Драган Б. Костиќ : Искреноста е добра за душа, но лоша за репутација

Интервју со •
9 јуни 2015

Велат, да се зборува искрено честопати е најголемата животна авантура. Ако е така, тогаш Драган Б.Костиќ речиси цел живот живее авантуристички. Повеќе од 40 години зборува искрено за музиката, а во разговорот за Fashionel.mk отворивме и други теми... Некои емотивни, некои забавни, едни убави, други помалку убави, но сите сведочат за она што било некогаш, а уште повеќе за она што е сега. Сведочат за различни страни на животот. Сведочат за еден живот и емоција на човек кој комплетно се посветил на тоа што го работи. Полн со енергија и ентузијазам, Драган уште еднаш покажа дека зборувањето никогаш не му претставува потешкотија.

Ако сте од оние што растевте со него, ве потсетуваме на времето на „Турист“, помладите ќе дознаат за првите ноќни забави во Скопје, а
за разделбата со МРТВ, пријателствата со Здравко Чолиќ и Ѓорѓе Балашевиќ и уште многу интересни теми, читате во продолжение:

IMG_1146

Како станавте радио водител?

- Долго време само радиото беше медиум од кој можевте да дознаете што се случува таму некаде во светот. Таа магија од отворената кутијата во различни облици, какви и да биле радијата во тоа време, ме привлекувала, како и начинот на говор на луѓето од таа магична кутија, начинот на презентација. Магична кутија која ги пренесуваше Радио Луксембург и Би-би-си, пред сè, кои се пренесуваа на Радио 1. Но, тогаш не се станувало толку лесно радио водител како денес, по принципот, ако имаш пријател, седни во радио. Денес имаме толку многу радија колку што има „книги“ во една кафеана. Порано имаше многу филтри додека да дозволат да застанеш пред микрофон. Не одело во живо. Лекторите и правилниот македонски јазик биле такви императиви што денес не може да се сфати. Јас имав добри учители, спикерски доајени на македонското гласовно писание. Научив да зборувам македонски многу подобро од оние на кои тоа им беше професија. Кога ќе го научиш тоа, ако имаш некое темпо на говор кое се разликува од сите останати, тогаш тоа е малку чудно. Прво си им чуден на оние кои треба да ти дозволат да бидеш водител. Јас сум бил малку поинаков веројатно, сум презентирал поинаку од тоа што било стандард тогаш, толку брз говор не бил карактеристичен за македонското радио презентерство. Тоа носеше секако и отпор, беше како да удираш со глава во метал. Но, полека, полека, имаше и меѓу тие затворените кои морале да се придржуваат до стереотипи од кои нема бегање, што сакаат да помогнат и гледале напредок во новите генерации. Јас веројатно сум им се видел како таков лик, па дозволија низ најтесната вратичка да влегувам. Кога некои етаблирани водители ќе забележеа дека можам да бидам сериозна конкуренција, едноставно ми викаа: „Дечко, во другата соба, не тука!“ (се смее). Малку луѓе знаат дека јас сам научив да зборувам радиски. Помислив дека сите имаат одлична боја на глас, а мојата никаква, иако денес, после четири децении е секако препознатлива. Кога ги слушав другите, се прашував како ли тоа го прават. И сфатив дека тоа е физика, една амплитуда. И така говорам и ден-денес, иако на радио уште малку понагласено. Гласот се движи горе-долу. Сфатив дека тоа кај нас најмногу го има во црквите.  Најчесто црквениот говор на свештените лица се движи по таква амплитуда. Така, сфатив дека тоа е тоа, но мора да го направиш да биде поинтересно, атрактивно. И тргна и трае и до ден-денес.

IMG_1178

Се сеќавате ли на Вашата прва најава?

-Не, не се сеќавам, но знам дека првата емисија ја чувам напишана. Првата најава во сопствена емисија ја имав на 29-ти јуни 1974 година за „Диско селектор“ и оттогаш ниту најавата, ниту емисијата не сум ги прочитал и погледнал повторно. Од денешна перспектива, веројатно би сменил многу нешта. Инаку, почитувачите на македонскиот правопис, да ги погледнат моите напишани емисии, веројатно би ми замериле за многу нешта, затоа што мојот говорен правопис се разликува од оној пишаниот, а токму говорниот го пренесувам на хартија. Јас ставам интерпункција, таму каде што никој не ја става. А ставам, бидејќи мене, во мојот говор, многу ми значат. Сум создал свој правопис. Веројатно од самиот почеток сум го имал тоа, но сум морал да се придржувам на тие закономерности бидејќи имав учител кој се вика Слободан Николовски – Боле, кој беше еден од првите уредници на втората програма на Македонското радио, кој во тоа време имаше завршено и Југословенска книжевност. Беше извореден познавач на македонскиот јазик. Кога ќе однесев текст, што денес не е вообичаено, да го прегледа пред да го пушти, јас стоев до него и гледав. Имаше едно моливче од едната страна сино, а од другата црвено. Ако забележеше некоја јазична грешка, ја подвлекуваше со сино, а ако забележеше некоја грешка што по втор пат сум ја направил, тогаш подвлекуваше со црвено и јас не ја правев повторно.

