Дизајнерката Билјана Тренчевска сними моден едиторијал во Лондон

Интервју со •
31 мај 2013

Македонската креаторка која што дипломираше на една од најпрестижните школи за моден дизајн, Сентрал Сент Мартинс во Лондон, повторно му се наврати на градот во кој студираше и со интернационален тим направи фотосесија со модели од последната колекција на нејзиниот бренд Bilyanabel. Со Билјана Тренчевска зборувавме за новиот моден едиторијал, за креативната енергија во Лондон и модата од улиците на британската метропола.

„Модниот едиторијал го направивме доста брзо и ефективно со оглед на тоа што се погоди неработен ден кога Лондон е преплавен со луѓе. Бидејќи нашиот избор на локација беше еден од најубавите паркови во Лондон, Холанд Парк, налетавме на толпа луѓе и навистина беше предизвик да се избегнат шетачите од фокусот на камерата, но според фотографиите делува како да нема никој“, ни изјави дизајнерката Билјана Тренчевска.

Тимот што учествуваше на овој проект насловен „The Kyoto Garden“ е интернационален, со дизајнерка Македонка, фотограф Италијанец -Даниеле Кучија, манекенка од Канада – Сари Џин, шминкерка од Лондон – Сенди Панесар, а Британец е и дизајнерот на шапки. „Тоа беше навистина пријатна соработка и во оваа креативна професија е исклучително важно да се работи со различни луѓе и локации, се разменуваат убави искуства, контакти и покрај тоа што е прилично исцрпувачки, сепак е забавно“, ни откри дизајнерката.

Трнечевска веднаш по дипломирањето на Сент Мартинс доби ангажмани во неколку британски модни куќи, меѓу другото кај Мелиса Одабаш и Пол Смит, а во 2011 година го лансираше својот бренд Bilyanabel. Неодамна се врати од Лондон каде што го сработи модниот едиторијал, а повторниот престој во овој град го искористи за потсетување на студентските денови, продлабочување на контактите од модниот свет, размена на креативна енергија и најава за соработка со тамошни дизајнери и фотографи, како и најава за договори за интернет-продажба на своите креации.

Не одолеавме да ја прашаме како денес го доживува Лондон, а Тренчевска ни потврди дека секогаш е инспиративно да се работи во овој град кој е неисцрпен извор на инспирација, преполн со разновидни настани, места и музеи.„Всушност, секој чекор таму е инспиративен, затоа и школувањето од креативните области како уметност и дизајн е на многу високо ниво. Студентите имаат навистина безброј опции за креирање и за работа во креативната индустрија“, ни рече Билјана.

Лондонската улична мода е една од најинтересните и најживописните, полна со ексцентрични и авангардни стилски изрази. На прашањето кои модни тенденции ги забележа на улиците во Лондон дизајнерката ни откри: „Најзастапените модни трендови кај младите за оваа сезона беа кратки сечени шорц-фармерки со црни хулахопки, некои дури со црни гаќички по примерот на стилот на познатите ѕвезди за време на своите настапи, како и долги тесни фармерки во кобалтно сина боја.“

 

 

Објавено:
31 мај 2013