артисти

„Бла Бла“ му ја враќа алтернативната култура на градот

Интервју со
Пука Козметика
11 мај 2017

Ако оваа сезона сѐ уште не стигнавте да ја посетите градската плажа на кејот на Вардар, од неодамна постои една супер причина што побрзо да ја исправите грешката. Токму таму ќе најдете едно посебно место со атмосфера каква што нема никаде. Јавниот алтернативен простор „Бла Бла Клуб“ е место каде во иднина ќе се случуваат супер свирки, ќе гостуваат фантастични бендови, ќе има голем број промоции и интересни настани кои не сакате да ги пропуштите. Со Дарко и Жарко Масларковски или познати како близнаците од Пука Козметика разговаравме за тоа што ќе се случува во овој супер уникатен клуб, за богатата летна програма што ги очекува, како и за денот на Боб Марли и Македонските Алтернативни награди кои треба да се случат на 23 – ти месецов. За сите фанови, никако не заборавивме да прашаме и што се случува со Пука Козметика и кога можеме да очекуваме нова музика од нив. Ние имавме чест да разговараме и со новиот главен и одговорен уредник на „Бла – Бла“ телевизија, легендарниот Васко Атанасовски од Bernays Propaganda.

Сите беа супер расположени и ни појаснија кој е всушност концептот на Јавниот алтернативен простор „Бла Бла“ клуб и што можеме да очекуваме од ова место.

„Концептот дојде сосема природно со самото тоа што ја изгубивме базата каде што бевме досега и моравме да се отселиме од таму. Кога останавме без базата, баравме и случајно дојдовме до ова место кое што работеше и досега, но не онака како што заслужува и како што ние планираме. На 28 - ми април се случи првиот концерт во клубот, по што следеа уште неколку забави и настани. Денеска, 11 – ти мај, нѐ очекува Боб Марли денот. Веќе утре, на 12 - ти мај ќе гостува еден многу познат бенд, Артан Лили, а во сабота ќе има диџеј и од прилика тоа е концептот. Во главно, ќе протежираме авторски бендови, ќе има разни забави со бендови, викендите ќе има концерти и многу други игри и забави.

На прашањето од каде иницијативата за отворање на вакво место и дали на Скопје му недостасуваше ваков простор, Дарко и Жарко појаснуваат...

„Ова сега ни е пролетно – летна резиденција. Идејата ја направи самото тоа што ние сме долги години на таа сцена, после Кастро недостасува ваков простор за алтернативните музичари и бендови. Овој простор, освен тоа што ќе има концерти и журки, сакаме да биде место каде што ќе се случуваат промоции на сите алтернативни музичари од земјава и секој да дојде на кафе или пијачка, чисто да споделиме идеи. Планот е понатаму да имаме и програма во живо, се надевам до септември да имаме повеќе од 20, 30 одржани концерти, забави и слично“, велат тие.

Атанасовски вели дека ова е место што ќе биде отворено за сите.

„Засега тоа ни успева, целта ни е за почеток да израснеме една генерација на која ова ќе и биде збирно место затоа што тоа ни е поентата, да има еден непосреден однос, бидејќи и ние самите сме артисти и поинаку ги доживуваме работите“, појаснува Васко, кој додава дека секој кој ќе дојде ќе го најде своето место во клубот, па дури и сите оние со дечиња за кои има посебна игротека и терен за кошарка.

Со Дарко, Жарко и Васко разговаравме и за тоа зошто во Скопје досега немаше вакво место, на што тие ќе кажат:

„Не е дека немало место, туку конкретно немало вакво отворено место. МКЦ постои, тоа е местото со кое одлично соработуваме. Ова е наш прв обид да имаме свое место кое ќе го менаџираме и се надевам дека добро ќе заврши сето тоа за сите да бидат задоволни“, вели Дарко.