IMG_1187

Бевте „филтер“ за тогашната музичка продукција. Вие бевте една од личностите кои одлучуваа што ќе се пушти во етер. Каде беше македонската музика во тогашна Југославија?

-Прво, тоа беше посиромашна продукција по обем, не по квалитет. Времето, односно технологијата го носи квалитетот. И новите идеи, се разбира. Но, тоа беше едно пионерско време, каде по првиот удар 1960-тите години, кога сфативме дека јазикот не е толку тежок, обично се вадевме на тоа, се ослободивме од некои стеги. Сфативме дека во споредба со германскиот, или јапонскиот или некои други јазици на кои се пее за љубов, нашиот и не е така тежок. И почнавме и ние да пееме на македонски, песни од типот на „Еден бакнеж“, кои ја натераа тогашна Југославија (1962 година) да го чујат македонски збор, што за нив беше можеби и егзотично во почеток. Многу луѓе лажат денес кога ќе кажат „Ах, кога ќе дојдеше време за Скопски фестивал...“. Јас во тоа време бев матурант во „Јосип Броз Тито“ и беше срамота да се гледа Скопски фестивал. Секоја од гимназиите во тоа време имаше свое збиралиште. Ние се собиравме кај слаткарата „Трујачот“, која се наоѓаше на плоштад. Ако не се појавев во сабота, верувајте ми дека цела наредна недела, моите училишни другари ќе се подбиваа со мене, само затоа што ќе кажев дека сум отишол да гледам „Скопски фестивал“. Тогаш никој не го гледаше тоа. Во тоа време имаше паралелни светови. Од една страна ги имаш пејачите како Верица Ристевска, Драган Мијалковски, но од друга страна се југословенските групи „Ју“, „Корни“, големи бендови кои доаѓале, правеле музика, кои беа пандан на она што го има во светот, а Британците ни беа репер за тоа. А како млад човек, свртен си кон она што доаѓа. Но, бидејќи ние немаме богата македонска музичка историја, моравме и тоа што го имаме да го чуваме. Во втора половина на 1970-ти, сопствениот авторитет, кој сè уште го градев, а особено на почетокот на 1980-тите, кога македонската сцена беше и најбогата, најразновидна, постоеја два типа на емисии. Еден тип беше онаа што јас ја водев, „Диско селектор“, а другиот тип беше „Три гонга“ која ја водеше Ѓоко Ѓоргиев, кој беше алфа и омега на движењето на македонската популарна поп музика. Тоа е човекот со најголем број напишани текстови и сè мораше да помине покрај него, бидејќи тој беше уредник на музичката редакција на Првата програма, моќен човек во тоа време. Низ филтерот кај него не поминуваа оние што беа актуелни кај помладата публика, но тоа поминуваше кај мене. Така што, сите млади бендови што доаѓаа, сакаа да дојдат кај мене. Џон Пил е еден од легендарните англиски радио водители и го работел истово што сум го работел и јас, но во една земја со 50 милиони жители, далеку повлијателна личност. Јас не знаејќи што сè он прави, сум го правел истото. Години подоцна, кога се отворија други прозорци, сфатив дека некои нешта треба да се поддржуваат како значајни, иако во одредени моменти ти се чинат како и да не се битни. Сите големи бендови и големи музичари кои и денес опстојуваат и вредат, минуваа низ „Диско селектор“.

IMG_1220

На пример, „Леб и сол“. Нивното прво појавување воопшто, го имаа токму во оваа емисија.  Има луѓе што не сакаат да удираат со глава во ѕид бидејќи боли, но има и такви што удираат сè додека не направат макар и мала дупка. И денес сите велат: „Ние сите знаевме дека тие се поинакви“, но тоа не е вистина. Не беше така. Неколкумина од таа продукција да, а и тие беа малку скептици, меѓу кои и Бранѓолица, Славе Димитров. На пример, Славе Димитров да седиш вака со него веројатно би ти кажал: „Драган Б.Костиќ е виновен за Дарио“ и ќе беше и ден-денес лут бидејќи велеше „тој за мене не е пејач“. Јас со Славе доаѓав до вакви судири. „Или ќе ги снимаш нив, или ќе се расправаш со мене. Што ти се исплати повеќе“, ќе му речев. Бидејќи не му се исплатеше да се расправа со мене, кој бев млад, надежен музички новинар, водител во подеми гласноговорник на генерации, ззатоа и дозволи Дарио и „Бон-тон“ да одат понатаму, инаку немаше да има ништо од тоа. Јас бев прилично остар на јазик. Што да ум, тоа на друм. Понекогаш тоа не е убаво. Искреноста е добра за душата, но не и за репутација. Го кажував она што се случуваше. Некои можеби се лутеа, но подобро беше така. Иако можеби бев маргинален лик во целата таа историја, но бев од оние што имаа храброст да кажат што мислат, да поддржат, да се караат на места каде што некои други не смееја...Тоа е едно убаво време, кое денес го нема, а го нема ни квалитетот. Група „Триангл“, дел од нив подоцна ќе станат „Конкорд“, прават концерт во Скопје, во МКЦ. Во тој миг, тие се толку популарни во Македонија, што преку улиците, преку белите средни ленти со посебни шаблони, беше испишано „Триангл“. Јас имав еден псоебен дел таму, како музички уредник, и се качува Влатко Стефановски. Само што ги снимија трите песни, „Кокошка“ и уште две и тие беа на обработка во фонотека. Сè додека нема наслов, минутажа, не може да оди на програма. Тоа е една процедура која трае подолго од снимањето песни. Но, јас благодарение на сопствениот авторитет и врските со сите продуценти, како излегуваа снимките така ги добивав, па ги емитуав во емисијата. Таа одеше во сабота, а концертот беше во петок. И Влатко дојде да ме праша: „Драган ќе нè има утре“? Му велам, да. „А која песна“? Јас му велам:„Сите три“. „Сите три???“ И така возбуден се симна по скалите, а доле го чекаа останатите. „Дечки, сите три!“, им викна Влатко. Не можете да замислите која е таа радост. Такви беа тие односи, релации, драго ми што можев да помогнам тогаш кога можев.

