Уличен артист, графички дизајнер

Dreadpen: Скопје секогаш има отворено срце за улична уметност

Интервју со
Давид Ристевски
4 мај 2018

Сигурно некогаш ви се насмевнало некое од оние симпатични „чудовишта" нацртани на сивите трансформатори низ улиците на Скопје? И уште посигурно и вие сте му возвратиле со насмевка? Виновникот за вашите (нашите) насмевки е Давид Ристевски а.k.a Dreadpen, еден од нашите најплодни улични артисти. Инвазијата на „монстерчиња" како што тој ги нарекува, го „нападна" Скопје и го обои неговиот дух во шаренило, кое станува дел од идентитетот на градот. На 10-ти мај во „Излет", Давид ја промовира својата нова, летна линија маички со автентични принтови, а тоа беше еден од поводите да уживаме во разговорот со него...

„Монстерчињата" од фантазијата на Давид фино си се сместија низ скопските улици и несомнено веќе се дел од идентитетот на градот. Па во тој контекст, Давид колку уличната уметност е дел од ДНК составот на Скопје? Има ли љубов на релација Скопје и „street art"?

- Уличната уметност била, и ќе биде дел од Скопје, понекогаш повеќе, понекогаш помалку. Но, Скопје секогаш има отворено срце кога се работи за улична уметност и чека. Се што треба е да се возврати таа љубов.

Под какво/чие влијание твори твојата фантазија?

- Дијапазонот на нешта кои ја сочинуваат фантазијата е огромен. Би ги издвоил оние работи кои ми се секојдневие и можам да кажам дека се главниот бунар од каде црпам инспирација. Стрипови, гледање "еден тон" на цртани, шпартање низ градот, низ улиците, интернет во најшироката форма.

На сивите градски кутии и трансформатори, ти им даваш насмевка и тоа шаренолика и исклучително шармантна. Па од насмеаните трансформатори, некако таа позитивна енергија се пренесува и на лицата на случајните минувачи. Насмеана улична ументост – насмеани лица... Може ли уличната уметност да го спаси светот? Како општество, разбираме ли колку може да биде моќна пораката на ѕидот односно трансформаторот :) ?

- Многу ми е мило што таа корелација помеѓу монстерчињата и луѓето резултира со насмевка. Тоа е еден показател дека луѓето ја разбираат пораката и се движиме во позитивна насока. Но, дали нашето општество во целина го разбира она што e улична уметност, од моја перспектива можам да кажам и да и не. Ова може да се смени од повеќе аспекти, еден од нив е повеќе творење и повеќе шаренило низ градот.

Луѓето или гледаат уметност или криминал/вандализам.

Имаш омилен карактер меѓу твоите „чудовишта"? И колку нивниот карактер кореспондира со твојата моментална внатрешна состојба додека твориш?

- Омилен не, но имам некои што ми се подобри од останатите, но не би сакал да ги делам :)
Да, тоа што го гледате низ градот е дел од мене, повеќето од монстерчињата се радосни, што значи и јас сум радосен и позитивен.
Ама се зависи од денот :)

Со каква музичка позадина се цртаат најдобрите графити?

- Верувам, кај секого е различно. Мене лично, хип хоп 90-ти.

Кое е најнепосакуваното „чудовиште" за еден street art уметник?

- Легално, некој да ти покрие, расипе, ичкрта тоа што си го направил. Илегално, полиција :P

Си се соочил ли некогаш со стереотипен гард, со „ѕид што не сака да биде обоен"?

- Да. Во неколку ситуации. Некои од нив се и смешни, вреди да се раскажат кога ќе дојде време. :)

Зошто Dreadpen?

- Очигледно е. Суканици. Молив.
Цртам од кога знам за себе, а суканиците станаа дел од мене, пред повеќе од 9 години.

Твојата уметност е реплицирана во различни форми, па меѓу другото имаш и твоја линија маички со автентични принтови. Новата летна колекција ја промовираш за некој ден во Излет?

- Точно. Лепезата на производи полека расте и се развива во различни форми.
Новата летна колекција ќе се промовира на 10 мај, во Излет кафе од 17 часот. Освен маички, ќе има нови стикери, Dread Notes (тефтерчиња), како и уште неколку производи кои ќе бидат изненадување. Да не заборавиме и на добрата забава, за која ќе се погрижат Dj Goce (SAF) и Dj Drama (Зад Аголот) и ќе ве натераат да останете и по завршувањето! 

Со оглед на тоа дека веќе неколку години ти развиваш свој, мал бизнис – колку нашата земја отвора перспектива за млади бизнис ентузијасти?

- Има голем потенцијал, особено кога станува збор за модата и облеката, што во последните година-две, резултира со многу нови брендови и тоа ме радува. Сè што треба е храброст и упорност да се продолжи со работа, бидејќи нашето поднебје знае да биде сурово кога станува збор за нешто ново на пазарот.

Фото извор: приватна архива, Инстаграм

Објавено:
4 мај 2018
Прочитано:
512 пати