешта. На почетокот наидував на чудни мислења дека нема да можам, но јас бев решена дека тоа ќе го направам, ми се отвори патот и ете успеав.

-Велат, за да се биде добар диригент потребен е став и добра комуникација со оркестарот, точно ли е тоа?

Многу работи се потребни. Тоа е исклучително комплексна работа, прво е потребно огромно знаење и искуство. Мојот професор Муратовски има обичај да рече „Диригентот почнува таму каде што сите други завршуваат“, во однос на образованието. Прво, за да се стекне искуство како диригент зад себе мора да оставите огромен репертоар, да асистирате, да работите, со хор, со солисти, да држите проби... Диригент преку ноќ не се станува. Треба многу работа, труд и огромна желба. Исто така и комуникациските способности се многу важни, треба да сте и психолог, бидејќи имате многу луѓе пред себе.

-Кое е делото кое прави да сакате да го изведете одново и одново?

Има многу дела. Тоа е една бескрајна ризница на музика, на оперски дела и симфониски. Човек не може да се одлучи за едно, како навлегувате во тоа, сè поголема желба имате за ново дело и за ново истражување.

-Диригент, мајка...Како успевате да ги усогласите тие обврски? Посакувате ли некогаш денот да е подолг?

Денот да е подолг.... Не знам ни тоа дали би ми завршило работа (се смее). Добра координација и помош од сите страни. Иако јас со мојата ќерка гледам да сум постојано заедно, ја носам со мене и на работа. И кога сум преморена се трудам да ја носам секаде каде што треба и секогаш да и посветам внимание.

-Сметате ли дека сè уште има предрасуди за жените диригенти?

Има да, секако, посебно во светот. Тука и не наидов на некои предрасуди, онолку колку што колегите ми посочиле дека има во светот.

-Чувствувате ли поголем притисок како жена диригент?

Па го чувствував, посебно на почетокот. Секако притисокот беше поголем затоа што сум жена, но притисокот на диригентот е секогаш тука, без разлика кој е и што е. Целиот товар лежи на него. Дали е маж или жена, важно е да се справи со ситуацијата. Многу пати колегите дошле со изјавата: „Машки ја издржа оваа работа“ (се смее). Додека бев на постдипломски студии во Софија, бев единствено женско, сите други беа мажи. На часовите професорот знаеше да им каже на другите: Погледнете ја, таа е поголем маж од вас. Притисокот на диригентот секогаш е тука, треба да знаеш да се справиш со тоа.

-Неодамна го прославивте 40 – тиот роденден. Сметате ли дека за жените почнуваваат нова ера во својата 40-та?

Јас лично се чувствувам многу подобро сега, отколку на моите 25, 26 години. Многу сум посигурна во себе, порелаксирана во сфаќањата за животот, многу подобро сум организирана. Немам некоја несигурност дека сега ќе почнам да стареам и едноставно не се давам. Не сум тој тип на жена која сега на 40 ќе облече костимче и слично, не сум тој тип. Јас се чувствувам исто во поглед на годините и на физичката подготвеност, но многу посигурна и подобро како личност.

-Што значи нега на жената во 40 - тите?

Не се променило ништо со години наназад. Веројатно треба, но јас не сум променила ништо од козметиката, бидејќи истата сè уште ми одговара. Не се шминкам, освен во одредени ситуации кога морам и секогаш гледам да не се оптеретувам со тоа.

-Колку модата е важна за Вашата професија?

Стилот е важен. Мене ми е важно. Мислам дека сцената си бара стил и среденост, не мора да сте облечени во којзнае што, но мора да сте средени, тоа е почит кон сцената и кон публиката. Колку и да не сакаме да признаеме, нашата уметност колку што се слуша, толку треба и да се гледа. Секогаш публиката сака да види нешто убаво на сцена, а мене ми е тоа важно. Јас отсекогаш сум сакала убави тоалети, за среќа, имам и работа во која што можам да ги носам.

-Што е она што го сметате за Ваше најголемо достигнување?

Најголемото достигнување е моето дете. Тоа ми е најубавото нешто што ми се случило во животот, нешто што сум успеала да го направам најдобро. Нешто што ќе се трудам да го изведам на вистинскиот пат во иднина. 

Објавено:
8 мај 2018
Прочитано:
641 пати