Васко додава и дека она што е особено интересно е дека „Бла Бла“ како интернет телевизија ги снима сите настани што се случуваат во клубот и сето тоа се пакува во емисии кои подоцна можете да ги погледнете.

„Сите журки, концерти и настапи што ќе се случуваат тука, ќе се снимаат, заедно со интервјуа со артистите, бидејќи тоа и ни е концептот. Бендовите што свират тука, секогаш имаат што да кажат и тоа секогаш ќе биде така“, додава тој.

Со него разговаравме и за тоа кој е концептот на „Бла Бла“ телевизија и што се случува во моментов.

„Во моментов телевизијата се обидува да одговори на недостатокот на медиуми кои би ја третирале оваа култура. Целата работа е во тоа што сакаме да направиме нешто што луѓето всушност сами ќе го направат, тоа е нашиот многу едноставен концепт. Сфаќаме дека и денеска има многу луѓе и бендови кои нема каде да се промовираат и каде да го покажат она што го знаат, а за тоа ние сме тука. Оној концепт што ние го нудиме е малку поинаков, дури и ако си мал бенд, ќе бидеш претставен соодветно. Кај нас нема големи и мали“, вели Васко.

На тоа се надоврзува Жарко кој посочува дека концептот им е на старт да има 85 проценти македонска музика, но да има и регионални гостувања.

„Се обидуваме да вратиме и топ листи како порано. Има неколку артисти во последниве години што се многу сериозни, издаваат винили, гостуваат надвор и имаат своја публика. И нашите луѓе имаат што да кажат и на крајот на денот повеќе популарни се тука. Очигледно е дека сцената удира со глава во ѕид и ние сега го пукнавме тој ѕид, и сакаме луѓево да влезат како што треба и да бидат добро претставени“, вели Жарко.

Сите заедно, ги повикуваат младите уметници да го посетат овој простор и да се чувствуваат како дома, затоа што ова место е за нив. Како што самите ќе кажат, што и да имаат планирано, место за квалитетни деца секогаш ќе се најде.

На прашањето дали има такви деца денеска, близнаците велат:

„Има да, премногу има и дури не можеш да ги следиш. Треба навистина да отскокнуваш за да некој каже дека овие деца се име што навистина ќе го паметиме“.

Она што ќе се случи на 23 – ти месецов, се Македонските алтернативни награди кои се одржуваат трета година по ред, а на кои ќе настап супер артисти кои не смеете да ги пропуштите.

„Наградите ќе се случат на 23 – ти мај, следниот ден е неработен, така што супер се погоди. Журката ќе започне од 12 часот за сите тие што не се на работа, а вечерта ќе продолжи со уште подобро темпо. Ќе има настапи на повеќе од 10 авторски бендови и музичари, тука би ги споменал Smut, диџеј Гоце, диџеј Славе, Гаро Тавитјан, Фонија, Project Orpheus, Steel Temple, PMG Collective, Видео Алфа, Кртот, Подземан ефект и многу други, и ќе има добра дружба и славење на македонската музика и култура. Ќе завршиме некаде во 13 часот на Школка и продолжуваме тука на плажа кај нас, со диџеј Кодра, сѐ до рано сабајле“, велат момците.

Тие посочуваат дека оваа година ги контактирале доста медиуми, им помогнал и градот и тие сѐ уште се отворени за секакви соработки.

Она што никако не смеевме да пропуштиме да ги прашаме е што се случува со Пука Козметика и кога може да очекуваме нова музика од нив.

„Пука козметика е љубов. Ние на шест години вадиме албум, така што сега треба тоа да се случи во 2018 година. Имаме договорено неколку парчиња за продуцирање, албумот ќе го издаде издавачката куќа Балкан Велики, тоа е многу важно да се спомене. Во меѓувреме, се снима и албумот на Брука, тоа е нашиот реге проект, и токму во овој момент се финализира снимањето. Се надевам во септември ќе има готов албум од Брука, а во 2018 – та од Пука“, вели Жарко.

