Бојан Петровски: Архитект со посебно чувство кон македонската мода

Интервју со •
15 мај 2014

Во време кога македонската машка мода речиси е и раритет од секаква форма на изнесување, преку улична мода, во јавниот културно социјален живот, па така и на писта, навистина е вистинско освежување кога перцепцијата ќе намами поглед кон естетска модна визија изразена преку стилот од припадник на посилниот пол. Ако во Италија добро стилизиран маж можете да сретнете на секој чекор, кај нас тоа за жал е ретко, што кога вашите сетила се максимално изострени кон убавото и префинетото, не би можеле да не забележат индивидуалец кој отскокнува од стандардите и принципите на комерцијалноста во секојдневието. Оттука, кога би направиле пандан на гореспоменатото,  нескромно би можеле да  пофалиме и третираме личност што  има нагласена потреба, желба и визија да се биде оригинален во секој стилски поглед. Посочувајќи кон  тоа дека се чувствува некаква промена и веќе може да се сретнат и забележат  македонски мажи кои  практикуваат дефиниран и изграден стил, е пример младиот архитект Бојан Петровски. Иако не е јавна личност директно инволвирана во модата, Бојан можете да го сретнете на разни културно јавни настани како и на секој моден настан што се случува во Скопје, во улога на почитувач, консумент и поддржувач на македонската мода и дизајнери.

 

Тој  со својата маркантност,  дефинитивно се издвојува преку уникатниот стил кој го негува, создаден од  комбинации меѓу класичното и неконвенционалното, сочинети токму од машки македонски креации од малкуте дизајнери што ги создаваат. Отворен да зборува за сопствениот стил, ставовите и пасијата кон светската и македонската мода, трендовите, но и за тоа до каде генерално е изградена модната свест, Бојан несебично ја прифати нашата понуда за интервју. Тој ни ги отвори и вратите од неговиот архитектонски префинето уреден дом, каде ни ги покажа и дел од парчињата што ги поседува во гардероберот. За себе вели дека сака да комбинира повеќе стилови одеднаш, носен според моменталното чувство за кое му е особено драго кога барем за миг создава нечија љубопитност и внимание.

-Некако модата се вплеткува во мојот живот уште од рани денови. Двајцата мои родители имаат особен интерес за модата. Мајка ми беше долго време дел од модната сцена на големите модни куќи на ниво на цела поранешна СФРЈ и уште од тогаш и јас. Имав подготвено комбинации од понеделник до петок за на училиште за цел месец, кои таа претходно ги комбинираше. Детали, материјали, бои беа мојот составен дел. Многу сакав да цртам па дел од тие комбинации ги создавав и јас самиот. Така да претпоставувам дека таа, мајка ми, е главниот виновник за интензивниот мој интерес. И секако сум и благодарен. Секогаш сум се доживувал себеси како делумно класичен тип, кој има детска потреба да си игра со детали. На момети колоритен, обземен со шари, материјали и дезени а на моменти монохмотски расположен но со некој сегмент и детал кој ќе ми дозволи удобност во сопствениот избор. Уличната мода ми е феномен кој многу ме инспирира. Сакам да си играм со текстури кои навистина ме прават среќен. Аксесоарите се мој составен дел, шапките, очилата, беџовите се само некои од алатките присутни во моето визуелно секојдневие. Пасијата за модата пак од друга страна е комплексно постојана. Неописиво е чувството за кое сигурно ќе треба да зборувам со денови. Едноставно таа е сублимат на многу гранки во општеството кои се дел од една сеопфатна експресија која за мене е безрезервно допадлива, раскажува Бојан.

Оние што го познаваат би кажале дека најмногу е препознатлив по сакоата, необичните рамки на очила и пеперутка вратоврските кои ги има во голем број, најчесто изработени од него или по специјална нарачка кај македонски дизајнери.

-Да бидам искрен, имам посебно чувство кон македонската мода. Навистина ја почитувам и сметам дека може и тоа како да се најдат многу добри парчиња кои комбинирани изгледаат многу модерно. Поседувам повеќе работи од: Никола Ефтимов, Никола Булевски, Ирина Тошева, Иван Иванович ( иако српски но за мене веќе домашен дизајнер), Мима Пеоска, Ем Елефантски, Атами и други. Палтата се секако дел од моето секојдневие. Ги носам бидејќи во нив се чувствувам удобно. Во однос на странските етикети имам неколку парчиња и од Армани, Том Форд, Emanuel Zegna, кои многу често ги комбинирам со обична маичка и џинс. Ја сакам таа комбинација на така наречена "бренд" облека со парчиња можеби купени од пазар. Имам многу работи кои се купени за 10ден. а за мене вредат непроценливо. Очилата ми се за добро утро, без нив и да сакам не би можел да функционирам. Интересни ми се за игра зашто секој пар е посебна приказна и повлекува ново лице или нов јас. Тука се и аксесоарите: пеперутка вратоврските, беџови, шапки, марами, чевли, чанти. Сакам кога ги имам во повеќе бои и дезени што ми дава слобода да комбинирам. Не сум тип што радикално купува големи парчиња облека. Сакам кога од постоечките ќе ре-создадам некоја нова поинаква слика, вели тој и додава дека трендовите и тенденциите во модата исто како и во неговата професија- архитектурата се моментални, но доволно моќни за да наговестат или насочат цело движење.

