A cup of Теа: Македонски моден блог инспириран од англиски чај

Интервју со •
15 април 2015

Таа е Теа, млада, авангардна, необична, па дури и ексцентирчна модна блогерка во едно секојдневие во кое за жал се’ уште доминира униформираноста, иако овој тек на нештата почнува да се менува. Токму затоа и ја забележавме на Модниот викенд  Скопје, каде како модна блогерка беше постојано присутна во публиката и ги документираше сите оние моменти кои можеби за другите се невидливи. Нејзиниот блог A cup of Tea, е инспириран од нејзиниот престој во Англија каде минатото лето ја посетувала моднта школа на Arts University Bournemouth. Од тогаш, на нејзиниот блог читаме за уличната мода, неконвенционалниот стил, сите оние магични и необични нешта во модниот универзум што го рефлектираат нејзиниот личен став. Во продолжение ве запознаваме со Теа од A cup of Tea. Послужете се...

 

Како дојде до идејата да лансираш свој моден блог?

-Сосем случајно. Иако од секогаш сум се интересирала за мода и сум читала модни блогови, повеќе ме влечеше дизајнот отколку блогирањето. Всушност креирањето на блогот беше домашна задача на летната модна школа која ова лето ја посетував на Arts University Bournemouth во Англија, па еве сега прерасна во мое хоби и важен дел од секојдневието.

Од кога функционира и каков е концептот на твојот блог?

-Како што напоменав, блогот е доста „млад“ бидејќи ‘настана’ ова лето за време на летната модна школа и има окoлу 9 месеци. Во однос на концептот т.е. идејата, тргнав со прашањето „што е она што би сакала јас да го читам, а до сега не сум успеала да го најдам пребарувајќи низ македонските модни блогови?“. За жал, барем во нашава земја, ‘балски фустан со скапоцени камења од непроценлива вредност’ е сè уште единствениот синоним за мода. Она што сакам да го доловам е дека модата е на секаде, особено меѓу нас, ‘обичните смртници’ т.е. на улиците и не секогаш е во форма на скапа марка. Како блогерка, т.е. некој кој им се обраќа на обичните луѓе сметам дека треба да обработувам теми кои ќе им бидат блиски нив. Така се роди идејата за улична мода и за моите Bloody Bastards.

Неизбежно е да те прашам за насловот на блогот, со оглед  на тоа дека е доста необичен...

-Хахаха..морам да признаам дека влијанието од патувањето во Англија и нивниот традиционален чај си го направија своето. Никогаш не ми се допаѓале очигледни работи, па така и насловот на блогот сакав да биде нешто што на прв поглед ќе изгледа тотално не поврзано со самиот блог. Се работи за игра на зборови: ‘A cup of Tea’како една шолја Теа т.е. една шолја од нешто мое, односно нешто што имам јас да понудам како блогерка..... п.с. навистина многу сакам чај!

Колку блогот е рефлексија на твојот личен стил?

-Повеќе би рекла личен став..како таков, е наменет за сите останати Те-и и Тео-вци т.е. млади дечки и девојки кои, исто како и мене сакаат необични и откачени работи. Сепак, секогаш оставам простор за нечиј личен став/ стил бидејќи не сакам, а сметам и дека не треба да го наметнувам својот, особено кога станува збор за документација на нечиј туѓ стил.

 Како го дефинираш својот имиџ?

-Хммм...мислам дека ги имам поминато сите екстреми од шмизла, до емовка, панкерка итн. при што мислам на целокупниот начин на живот, не само на облеката, така што, изгледа дека во моментов мојот имиџ е мешавина од сите овие. Многу луѓе би ви рекле дека сум ‘хипстерка’ сè уште не го сфатив значењето на овој збор, а прилично сум сигурна дека и оние кои го користат немаат конкретна дефиниција за истиот...Како и да е, во моментов единственото нешто што го дефинира мојот стил е – што по необично и што по лудо, тоа подобро.

Што сметаш за твој личен печат?

-Сè уште ништо. Уште се ‘барам’ себе си и експериментирам со нештата и во поглед на блогирањето и во погледн а модниот дизајн но и личниот имиџ, така што мислам дека сè уште е рано да дефинирам нешто како мој личен печат.

 

Неодамна заврши Модниот викенд Скопје каде и ти беше присутна меѓу публиката. Какви се твоите импресии од овој настан?

-Како човек кој се интересира за модата, секогаш ми е забавно да бидам дел од големи модни настани, како што е Модниот викенд. Интересно е бидејќи тие неколку дена буквално влегувам во нов свет каде сè се врти окулу модата (нешто што, за жал, не е случај со моето секојдневие). Иако она што го нуди модната писта не е никако за потценување, она што навистина ме инспирира и импресионира е токму модата надвор од неа, односно самата публика.

Колку ја следиш домашната и светска  модна сцена и кои дизајнерски имиња ти оставаат најголем впечаток?

-Иако, како блогер се занимавам со обработување на улична мода, будно го следам и светот на модните дизајнери. Од една страна ми се допаѓаат дизајнери силно инспирирани од ‘улицата’ како Jeremy Scott, Ashish, Маријан Пејоски (Kokon to Zai), а од друга страна пак обожавам авангардна мода која се граничи со скулптура и преминува во доста дефинирани и цврсти форми, при што, неизбежно е да ги спомнам Alexander McQueen и Iris van Herpen.

Колку блогерајот во нашата земја има простор да премине од хоби во професионална преокупација?
-Сметам дека ‘просторот’ т.е. условите ги диктира самиот блогер. Точно е дека не сме Лондон или Њуjорк, меѓутоа мислам дека со голема посветеност и упорност во работата блогирањето може навистина да прерасне во професија. Впрочем тоа е и тренд кој се случува секаде во светот, значи начини постојат, треба само желба.

 

Објавено:
15 април 2015