Тие нѐ потсетија на нивниот супер чекор кога во 2012 – та извадија троен албум на USB, нешто што никој дотогаш го немаше направено и нешто по што навистина останаа запаметени.

„Кога би извадиле и друг албум, и тој би сакал да го извадиме повторно на овој начин, иако дружејќи се со Васко, почнувам да ја сфаќам важноста на винилот како можност“, вели Дарко.

На тоа се надоврзува и Васко, кој појаснува дека денеска многу македонски бендови се одлучуваат токму за винили.

„Први ногата ја пуштија Мизар. САФ во 99 – та мислам дека пуштија плоча, а во последно време и многу млади бендови се одлучуваат за тоа, а и тие добро котираат на пазарот. Денеска се јавува една нова љубов за винилот, можеби заситени од овој брз свет, луѓето сакаат тоа слушање да им биде уживање“, додава Васко.

Со нив разговаравме и за тоа дали е можно да се направи споредба на рап сцената од 90 –тите и денеска, на што тие велат.

„Па тогаш имаше само три касети, онаа на Most Wanted, Чиста околина и Уличен ритам и мислам Дилери на рими што не смееше да ги дадеш на никој. После тоа почнуваат цедињата – на Џака Накот, на Бандата... Рап сцената и тогаш се движеше добро, а така е и денеска. Има многу екипи, во 2016 – та имаше многу албуми, сега има во најава уште неколку, мислам дека се разбуди Македонија и тоа е добро. Македонија по мене ја има најдобрата и најквалитетна рап сцена на Балканот, а може и пошироко. Сега, после 30 години се ре - издаваат плочи, некои што се безвременски, што мора да останат. Кога и да ги пуштиш, тие не застаруваат. Тоа е доказ дека е нешто добро направено. И денеска сме супер, на високо ниво сме во овие услови кои ги имаме“, вели Дарко.

Сосема за крај, со нив разговаравме и за тоа колку стилот е важен за еден артист, особено од нивната сцена.

„Стилот го знаеш уште пред да влезам. Јас мислам дека сум последен рапер во Скопје. Ние имаме една песна се вика Стилот – го знаеш уште пред да влезам. Стилот се чувствува. Не може да биде нешто лажно, не можете да имитирате некого, мора да бидете оригинал. Подобро лош оригинал, отколку супер копија. Барем во тоа ние што го правиме, најважно е да си оригинален“, вели Жарко, потсетувајќи нѐ на нивниот супер хит.

„Можете да ме облечете и во најскапиот костим, јас пак ќе бидам тој што сум. Некогаш морам да се облечам поинаку за одредени состаноци и слично, но тоа не значи дека сум го сменил стилот или дека сум поинаков. Поради некои обврски, морам вака да изгледам, сега не можеш во институција да отидеш по бермуди и дрес. Ние не сме оптоварени за тоа што луѓето мислат за нашиот стил, ние го тераме нашето и тоа треба да го прават сите. Важно е кога ти ќе се погледнеш во огледало како се гледаш, а друго е другите како те гледаат. Ова е лице, не е огледало и кога ме гледаш треба мене да ме гледаш, а не себе. Треба мене да ме видиш, а стилот го знаеш уште пред да влезам. Стилот е нешто задолжително во рапот. Порано, во 90 – тите години полиција ги застануваше раперите, бабите се плашеа од нас, велеа кои се овие, а денеска младиве се поинакви. Денеска е подостапно сѐ, тогаш сите беа „Бенетонџии“. Ние се двоевме и се дружевме, ама имавме стил, бевме клошари, ама имавме стил“, се смее Жарко.

Дарко се надоврзува, појаснувајќи ни на шега дека деновиве мора да се облекува во кошули поради состаноците кои ги има, а косата ја крати поради жена му.

Објавено:
11 мај 2017
Прочитано:
866 пати