IMG_1274

Што би заборавиле... ако можете?

-Би заборавил дека 22 години и осум месеци бев хонорарец. Во историјата на таа куќа, јас сум хонорарец со најдолг стаж. Не ме примаа на работа, затоа што немав музичка академија. Подоцна се изменија работите и доаѓаа луѓе со разно-разни факултети. Пепи Ренџов едно време беше вработен во Радио 2, а имаше земјоделски или шумарски факултет. Додека канцелариите на студиото беа на 10-ти кат, дојдов еднаш навечер, бидејќи нешто заборавив. Тоа беше крај на 1990-ти, почеток на новиот Милениум. На вратата секако, имаше обезбедување. Се поздравив со едниот од нив и се упатив накај лифтовите. Лифтот за малку ми избега, но двајцата од обезбедувањето мислеа дека јас сум тој што отиде со лифтот, иако јас го чекав да се врати. И слушам, едниот го прашува другиот: „Кој беше човекот?“, а другиот не му кажа кој сум, туку му одговори: „Еее, овој човек да имаше факултет, овде ќе беше генерален директор“. Тоа многу ме боли и ден-денес, од причина што никогаш не би бил тоа што тие мислат, туку што не го гледаат тоа што јас го знам. Гледај го моето знаење, а не што сум завршил. Не ми е криво што не сум бил генерален директор, тогаш не би бил тоа што сум, туку што заради многу нешта, некои структури ме кочеа, ме држеа...Знаеш како изгледа 23 години да те тапкаат по рамо, дека си најдобар, а да не си вработен?! Да мораш да работиш нешто друго.. Јас во тоа време работев во диско-клубот Турист, еден од институциите на градот (се смее). Некако  надополнував, но не беше тоа што го сакам. Би ја заборавил таа неправда што ми беше нанесувана... На крајот кога си одев, ми беше нанесена една голема неправда, што човек почнува да се навикнува на нив. И тоа затоа што си добар. Да си лош, да си просечен, никој нема да ти обрнува внимание. Дури и луѓето кои раководат во еден миг сакаат ради себе, сопственото его, да кажат дека дружат со тебе. А всушност, можеби сакале да ти стават сопка. Тоа е некој македонски синдром. Кога си одев од МРТВ, неколку месеци претходно, јас реков дека не сакам да бидам во некаква селекција за избор на песна, жири и слично, затоа што не сакам никој да ме пцуе.

D259204023DBBC4B8F8977431807CCE5

Прифатив да водам нешто што го направи МРТВ, иако не сакам да припаѓам на ниту една политичка опција. Мене ме примиле и Претседателот на државата и Премиерот и сегашниот и претходниот, а веројатно и идниот и веројатно 40 години си го направиле своето. Јас одлично стојам и со луѓето и од едната и од другата страна, бидејќи кога ќе им ја видиш возраста, тие растеле со мене. На директорот Марјан Цветковски  му реков: „Диско селектор на 29-ти јуни 2014 слави 40 годнини. Тоа е најстара емисија во Европа, а веројатно и во светот што 40 годнини има исто име, иста фреквенција, ист водител и исти концепт. Јас одам во пензија на 10-ти јуни. 19 дена  подоцна е ова. Дали како директор ќе ми дозволите две недели да ја водам емисијата иако сум во пензија?“. Ми вели: “Како не, мене историјата ќе ме казни ако не го направам тоа“. За 30 години направив собир на „Лизгалиште“ и после „Ману Чао“, тоа беше втор по посетеност. Толку беше убаво, со различни генерации... Му реков дека  10-ти јули, кога ќе заврши „Заборави ако можеш“, последната емисија ќе биде 4661-вата емитувана... 4661 час во живо, исто толку раскажани стории.

