бренд Socks from Heaven

Чорапите што го обоија градот...

Интервју со
Дарко Насков
20 декември 2016

Велат, навиките најтешко се менуваат. Токму затоа, задачата на Дарко Насков, нашиот соговорник и неговите соработници од Socks from Heaven, да им порачаат на луѓето дека чорапите можат да бидат носливи и во други бои освен црна, тегет и сива, не беше ниту малку лесна.

Дарко Насков

Сепак, тие останаа доследни на својата идеја да внесат веселост и боја во секојдневието дури и на најголемите скептици, а брендот „Socks from Heaven“ е доказ дека тоа успешно им оди.

 Насков во разговорот ни откри зошто чорапите се важен моден додаток, кои чорапи одат со секоја комбинација, зошто нивната приказна е успешна и планираат ли да го „обојат“ и Скопје во нивните бои.

Во продолжение следи приказната, која веруваме ќе им се допадне на сите оние што сакаат да бидат поразлични:

Како започна приказната за Socks from Heaven?

-Socks from Heaven е резултат на една фантастична енергија и потреба на неколку луѓе да се занимаваат со нешто креативно и да создаваат нешто што ќе остави печат.  Самата идеја потекна од Ана Александров, а Милан Ѓорѓевиќ и јас со задоволство ја прифативме, и секој од свој агол придонесе да оваа приказна стане успешна.

Тимот на SFH (од лево кон десно): Ана Александров, Милан Ѓорѓевиќ и Дарко Насков

Кој е Дарко Насков? Како Вие станавте дел од SFH?

-Малку ми е чудно да зборувам за себе во трето лице, а може да се доживее и како дијагноза :) Јас сум скопјанец кој веќе 5 години живее во Белград, и човек кој го привлекуваат предизвици. Отсекогаш сум го сакал овој град, неговата неверојатна енергија и можноста да дишеш слободно, во преносна смисла, секако. Белград е, со сите негови подеми и падови, Њујорк на Балканот. Веќе 14 години сум во маркетинг и адвертајзинг водите, а тоа го работам и денес. Покрај маркетингот, голема пасија ми е модата. Токму тука беше точката на спојување помеѓу Ана, Милан и мене. Направивме тим кој го разви брендот Socks from Heaven и “чорапите што го обоија градот“.

Беше ли тешко пробивањето на пазарот и одвикнувањето од монотонијата кога е изборот на чорапи во прашање?

-Секој почеток е тежок, а особено оној кога се обидувате да менувате одредени навики и шаблони на однесување. Во почеток сите беа скептични и сметаа дека е некаква борба со ветерниците да ги убедуваш луѓето на овие простори дека е кул да се носат поинакви, весели чорапи. Ние останавме доследни на идејата и успеавме.

За оние што уште се скептици, зошто чорапите се важен моден додаток?

-Повеќето луѓе чорапите ги доживуваат како пропратен и помалку битен детаљ во секојдневниот живот. Ние од SFH ни најмалку не се согласуваме со ова размислување и на свој препознатлив начин тоа и им го објаснуваме. Чорапите се интимен дел од нас кој може да стане наш најпрепознатлив детаљ преку кој ќе пратиме порака дека сме поинакви и дека не поднесуваме клишеа.

Постојат ли чорапи што „одат“ со секоја комбинација? 

-Апсолутно, да :). Секогаш можете да ги следите вашите лични афинитети и ликовни познавања и да комбинирате различни дезени и боји вклопувајќи ја гардеробата со чорапите или чевлите кои ги носите. Од друга страна, можете да бидете сведено облечени и само со додавање на дезенирани чорапи да го доведете вашиот оутфит до совршенство. Тоа ви е како да поставите супер дезенирана фотелја или столица во естетски стерилен простор :)

Ана Александров

По што Socks from Heaven се разликуваат од останатите? Зошто вашата приказна е успешна?

-Затоа што сме искрени во она што го правиме. Од самиот почеток на нашите купувачи им порачуваме дека не треба да се срамат, дека треба да бидат онакви какви што се. За нас не постојат маани кај луѓето, туку само карактерни особини кои се вредни за почит. Сите наши модели на чорапи на почетокот и носеа имиња на човечки „маани„ токму со таа цел, бидејќи нашата порака секогаш беше: Луѓе, бидете тоа што сте! А да, и затоа што сме најдобри :)

Ана и Дарко

Како изгледа целосниот процес на изработка на чорапите?

-Како што веќе споменав, на почетокот ни беше важно да ја пратиме иницијалната порака преку имињата и соодветните дезени на чорапите. Сега чорапите ги работиме по колекции, пролет - лето и есен - зима, како и неколку мини колекции кои се поврзани со одредени дати како што се Нова година или Денот на вљубените. Како тим седнуваме, контемплираме, нафрламе милион идеи, се информираме за трендовите, но во исто време внимаваме да останеме доследни на она што сме ние. Милан како моден и графички дизајнер ги исцртува нашите дефинирани идеи, смислуваме креативна насока како преку тематизирани фото сесии и кампањи да ги приближиме моделите до потенцијалните купувачи и производството може да почне.

Милан и Дарко

Која боја/дизајн е апсолутен хит за оваа сезона?

-SFH речиси никогаш не се врзуваат само за една боја, бидејќи сме бренд кој е се’ само не монохром J Pantone за сезоната пролет – лето 2017 је фаворизира зелената боја со доста жолта во себе. Ние, секако, ја имаме оваа боја на нашите чорапи. Кога е дизајнот во прашање, различните пораки, односно т.н. statements се и понатаму апсолутен хит, па тие се појавуваат и на нашите модели. Сепак, ние остануваме доследни и на нашата насока, па така покрај графичките форми често кокетираме и со органскиот дизајн. На тој начин добиваме храбри комбинации со изразена индивидуалност.

Какви чорапи Вие преферирате да носите? Имате ли омилен дезен?

-Јас никогаш не носам еднобојни чорапи. И пред да го развиеме брендот, секогаш се трудев да пронајдам и купам поинакви, дизајнирани чорапи. Не секогаш беше лесно, но успевав. Сега е тоа много полесно, секој ден носам поинакви, шарени и луди чорапи, и чувството е феноменално J

Може ли да очекуваме продавница и во Македонија?

-Во Македонија не сме присутни. Секако дека би сакале, а јас особено :) SFH се веќе присутни во повеќе земји од регионот, а полека се отвораат и нови пазари во Западна Европа. Преку веб страницата socksfh.rs сме присутни и онлајн. Нашето мото е “да го обоиме градот“, па се надевам дека тоа наскоро ќе му се случи и на Скопје или било кој друг град во Македонија. Отворени сме за соработка и ги повикувам сите кои се заинтересирани да не контактираат.

Која е Вашата новогодишна желба?

-На личен план би сакал почесто да бидам во Скопје за да бидам со семејството и пријателите кои ми недостасуваат секој ден! На општ план би сакал сите да бидат горди на себе, да не се срамат да се почитуваат, пред се, самите себе, а потоа и другите, и „last but not least„ да носат Socks from Heaven чорапи :) Среќни празници!

Објавено:
20 декември 2016
Прочитано:
1.438 пати