Дани Димитровска: Не ми пречат негативните коментари за изгледот!

Интервју со •
30 мај 2013

Преку оваа реченица само на кратко ја опишавме рокерката Дани Димитровска со која овојпат бевме на снимањето на музичкото шоу „Сите наши песни“ , каде Дани беше дел од жири комисијата и ги оценуваше кандидатите што изведуваа нејзини песни. Додека Дани се подготвуваше во шминкерницата на МТВ заедно со нејзиниот стилист, направивме  интересен разговор преку кој таа  ни ги откри нејзините сегашни и идни планови.

-Полека почнуваме да се враќаме во студио, со Весна Малинова  веќе го подготвуваме албумот кој треба да излезе кон крајот на годинава, a еден од сингловите е веќе готов и се надевам дека на крај на месец  јуни ќе  излезе со видео спот. Инаку, само што се вратив од Истанбул каде бев член на AntiAids кампањата,  ја стартуваме програмата за тинејџерска бременост за која треба да се собереме неколку познати пејачи од нашиот регион, Балканот како и од  западна и источна Европа  и да направиме една заедничка песна, вели Дани.

Пред извесен период медиумите ја критикуваа дека качила некој килограм повеќе, кој под итно треба да го елиминира, но нејзе  ваквите коментари не и пречат и вели дека се нормални за јавните личности.

-Навикната сум на такви  коментари и ги сметам за нормални медиумски моменти, на тие луѓе тоа им е работа, а кога јас ќе почувствувам дека ми треба фитнес, одам во теретана и го средувам тоа што мора. Не ми се важни туѓите мислења и како што се чувствувам тоа го правам. Секогаш кога доаѓа лето сум  дополнително мотивирана да излезам од дома, баш овој период почнав да трчам на кеј и да одам на фитнес, здраво се хранам и не сум човек што може тоа постојано да го прави преку цела година, објаснува Дани.

За изгледот на нејзините настапи на сцена е задолжен стилистот Даниел Николовски кој и овој пат ја подготвуваше за емисијата, за него вели  дека безусловно му верува,  дури и на крај  да не се погледне во огледало.

-Не ме измачуваат подготовките пред настап, сум го прифатила тоа како дел од работата, имам темпераментен карактер и не можам да доседам на стол. Ги сакам трансформациите и се му дозволувам на мојот стилист Даниел, вели Дани и додава дека на секоја јавна личност задолжитено и треба професионалец од тоа поле.

-Мислам дека сме земја со таква музичка индустрија каде не се неопходни тимови од 20 луѓе но, треба да имаш стилист кој ќе знае како да те среди, зашто сите не сме родени да умееме се, рече Дани.

Препознатлива е по својот оригинален имиџ, а како секоја девојка и жена го сака шопингот, но, не им верува слепо модните трендови, иако ги следи.

-На шопинг одам наменски кога ми треба нешто но, понекогаш знае да излезе од  мене тој женски момент да купам било што само колку да потрошам некој денар. Актуелните трендови ги применувам само доколку одговара на мојот карактер, ако не само поминува покрај мене и толку.

Освен од својот стилист, Дани за изгледот  прима сугестии  и од нејзиното момче Горан, за кој вели дека има сличен вкус со неа кога е во прашање гардеробата.

-Имаме сличен сензибилитет, можам да кажам дека си сугерираме еден на друг и обострано си ги прифаќаме забелешките, она што ни е заедничко се тетоважите,  јас реков дека ќе ставам само една тетоважа, после направив уште една, па за да не бидат пар ставив и трета и сега размислувам за четврта. Ги сакам тетоважите, не сакам да претерувам, ама ќе го проширам еднорогот на мојот грб за да му дадам една подетална приказна, вели Дани.

Димитровсака е почитувач на работата на македонските модни дизајнери со кои често соработува а веќе подолг период ги носи креациите на дизајнерката Александра Митковска.

- Сум соработувала со Росица Мршиќ и Елена Лука кои се одлични креатори, но Александра Митковска  со мене ја дели енергијата кога се однесува на сценската гардероба, изјавува Дани.

И овојпат за снимањето на шоуто „Сите наши песни“ таа носеше креација на Митковска, комбинирана со едноиставна бела маичка која одлично и прилегаше со специфичниот елек и црното слоевито здолниште.

Објавено:
30 мај 2013