960067_10200606908448850_402464870_n

Во светски рамки непоимливо. Му реков дека сакам да направам и видео проект, бидејќи мојата видео документација е богата исто како и аудио. Ми рече дека ќе биде така како што побарав. „Јас треба да сум будала да те пуштам“. Ме прашаа дали сакам да ми продолжат уште една година, но мене ми беше доволно ова. На први јуни отидов повторно кај директорот, но не беше таму. Ниту на втори... Реков дека ќе се вратам на 10-ти и така и направив. Само јас тој ден одев во пензија. Значи, во тој момент, јас сум најстариот во националната куќа, кој има неверојатна историја зад себе. Дошло време и јас да бидам најстариот. И доаѓам да се поздравам со вршителот на функцијата генерален директор во тој момент. Знаете колку поминале низ годините...Нему ќе му остане повеќе во сеќавање... Не сега, но еден ден... Ќе каже, кога Драган Костиќ си одеше во пензија, јас го испратив... Да ми понуди кафе, па макар и сам да си го платам, па после што сака нека каже за мене. Не бил роден кога јас сум почнувал да удирам со глава во ѕид. Биди достоинствен заради местото кое го заземаш во државата... Но, не се појави и јас бев многу повреден. Јавно не, првпат сега зборувам јавно, но навистина бев повреден, бидејќи ако кон мене после толку години искуство и работа некој се однесува вака, што да очекува друг...Тоа не можам да го заборавам... Иако, имам многу убави спомени ... Македонското радио ми овозможи шанса и мене и на стотици други, но јас ја искористив благодарение на сопствената работа, која траела и по 15 часа дневно. Имаше прекрасни луѓе кои работеа со мене од другата страна и тоа со децении, кои растеле, старееле, оделе во пензија...Со нив одлично стојам, но со другите, кои упорно повторуваа Драган нема музичка академија, бидејќи во мојата редакција сите имаа не... Искуството е она што го прави прави човекот, школото е само дополнително... Тоа се лоши мигови кои оставаат трага, лузна која ќе остане до крај.

Хотел „Турист“ денес Хотел „Турист“ денес

Каква дискотека беше „Турист“ и колку младите денес знаат да се забавуваат во диско?

-Денес нема многу простори за многу различни генерации, или пак млади генерации но со поширок музички интелект. Денес не е исто како и 1970. Сега се измешани трендовите, не е битна возраста. Тој што има поголем музички интелект ќе препознае добро, не е важно од која година е. Во градови каде што имало неколку дискотеки, како Прилеп, Битола, сега има по една-две, и финансиската ситуација си го прави своето... Одам сега и работам корпоративни забави, кои се мошне интересни... Во последно време, со големо задоволство, правам нешто што надвор е вообичаено, а кај нас сега станува тренд, тоа се свадби. Родителите се обично генерација што се забавувале на моите забави, па интересно е да видите како се забавуваат две различни генерации. Кога одиш во Битола, тоа е една посебна клиентела, до пред некое време одев навистина многу често, но долго време не забележував нешто, на што подоцна ми обрнаа внимание. Битолчаните во диско не влегуваат како скопјаните. Тие во диско кога ќе влезат се како на писта. Одат до одреден дел на подиумот, ќе се свртат (како манекенките на крајниот дел од пистата), да ги видат и се спуштаат долу. Во Скопје исто, сè помалку има забави на кои вистински се забавуваат луѓето. Некој ќе рече, денес има многу места за забава. Места можеби и има, но луѓе за забава нема. Во што е разликата некогаш и денес? Некогаш си одел за да ги видиш и за да се видиш со луѓето, а денес се оди за да те видат. На пример, на син ми не можам да му објаснам како тоа во Турист на долг шанк некој ќе ти го испие пивото. Од толку многу народ не може да се стаса на ред, па ќе го прашаш тој што има, дур да дојдам на ред, дај една голтка-две. После тој и за тебе ќе земе пиво. Тогаш имаше посплотено живеење. „Турист“ беше по обем можеби најмалата дискотека, но најпосетена, примаше најмногу луѓе. Како? Веројатно со помош на магија. Имаше регистрација за 120 луѓе, а внатре имаше и по 800. Секоја вечер! Во четврток во „Турист“ правев топ листа. Како? Кога дојдов јас таму, Григор Копров беше шеф на дискотека, иако не сакав да работам таму, на крај успеа да ме убеди. Го викнаа доктор Миодраг Врчаковски, кој исто беше диџеј, на отворањето, но генерално дискотеката беше празна. Јас му реков на Копров да испечатиме стотина листа и 50 пенкала и да викнеме што повеќе наши пријатели. Се договоривме во четврток да биде топ листата. Ја водам топлистата како на радио и пуштам денс песни. На крај, гласаат со помош на листовите што им ги дадовме, а на неколкумина им дававме и влезници за следниот четврток. Првиот пат имавме триесетина, следниот веќе 150, после тоа 300 и сè повеќе. На влезот на дискотеката имаше едно дебело стакло, кое еднаш месечно сигурно пукаше. Ако ходничето каде што е стаклото собира четворица, таму се собираше редица луѓе. Чекаа од двете страни на улица „Македонија“. Од многу народ пукаа, но бидејќи е дебело стаклото немаше повредени. Од управата на хотелот не се лутеа, викаа ако, тоа значи дека има народ, ќе ставиме ново.