-Во облекување на секој деловен маж за да изгледа културно и допадливо, според мене, потребни се малку сегменти: квалитетен костим, убави и квалитетни чевли и ремен, елегантен часовник и чиста кошула. Останатото е се комбинација и варијација на тема, секој според своите потреби. За секојдневно функционирање доволна е маичка, палто, добар џинс и старки и сте спремни за скопските улици.

Често те забележуваме на јавни културни па и модни настани. Што мислиш до каде е изградена модната свест на луѓето во тие кругови?

- Убаво е да си дел од тие случувања, бидејќи секогаш постои размена на идеи, одмерување на сили и осознавање до каде е развојот на тоа поле во државата. Искрено мене ми пречи кога некој ќе се доживее себеси како дел од изложбата / културниот настан а не само како публика, особено ако тоа е претенциозно. Знаете себеекспонирање по секоја цена на никому не му годи. Модната свест кај нас се' уште се гради и јас од позиција на нејзин консумент, а не човек директно инволвиран во неа, тоа го следам и се радувам на нејзиниот позитивен тек. Секако голема улога играат и луѓето соодветно образовани или пак со вкус кои играат пресудна улога за нечиј стил при јавен настан, објаснува Бојан.

Како солуција за недостигот на машка македонска мода, барем за оние што ја ценат и сакаат да ја применуваат, тој гледа на подрастични мерки и промени кон пристапот и пласманот на пазарот.

-Секако дека недостасува машка мода. Пред се мислам дека недостасува соодветен современ крој. Во државава има доволен број на конфекции, останати од некогашните магнати, кои работат многу добро но сето тоа го пласираат надвор. Не е мал бројот на светските куќи кои шијат во државава и подоцна истите се продаваат на рафтовите на големите брендови. Сиот тој потенцијал залудно пропаѓа под изреката дека: Не вреди. Мислам дека осовременување и ребрендерирање на некогашните големи модни куќи би потегнало подрастични мерки не само во машката мода. Чест на исклучоците помеѓу македонските дизајнери кои се квалитетно работат и успешно пласираат, но истите сплотени со големите модни куќи мислам дека можат да направат многу повеќе од македонската модна сцена.

Вели дека кога не би бил архитект, сигурно би се занимавал со мода, а во однос на балансот  меѓу околината, професионалното и модното, неретко наидува на комплименти, но и на неразбирање кон стилот што го негува.

- Пред се сметам дека јас само го изразувам сопствениот став за тоа како треба да изгледам. Неретко различноста во средината е дочекана позитивно. Мислам дека токму со таа проблематика и треба да се занимаваме и поработиме. Не само на сегментот на модата. Ако е некој поинаков, не значи дека е настран, нешто му фали и какви се не "пофални" епитети. Мој вкус, моја перцепција, моја приказна. Да, можеби е поинаква, но такво е времето. Јас сум архитект, мојата работа подразбира не само активности во канцеларија туку и на градилиште. Неретко колегите се шегуваат дека сум најдотеран на објект (се смее). И во тие ситуации гледам да балансирам, не можам да сум најдотеран ама не сакам и да не изгледам онака како што јас сметам дека треба. Секој ден го прилагодувам во соодветност со обврските. Но сепак доследен на сопствените принципи и идеи, вели Бојан.

Не можевме да не се запрашаме колку време му е потребно за да изгледа како од модна писта. И ако мислевте дека му требаат часови, се лажете. Ние бевме сведоци на неговото кратко 15 минутно подготвување.

- Не ми треба многу време. Она што планирам да го носам го подготвувам од вечерта или пак уште со самото будење прво правам комбинации па потоа станувам од кревет. Не ретко токму поради тоа и доцнам, комбинирањето а не облекувањето.(се смее)

Разговорот го завршивме со прашањето кој е неговиот моден идол и чија ревија на странски дизајнер би сакал да ја посети?

- Во правец на класичниот костум со современ допир Том Форд, во однос на прогресивноста и истрајноста на своето Вивијан Вествуд, додека во однос на животен став во времето и просторот Дејвид Боуви. Искрено би сакал да сум дел од некоја од ревиите на лондонската модна недела, бидејќи мислам дека се презентираат најиновативните и најнеконвенционалните идеи, секогаш со инспирација од Street Fashion. Инспиративни ми се и ревиите на Вествуд и Диор, комплетно од почеток, од развој на идеја, комплетно студиозен и модерен пристап за ревија, завршува Бојан.

Објавено:
15 мај 2014