Благица Мировска: Забава и уметност на стакло

Интервју со •
8 ноември 2013

1376877_10201634104390319_2061943798_n

Доколку сакате еден поинаков подарок или спомен, оваа млада девојка ќе ви го овозможи тоа. Љубовта кон уметноста ја поседува уште од девојче, а од неодамна почна да ја преточува во дела, кои не може да не ви го привлечат вниманието. Благица црта на стакло и порцелан, но доколку мислите дека тоа е досадно или веќе видено, нејзините чаши би ве изнадиле.

Во продолжение прочитајте како започнува оваа уметничка авантура и нова страница на Благица.

Од кога започна да се занимаваш со цртање чаши? Од каде започна идејата?

-Во нашето семејство, мајка ми знае многу убаво да шие и веќе долги години го прави тоа, така што мене отсекогаш ме интересирала модата и сакав да се занимавам со тоа. Но, патот ме наведе на сосема друга страна. Додека студирав, сосема случајно дознав за еден курс за уметност. Ми го привлече вниманието бидејќи талент за цртање пројавував уште од мала и сметав дека тоа добро ми оди, па отидов поради лична надоградба, да се информирам и да научам нешто ново. Она што е интересно е што никогаш не претпоставував дека ќе се занимавам со оваа уметност. Таа љубов остана затскриена, а курсот повторно ја разгоре. Се однесуваше на цртање на текстил, стакло и порцелан. Многу ми се допадна, бев воодушевена од бои, техника на изработка... Тогаш почнав да цртам за мене, да се „вежбам“ и беше на ниво на хоби. Сè уште е , со тоа што наскоро планирам да стане и нешто со што би сакала долгорочно да се занимавам.

1381101_10201634100390219_506681409_n

Колку време е потребно да изработиш една чаша? Како ја изработуваш? Лепиш налепници па ги боиш, или пак се е цртано?

-Нема ништо залепено. Сè е цртано со четка. Се употребуваат и специјални бои за стакло во случајов. А што се однесува до времетраењето, зависи за што се работи, зависи од цртежот. Некогаш ми се потребни и два часа, но некогаш и цел ден. Ако се работи за ѕидна слика, на стакло, тогаш и подолго. Боите бргу се сушат. Она што е покомплицирано кај стаклото, односно чашите е што се тридимензионални, така што не можам да цртам на нив кога се во хоризонтална положба. Морам да ги цртам во рака. Токму поради тоа постои и опасност бојата да се излее, па мора многу да се внимава. Но, уживам кога цртам и на текстил. Сум изработувала цртежи и на јакни, чанти, маици...

Имаш ли веќе определени и наменски цртежи или се работи за момент на инспирација?

-Немам ништо однапред подготвено. Кога некој сака да му изработам вакви уникатни чаши, доволно ми е да ми опише што сака, или доколку е подарок, да ми каже нешто повеќе за човекот и идејата сама ми доаѓа. Досега сум имала навистина убави реакции. Исто така, ми покажувале и примери од интернет, што не ми било проблем да ги направам... Креативноста нема граници...

1376176_10201634104190314_2098642773_n (1)

За која намена досега најмногу ти барале да им изработиш чаши?

-Искрено, најмногу за свадби, или пак за ергенски односно момински вечери. Во таа пригода сите сакаат нешто посебно, затоа и ги сакаат ови чаши. Ретко каде ќе најдете чаша со човечиња што потсетуваат на младенците на пример и нивните имиња. А нема човек што не сака да има нешто убаво за спомен.

А што е најоткаченото или најинтересно што си го изработила досега?

-Тоа се стаклени шолји за кафе за мои едни пријатели кои имаат стоматолошка ординација. Им направив чаши со заби, кои ги имаат карактеристиките на луѓето што работат таму. Тоа изгледаше навистина смешно и убаво и имав многу убави реакции за нив.

Спомена дека мајка ти шие. Колку си ти успешна во тоа? Те влече ли тој креативен израз?

-Да бидам искрена, на мајка ми ѝ е голема желба да ја наследам на тоа поле, но јас се уште не се пронаоѓам во тоа. Стресно ми е шиењето на машина. Би сакала еден ден да научам за мои потреби, но сега за сега, не сакам да се занимавам со тоа. За сега уметноста ме исполнува и комплетно ќе ѝ се посветам.

Сепак, колку ја следиш ти модата? Што најмногу сакаш да носиш?

-Па опркужувањето дома ми е такво што постојано сум со модата и знам што е во тренд, што се носи, што не. Сепак, јас сум тип што сака кежуал варијанти. Ми се допаѓаат и елегантни парчиња, сметам дека успеав да изградам . Но, најмногу сум експриментирала со косата. Не можам да се замислам со една фризура. Некогаш ми се случува и два пати годишно да сменам комплетен изглед. Сега сум бринета, но сум била и смеѓа, црвенокоса, сум имала и куса коса и многу долга. Косата ми е слаба точка. Многу експериментирам и храбра сум во тој поглед. Сметам дека луѓето треба да се похрабри и да прават промени. Ќе се чувстуваат како нова личност, која можеби и ќе им се допадне повеќе од претходно. Но, тоа исто така бара и многу нега.

Имаш ли некоја неостварена желба, кога е цртањето во прашање? Некој предизвик на кој би сакала да му се приближиш?

-Тоа дефинитивно се ѕидните слики. Досега сум изработувала и такви, но со помали димензии. Навистина би сакала да насликам на стакло, што верувам ќе се случи во иднина.

Објавено:
8 ноември 2013