IMG_1239

Кога видовме дека тоа оди добро, го поделивме на два дела. Во четврток беше странска, а во вторник македонска и „ју“. Бидејќи во радио можев да ја земам оригиналната лента, пуштав во диско најнови песни и се вртеше макеоднска музика. Кога се одлучив да правам ноќна забава, во „Турист“ веќе бев менаџер, а Цајо беше шеф. Регуларно се отвораше од 6.30ч., а веќе во 6 часот имаше редици, иако во летните денови уште е ден. Никој не можеше да влезе само со другар, исклучиво со девојка. Тоа ни беше сигурно дека нема да имаме само машка публика, а и кога има повеќе жени е помирно. Во 11часот требаше да затвори дискотеката, последни автобуси беа во 11.30ч. Со такси се одеше само на железничка. Тоа беа 1980-ти години. Во 11.30ч. на брзина го чистеа чистачките клубот. Од 7  до 11 часот трошевме 20 до 40 гајби пиво, ама се пиеше и шток, шприцер, вискито беше многу евтино. Во 11.30ч. излегуваа млади до 20-тина години, а веќе после полноќ имаше возрасен народ. И тоа беше прва дискотека што работеше ноќе. Имаше турканици, луѓето беа желни да живеат после полноќ, бидејќи во тоа време немаше ништо. Но, јас имав и еден симпатичен проблем поради тоа. Забавите беа во сабота ноќе, а јас морав да добијам дозвола од Градско министерство за туризам дека можам да работам ноќе. Секој понеделник речиси без исклучок во 6.30часот  кога ќе дојдев на работа, доаѓаше патрола од полиција „Беко“ по мене. Сигурно се прашувате зошто? Во некои многу почесни времниња од овие, на местото на трафиките денес имаше млекари, самопослуги, се оставаа јогурт, пресно млеко, леб. Ако отвораат во шест часот, тие ги оставаа во пет наутро и тоа беше најнормална работа, секој го почитуваше тоа. Е сега, тие што излегуваа од дискотеката, после многу штока и виски испиени, им гори душата и тие сакаат да купат јогурт, но пари веќе немаат и ги земаа неплатени. И бидејќи ги научија дека се од „Турист“, постојано мене ме собираа, бидејќи јас бев одговорен за забавите и ме прашуваа: „Па добро Драган до кога?“. Но, јас им велев, па собирајте ги нив, зошто мене... Не го сакам зборот ретро, иако можеби сум еден од основоположниците на тој термин кај нас. Ретро е минато, но не нужно и далечно минато. И овој разговор кога ќе излеземе ќе биде веќе ретро. 1978 направив евергрин вечер, нешто што денес го викаат ретро. Тоа беше во понеделник. Васил Тупурковски - Циле имаше свое место до шанк со друштво... Другите дискотеки немаа во сабота толку народ, колку ние во понеделник... Среда беше неработен ден за дискотеката, но правевме квиз. Дававме нагеади – чевли, златен прстен. Беше забавно. Еднаш најавивавме телевизор дека ќе даваме. Донесоа голема кутија, ја отворија, има друга, втора, трета, четврта и на крај вадат мала кутија и во неа острилка телевизор. Јас никогаш не реков каков телевизор. Или ќе дадеме нокшир, па следната недела дојдете по тоалетна, се забавувавме многу. Дали луѓето сакаа да се забавуваат, дали ја сум имал храброст да го правам тоа.. Денешните газди сакаат веднаш да се збогатат, па не може така...Ме исполнува кога некој сосема случајно ќе посведочи на тоа убаво време. Еднаш се шетаме со сопругата, и една госпоѓа се сврте и викна: „Господине!“. Јас помислив дека ќе ме искритизира, а жена ми чекаше  да види што ќе каже. „Само сакав да ве поздравам, Вие сте Петар Пан“, и си замина. Не сфатив од прва, но потоа ми текна дека Петар Пан е лик на неизраснато дете и секој сака барем во дел од секунда да е во дел од младоста, или лик кој најмногу, не физички, потсетува на тоа време, кој постојано е тука. Во прашање се 40 години, на некој начин сум станал константа. Му благодарам на Господ ми дал здравје, една комуникативност, еден поинаков морален кодекс...

1075-650x433

Каков е Драган приватно?

-Јас сум голем љубител на кучиња. Особено на улични кучиња. Во состојба сум една третина од сегашната пензија да дадам за храна за кучиња. Имам 4-5 маалски, улични, што буквално знаат да се гушкаат со мене и ми се подобри другари и од најдобрите другари. Знам и физички да ги бранам тие кучиња, бидејќи знам дека нивната приврзаност и искреност е далеку поголема од човечката. Човек може да ме лаже, тоа не ме лажи, бидејќи кога е гладно, ќе се припие до мене и чека, не бара. Знае, ако имаш, ќе му дадеш. Имам посебни нивоа на вредности кон луѓе. Јас сум традиционалист. Така ме научиле. Знам дека денес не можеш да го собереш семејството на ручек во одредено време како што татко ми инсистирал, односно мајка ми. Таков семеен кодес не смеел да се прекрши. Но, и покрај тоа, гледам да бидам колку што е можно поблиску до традиционални вредности. Ме погодуваат морални аномалии. Јас признавам сексуална определба на секој, но не и надвор. Штом ќе го направиш првиот чекор надвор од твојот дом, твојата приватност станува јавно однесување. Ти дома прави што сакаш, но надвор имаш одговорност. Почитувам сечија вера. Иако многумина мислат дека кој знае колку сум заработел, јас живеам како и секој друг, со скромни примања. Не треба вредноста да се мери по парите, затоа што ако таа вредносна норма е доминантна, бидејќи има многу што заработиле можеби и на нечесен начин и ако сите сме во ист кош, тогаш сме отишле по ѓаволите.

old_music_1_by_erfea-d34a3co-630x420

Во која ера музиката и модата пренесувале најсилна порака?

