ХипХоп артисти

Дивизија - Со „Стереотип“ против стереотипите

Интервју со
Дивизија
18 ноември 2016

ХипХоп колективот Дивизија (Кискин, Chronic, Farse, Киндер, Бандит) како состав постои повеќе од 13 години. Низ целиот тој период тие прогресираа како рап артисти, издадоа два заеднички албуми, „Моќна постава" (2005 год) и „Втора шанса" (2014год), останаа лојални на својата заедничка идеологија и борбата против стереотипите на нашето опкружување, а одличен повод за нашето интервју со нив е нивниот нов албум „Стереотип" кој викендов ќе биде промовиран пред нивната домашна публика во Струмица. За тоа што тие научија од улицата, за македонскиот ХипХоп, за стереотипите на модерното време, а се разбира и за промоцијата на новиот албум, разговаравме со Стојан Ѓоргиев – Chonic.

-Неслучајно вашиот нов албум е насловен „Стереотип". Со какви стереотипи се соочува „модерното" општество, како провокација за текстовите на овој албум?

„Стереотип" не е само израз, барем за нас. „Стереотип" е движење, негирање и побивање на табу темите кои се дел од секојдневието на нашето општество. Kај нас барем, добро знаеме дека ако си малку различен, те гледаат со други очи. Секој од нас бил сведок на тоа, сите сме го почувствувале на наша кожа. Таквото искуство, различни случки со кои лично сме се соочиле, моменталната ситуација во нашата држава беше доволна провокација да го започнеме овој проект, кој го работиме две години. „Стереотип" е исто така порака до секое дете, секој човек неуморно да го следи својот сон, својот пат, да не дозволува никакви фактори да го демотивират и разочаруваат, зашто само на тој начин можеш да се пронајдеш себеси и да бидеш среќен.

-Каков е планот за промоција на албумот?

Промоцијата на албумот е закажана за 19-ти ноември во клуб Индустриал во Струмица со почеток во 20:00 часот. Во текот на целиот настан за музиката ќе биде задолжен нашиот DJ POPEYE. За прв пат во јавноста ќе биде промовиран нашиот нов албум кој струмичани и се разбира секој што ќе биде присутен ќе може да го набави за симболични 200 денари. Специјални гости ќе ни бидат нашите пријатели од Бугарија: DJ wing (Sofia Finest/Shadow Lab.) x nerve (Leshper Art Crew) x Trasher (So Called Crew) x Prim (Shadow Lab.), а исто така промоции имаме закажано за 26-ти ноември во Велес и 3-ти декември во Скопје, но повеќе информации за тоа се разбира по главниот евент на 19-ти.

-Каков е концептот на „Стереотип", со кого е работен и кои артисти ви гостуваат?

Албумот опфаќа теми кои слободно можам да кажам го засегаат на секој од нас, секој млад човек, секојдневието не само на некој што е „различен", туку на секој кој се обидува на еден или друг начин да се пробие низ нашето „круто" општество. Артисти кои се појавуваат на албумот нема многу и тоа не е случајно. Од македонската рап сцена единствен гостин ни е Tonyo San (Легијата/Грин Аут), главен продуцент на албумот е Кискинов, имаме една трака која е продуцирана од Гоце САФ и една од Филип Фундамент. Албумот го измикса Кискинов, а за целосниот мастеринг, за крајните финеси се погрижи Гоце САФ.

-Како Дивизија постоите повеќе од 13 години. Кој беше пресуден момент да се споите во овој состав и што имаше најголемо влијание врз вашиот израз?

Пред се љубовта кон музиката, односно самата рап музика. ХипХоп културата која сите ја почитувавме уште од мали нозе беше пресуден фактор, за ние пред се да станеме другари и затоа Дивизија е плод на тоа долгогодишно другарство, плод на идеалите кои ги делиме, на начинот на живот кој го живееме.

-ХипХоп супкултурата и припаѓа на улицата. Што научивте вие од неа?

Лојалност пред се! Лојалност кон самиот себе, кон своите идеали, лојалност кон своите соништа, најблискиот круг. Не научи да гледаме и размислуваме надвор од шаблонот, надвор од сликата што секојдневно ни се сервира. ХипХоп културата ни ја овозможи рап музиката, ни овозможи да се искажуваме и бунтуваме на уникатен и многу личен начин, не направи да бидеме сето тоа што сме ние денес и што ние гo претставуваме.

-Со оглед на тоа дека ерозијата на културата во нашето општество е очигледна, колку алтернативните форми на уметност имаат своја публика и кој е лекот против декаденцијата што секојдневно ни се случува?

Мислам дека поддршката е многу значајна. Поддршка за помладите, едукација и промоција на таа култура. Не можам да зборувам за другите, но конкретно за ХипХоп-от нема доволна поддршка од медиумите, не се презентира никаква културна програма  во програмските шеми на нашите телевизии. Знам, некој ќе каже живееме во доба на интернет каде што секој може сам да се промовира, но импактот и влијанието не е исто. Публиката кај нас е многу релативна работа, зависи од многу фактори дали ќе бидеш поддржан или не од нашата публика. Јас би рекол дека повеќе има „конкуренција", отколку публика.

-Како македонска ХипХоп сцена, го следиме ли чекорот на глобалната?

Па и не баш, што од една страна ме прави многу среќен. „Рап" музиката на глобално ниво е многу измутирана. Тука се уште се негува, се прави и почитува оној "Golden Age" рап. Да не се разбереме погрешно, не сум против еволуирање на музиката и одењето напред, но едноставно „модерната" музика обработува теми за кои верувам дека ни еден артист од нашата држава не е доволно храбар да го направи тој чекор. Сепак, секоја музика треба да носи порака или тоа што го презентираш треба да ти претставува нешто лично. А инаку, во рамките на нашите простори одговорно тврдам дека македонската ХипХоп сцена е најдобра, имаме феноменални артисти и изведувачи и се надевам дека ќе има кој да го носи факелот понатаму.

-Какво е вашето искуство во однос на соработка со други домашни и странски артисти?

Соработуваме и се дружиме со сите позначајни и инфлуентни имиња од нашата држава, имаме доста соработки, заеднички проекти. Не би сакал да издвојувам бидејќи ги има навистина многу. Гостуваме на проект именуван "Југохоп" на кој ќе бидат скоро сите големи имиња во ХипХоп-от од поранешна Југославија, а имаме и доста добри пријатели од Бугарија кои исто така се занимаваат со оваа музика.

-Кои се вашите следни професионални амбиции?

Чекор по чекор... Моментално сме преокупирани со издавањето на албумот кој навистина носи многу работа. Планираме еден интересен проект за во декември кој се уште не сакам да го откријам додека не биде се официјално. Во глобала, не застануваме тука. „Стереотип" нема да биде наш последен проект, туку тек почнуваме.

Објавено:
18 ноември 2016
Прочитано:
499 пати