-Кога некои нешта ќе станат, па дури и најавангардните движења, вообичаено нешто, кога ќе поминеш низ историјата на популарната музика, ретко кој тренд траел долго. На пример, панкот. Тој траел онолку колку што авангардноста го привлекувала вниманието на масите. Колку и желбата да се поистоветуваш или да бидеш сеирџија, да гледаш другите како се однесуваат, зависи во каква средина си растел и си го доживувал како таков. Ако го погледнеш хипи движењето, во еден миг значи побуна, ама побуна каде што моралот сè уште претставувал некаква вредносна категорија...Денес имаш милион слични ситуации како тие во доцните 1960-ти, заради кои ќе кажеме младоста на планетата станала да се буни...  Мислам дека музиката е таа што секогаш иницирала мода. Но, во еден миг, модата и нејзините творци, со пошироки, подосегнувачки идеи од останатите во нивната сфера, знаеле да се вклопат во тие музички движења. Хипи движењето кое се залага за мир, траело само неколку години, и го иницирале оние што бегале. Од Америка потекнува. Знаете како биле драфтувани регрутите? На лотарија, јавно на телевизија. Се влечеле топчиња. Пример, буква Б, месец јуни, ден седми, година и сите на Б по презиме, родени на тој ден и година, биле драфтувани во војска. И луѓето почнале да бегаат и да се противат на војната, што многу музичари го поддржале тоа. Музиката подржувајќи ја таа состојба, го крева движењето на една национална повисока основа. И модата го поддржала тоа. Во една таква ситуација се јавува Вудсток и ги менува сите нешта. Тотално ги извртува. Половина милион луѓе да се соберат во 1969 година на едно место заради музика, тоа било надвор од ум. Но, навистина луѓето оделе само ради музика и дружба. Сè понатаму е под сомнителни  морални канони, ајде да собереме пари, ама да видиме ние колку ќе земеме. Не е тоа за општо добро. Веќе во 1980-тите години има нов бран, кога се појавува романтизмот, тој наложува еден посебен тип на облекување, мене особено драг, ако не и најдраг. Таа една лежерна и женска и машка мода, шалчиња, карирани кошулчиња... Кога требало да се појавиш во јавност, не би важен брендот, туку да бидеш што поинаков од другите. И музиката била таква. И тоа трае неколку години, потоа доаѓа ска. Идеологијата и историјата на музичкиот правец ја одредувала и модата. Модата е многу тесно поврзана со музиката, но не кога на сила се наметнува. Јас не сум многу по модата. Македонците многу бргу се задоволуваат со сè. Ние сè знаеме...Самите себе се кочиме. Порано можеби помалку имало, ама сме можеле секаде да појдеме. Денес, имаме сè, но всушност ништо немаме.

Еден од блиските пријатели Ви е и Здравко Чолиќ...

-Тој во Сараево живееше на „Ленинова 12“, а јас во Скопје сум роден на „Ленинова 12“. Брат му се вика Драган, јас се викам Драган. Татко му се викаше Бранко, исто како татко ми. Двајцата сме близнаци во хороскоп. Кога ќе дојдеше кај мене и кога ќе седневме на маса, жена ми ќе поставеше што има да се постави и ќе се тргнеше, бидејќи од нас двајца не можеш да дојдеш до збор на маса. Си стававме рака преку уста, за да може тој другиот повеќе да зборува. Во тоа време јас не можев никако него да му помогнам. Во Македонија можеби и нешто сум можел, да има промоција во радио на прв албум или слично. Но, тој ги имал Загреб и Белград најмоќните центри, ние бевме периферија, но веројатно нашол нешто во мене. Јас имав храброст, а еден сум од ретките, бидејќи Здравко е многу суетен, да му кажам што мислам, или да се подбивам на негова сметка. На еден омот имаше вратоврска-пеперутка, и му реков, изгледаш како да си крупие или младоженец а тој пак: „Ма види како сум убав, нели сум убав?“, ќе ја прашаше жена ми, а таа по женска линија секако ќе му речеше да. Кога го донесе албумот „Мало појачај радио“, носеше една јакна.

collage1

Жена ми ја зема, додека јас носев пијачка и скришно ме праша, што му е со јакната, што се срами да носи таква јакна. Јас ја гледам, цела излижана, катастрофа. И му реков :„Брат изгледа не ти оди работава а?“. „ Зошто, баш ми оди“, ми вели тој. Велам, „Па до сега промоции по Лондон, наваму натаму, џемперчиња, кошулчиња, сега јакна носиш цела испокината“, со подбивачки тон, за зафрканција. Ми рече: “Па знаеш ли чија е таа јакна, ја купив во Лондон, Џејмс Дин ја носел. Ја купив на лицитација!“. Џаро кој сакаше да направи циркус, му рекол дека е на лицитација, а купена е на пазар. Бевме многу многу блиски, но во екот на војната, изгубивме контакт. Успеавме потоа да се најдеме, багодарение на Интернет. Едно време живееше во Скопје, неколку месеци и беше многу често кај нас дома. Татко му бил полицаец. Малкумина знаат како мајка му и татко му избегале од Сараево, една негова емотивна приказна...

 Но, тој не е единствената позната личност со која сте пријател...

-Со Ѓорѓе Балашевиќ се запознав исто на еден многу необичен начин. Се шегуваме за песната „Ал се некад добро јело“, дека има продолжеток, „Ал се и данас једе, ал код Драгана“, бидејќи жена ми е ептен по готвењето. На пример, на една проба, син ми, кој има идентична боја на глас со мене, ниту мајка ми нè распознаваше, ниту пак жена ми, се трудев да го убедам да тргне по моите стапки, но на крај се покажа како безуспешно, повеќе го интересираше спортот и некои други работи, доби посебна посвета од Балашевиќ. На пробата, тој ја испеа со специјален текст за него, инаку тој се вика Бранко, како татко ми, „Као Бане, мали Бане....“, а јас во брзање ја земав првата касета дома што ми дојде под рака, за да ја снимам таа верзија. Перо Камиказа го озвучуваше концертот. За белја, касетата беше катастрофа и не се сними сè. Инаку, Балашевиќ го запознав во еден локал, во кој одевме само ние двајца. И секој ден така.Тој со гитара во рака, а јас на пауза, на пауза од касарна во Нови Сад. Јас одев да земам весници за клубот, бидејќи го водев, и го користев да избегам. Тој се подготвуваше за концерт, ме повика и тогаш за првпат слушнав како на еден многу необичен начин ја изведува „У раздељак те љубим“. Дали имаше 30 луѓе на свирката. Имаше и три девојчиња. Тие беа во кратки црвени фустанчиња. Јас и мојот кум Градимир Здравковиќ, кој тогаш работеше во „Екран“ и пишуваше сатира и хумор, заедно бевме во војска во одделот санитет и гледавме одозгора. И кога ќе пееше тој „У раздиљак те љубим“, тие ќе се свртеа накај публика, имаа гаќички бели со црвени точки, пуфки, не знам што беа, оддалеку изгледаа како точки и ќе ги покажеа гаќичките и многу го зезавме Балашевиќ за тоа. Му велевме, добро, ти порнографски филм снимаш или што (се смее). „Песната ми ја забораваат, ама рефренот го памтат и девојчињата“, велеше тој.

u-razdeljak-te-ljubim-omot

Бајага само што излезе од „Рибља чорба“, само што го објави првиот албум, јас го донесов. Водев една емисија што се вика „Радио урнебес“, за која луѓето стануваа во 6 часот наутро и го донесов Бајага. Немав идеја дека е толку популарен. Околу „Бристол“ имаше стотина девојчиња што вриштеа. Потоа, кога беше бомбардирањето во Србија во 1999, се јави да праша на кој премин е најбезбедно да премине, па му реков, немам голем стан, но дојди кај мене да преспиеш и ми беше гостин. Неговите ги однесе во Кина.

Вие имате и една интересна семејна приказна...

-Ова малкумина го знаат, со наредба на Младиќ, јас морав да се вратам во Скопје. Младиќ беше командат на трета младинска област во Македонија, а јас бев во војска тогаш. Мислам, јас не ни знаев дека е тој, кој го знаел тогаш. Бев веќе 15 дена во војска и ми наредија да се вратам назад и тоа заради емисија, која се викаше „Пријатели добар ден“. Гиго и Цветко беа ликови кои подоцна послужија за к-15, тие беа основа. И бараа да се вратам, бидејќи таа носеше пари, a бев невработен.Татко ми ми рече, нека те вработат, па они ќе ти одложуваат за војска. Јас им предложив, тие одбија. Јас отидов во војска, ме ишишаа до гола кожа, а во тоа време, 1978 сите имавме подолги коси. Не се препознав во огледало. После 10 дена, дојде еден командант на чета, имаше многу безобразен, вулгарен речник. Јас уште не знаев како треба да застанеш пред старешина. Нема да ги употребам неговите зборови бидејќи се многу вулгарни, но ме праша, зошто сум во цивилство. Ми се развика, јас му реков дека сум новинар. „Каде работиш?“, јас му велам во Радио Скопје. Тој ми се развика, „Не може! Ти треба да се вратиш назад!“ Ништо не ми беше јасно, дојдов во војска, што е работава сега.„Собери си ги парталите, извади возна карта, со што сакаш оди, ама оди си!“. Ми кажаа дека од командир од третата област заповедал да се вратам. Јас уште не ја знаев хиреархијата, но знаев дека е важна функција.Не ми беше јасно што сум направил. Помислив на татко ми, бидејќи по него требаше да се снима филм, ама во тој момент друг филм беше финансиски поисплатлив.

IMG_1224

Татко ми е веројано единствениот Македонец, и покрај презимето, кој успеал да дојде на 400 метри од Рајхстаг, како руски војник, односно како војник што успеал да избега од германски логор, каде бил до јануари 1944.  Потоа од март 1944 до мај 1945 ќе бега едно 1200-300 километри во правец на руски единици, па заедно со нив ќе се враќа кон Берлин, како руски војник. Зборувал седум-осум јазици и бил преведувач во секоја команда на град, како доаѓале и освојувале, така оделе со него. Така успеава да дојде и до 400 метри од Рајхстаг... Посебна приказна е Бранко... Во рок од три дена, двапати успева да избегне стрелање, едното во Крагујевац, другото во Краљево. Бидејќи ги носел сестрите во Крагујевац, на враќање кон  Краљево на железничка станица, стоел на прозорец и некој од шефовите на станица го прашал чив е и каде оди, инаку имал 17 години. Татко ми одговорил дека е на Драги „штампарот“, а железничарот се погодил да го знае дедо ми. Му рекол да се симне од возот. Иако му било чудно и не го познавал, се сминамл, бидејќи железничарите знаеле најмногу во тоа време што се случува и знаеле дека во Крагујевац има 7.000 мртви,а истото се планирало и во Краљево, на каде и патувал татко ми. Го држел два дена во станица, додека не поминало стрелањето во Краљево. Баба ми и дедо ми полуделе од грижи, бидејќи немало ни трага ни глас од него. Тој е еден од четирите браќа. Најмалиот тогаш е многу мал, а постарите двајца се во логор. Инаку, дедо ми е човекот што ја оформил првата печатница во Македонија, 1919 година и се вика „Зора“. Подоцна се викала Бранко.  Десетина дена подоцна, кај Дом на градежници, моите таму имаа куќа, а печатницата била точно каде што е сега Миднајт. Дедо ми и татко ми оделе по тротоар, било дождливо, а во исто време и германски офицер одел по тротоарот. И дедо ми, паметен човек, кога видел дека доаѓа офицер, веднаш го поздравил и го тегнел татко ми да се тргне од тротоарот офицерот да помине. Татко ми, не сакал да се тргне...Германецот почекал дедо ми да го вразуми, но татко ми не сакал да се тргне и офицерот извадил пиштол, околувратиник и пред очи на дедо ми право во команда на Град, уште вечерта во Берлин во логор, јануари 1941. Можете да замислете каква приказна е бегањето...

Остана ли нешто после 40 години искуство што не го направивте, а би сакале?

-Да. Ако имаш некого за кого сите гледаат дека може да биде светски првак, а ти викаш, не тој е тука од нашиве маалски натпреварувачи, стануваш гневен, затоа што знаеш, не дека си нарцис, самозаљубен во себе, туку едноставно знаеш дека тие околу тебе сите можеш да ги победиш. Јас до сега требаше да ги напишам тие девет книги за 1980-тите години, мислев дека ќе успеам уште нешто да направам, бидејќи никаде во светот не најдов ни слично на тоа што јас го работам. Имам една од најбогатите музички литератури во Македонија, па може и овој дел на Балканот, од тој тип на популарна музика на 19-ти век.

10898339_10202628732353184_7153320214919029146_n

 

Да имаше некаде нешто слично, немаше да се мачам да пишувам. Некој ќе каже, има на Интернет, па има и пари во банка, ама оди земи ги. Треба да знаеш како. Двете книги што ги објавив се богата енциклопедија, но татко ми ми ја направи најголемата грешка. Јас сум четврто колено во Скопје на моето семејство и татко ми ми рече, ти секогаш ќе бидеш на –иќ, иако зборуваш подобро македонски од многу луѓе тука, но ќерка ми воопшто не знае српски, дома никој не зборува, јас и брат ми никогаш не сме зборувале српски и ми рече, напиши ја книгата на македонски. Јас сакав да ја носам во Белград, Загреб, ама тој инсистираше првин на македонски, па после на кој друг јазик сакам. Но, за тоа треба пари. Новинарите на музички емисии можат да прават свои приказни, само треба да знаат од која страна, што да земат. Криво ми е што не ги направив на српски. „Кавервил“ го работам со не знаете каква љубов. За првпат во Македонија се случува една емисија да од еден центар 14 станици ја пренесуваат.

1078-650x433

Нареден мој чекор за едно шест месеци е да почнам да го правам она што никој досега не го направил, а со големо задоволство. Ако ти водиш емсија во Велес, а тој во Охрид, како тие во Охрид ќе дознаат за тој во Велес? Никако. И обратно. Но, ако јас ги убедам газдите на двете радија да имаат гостувачки емисии, и така низ сите градови на Македонија, ќе ги измешам работите и ќе направам национално радио. Повеќе од ова овде. Ова е национално, затоа што зрачи на национална територија. Ако покажам дека има таленти и на нив им дадам причина за живот што би се рекло, можност да ги чуе некој друг, да им дадам импулс да го сакаат она што го работат, ќе биде прекрасно. „Кавервил“ веќе застанува на цврсти нозе. Направив сега одлична емисија за Едит Пјаф, по повод 100-годишнината од нејзиното раѓање, на еден забавен начин што ниту едно радио досега не го направило. Или за Масевски. Кога ја пишував емисијата ми течеа солзи, кога ја читав, кога ја монтирав исто. Но, последно што сакам да направам е телевизиска верзија на „Заборави ако  можеш“. Сигурен сум дека со тоа ќе врзам различни генерации кои ќе гледаат. Ќе го направам да биде интересно и да го засака секој. Информација, едукација и забава се трите постулати што мора да ги содржи една емисија.

Објавено:
9 јуни 2015