музичка група

Сакаме да останеме тука и да направиме промена

Интервју со
ДУПЕР
26 јули 2018

Не сум твој тип јас знам, ама нема да пропуштам прилика“ вака почнува рефренот на летниот хит кој се врти по македонските радио станици нешто повеќе од месец дена, а во изведба на новата група – ДУПЕР.

Ние не ја пропуштивме приликата да се запознаеме со дечките што ја размрдаа македонската музичка сцена во последно време.

Борис Какуринов (гитара, клавијатура), Мартина Баракоска (тапани, перкусии) и Илчо Нечовски (вокал, бас гитара) се ДУПЕР и се нашите нови соговорници.

Велат, уште од почетокот верувале во она што го прават, но не очекувале дека за неполн месец ќе имаат 100.000 прегледи на „Јутјуб“, безусловна поддршка од медиумите и вртење по сите радио станици во државава.

„Знаевме дека сме добри, да не звучиме претенциозно, но не очекувавме олку. Нас, амбициозната цел ни беше 20.000, со што ќе пласираме уште седум песни и претпоставивме дека ќе стасаме севкупно до 100.000. Но, се случи уште со првата да имаме 100.000, што е супер. Ќе лажеме ако кажеме дека не сме сонувале нешто вакво да ни се случи. Затоа и го правиме“, вели Борис.

„Нема поента да правиме нешто, ако мислиме дека сме просечни“, се надоврзува Илчо.

Песната која освои многумина, доживеала измени, за на крај да прозвучи онака како што сите ја слушаме сега.

„Многу работи тргнавме, многу додадовме. На крај добивме убав продукт, иако многу работи се сменија. Задоволни сме. Постепено го добивме звукот што го сакавме и што ќе е препознатлив за нас и во иднина, се надевам“, искрен е Илчо.

Неговиот вокал многумина ги потсети на вокалот на групата САРС, па оттаму произлегоа и бројни споредби, со кои ниту еден од членовите на ДУПЕР не се согласува.

„Не се пронаоѓаме во тоа. Не се согласуваме дека потсетува, некако ни нема никаква поврзаност. Немаме ништо заедничко со САРС. Порелевантен ни е коментарот дека гласот на Илчо потсетува на Влатко Лозаноски поради фоничноста, отколку на САРС. Луѓето се поврзуваат за тоа што слушаат, па веројатно оттаму и коментарите. Секој си има своја асоцијација“, велат.

Песната ја следи и спот, кој е едноставен, а сепак мошне симпатичен и совршено се надворза на „Не сум твој тип“.

„Снимавме во станот на наш другар, уреден во шведски стил. Го преуредивме, многу елементи извадивме и ставивме наши. Ни се допаѓаше тоа што е бел и што и да ставевме се истакнуваше убаво. Гледавме да има бои што веднаш ќе се забележат на камера... Всушност, се трудевме да има поврзаности, оттаму не е случајно ни што во спотот доминираат сината, црвената и виолетовата како спој од двете. Инаку, Томи Акимовски е режисерот на спотот. Томи е одличен, многу убаво соработувавме. Убаво се чувствувавме додека снимавме. Многу убава енергија имаше и мислиме дека тоа се пренесе и на публиката. Покажавме дека и едноставното може да биде и многу ефектно. Тешко е да ја погодиш емоцијата на песната со спотот. Инаку, сите движења се во моментот смислени, а снимавме околу пет часа“, објаснуваат.

Иако од неодамна функционираат како ДУПЕР, нивното познанство трае од одамна.

„Борис и јас се знаеме уште од основно училиште, тој има повеќе стаж во свирење од мене. Откога го знам е со гитарата во рака и секаде излегувал со неа. Никогаш немаше да речам дека би свиреле во бенд заедно, но ете се случи. Јас почнав да свирам во средно, да бидам дел од бендови, да имам концерти и свирки, тие во средно почнаа да прават музика и така спонтано тргна приказната. Првин почнавме да свириме јас и Борис. После неколку проби, Борис го повика и Илчо, што беше малку незгоден момент од аспект дека се соочуваш со нов човек, не знаеш што да очекуваш... Ми беше срам и незгодно да свирам пред него, но брзо го надминавме тоа. Почнавме да свириме и знаевме дека тоа е тоа“, раскажува Мартина.

Всушност, Борис напоредно свирел и со Мартина и со Илчо, за на крај да препознае дека тројцата би биле совршен спој и да ја преземе инцијативата да профункционираат како група. А откако се увериле дека одлично звучат, им требало исто толку звучно име.

„Седевме со Илчо и седум месеци го мислевме. ДУПЕР беше една од опциите и некако секаде се провлекуваше. Илчо предложи сепак да се одлучиме за него, со што и ние се согласивме. Ни се допаѓа како звучи, кратко е. Доаѓа од „супер-дупер“, а „дупер“ како самостоен збор не значи ништо. Но, делумно и тоа беше целта, за ние да му дадеме значење или да го поврзуваат со нас“, објаснува Борис.

Борис

За нив оваа комбинација е добитна, особено бидејќи владее разбирање и слога.

„Гледаме да сме рамноправни. Се трудиме секоаш да има разбирање и компромис за тоа што некој го сака. Се дискутира за сите идеи, да не биде идејата на едниот поважна од идејата на другиот. Но, секогаш има некој што ќе повлече иницијатива, кој влече со енергија, кој знае да пресече за важни работи, а тоа во нашиот случај е Борис. Тој најмногу нè „крева“, има енергија, за разлика од нас двајца што „влечеме“ малку надолу, но важно е дека на крајот сите си доаѓаме во иста линија. Сметаме, а и од искуство сфативме дека, за да биде една група функционална, мора да се слушаме и да сме искрени едни кон други. И секако, да си веруваме. Без доверба ништо, а таа се стекнува со тек на време. Тие три работи се најважни“, вели Мартина, на што ќе се надоврзе и Илчо:

„Со Мартина најкратко се знаеме, но многу бргу се споивме. Знам дека звучи како клише, но преку музика се споивме. Тој ден кога дојдов, бевме збунети, но и двајцата се прекрасни личности. Со Борис се знаеме одамна, другари сме, со Мартина верувам ќе имаме одлично пријателство и понатаму. Ретко се наоѓаат личности со кои вака ќе се поврзете“.

Во контакт се постојано, а поради успехот на „Не сум твој тип“ зачестиле и пробите, со што уште посериозно се „фатиле“ за работа.

„Порано се гледавме по еднаш неделно сигурно, но сега секој втор ден имаме проби. Многу сме мотивирани и навистина работиме. Ни следи мал период на одмор, а потоа од септември повторно со полна пареа. Во процес се нови песни, а од септември планираме да започнеме и со свирки низ градот“.

Освен што се окупирани со новите убави моменти, тие се студенти. Мартина е на музичка академија, Илчо има нижо музичко, додека Борис е самоук гитарист.

„Учев од тоа што сум гледал по интернет, што сум откривал сам. Моите ми раскажуваа дека уште на шест години сум им побарал да ми купат инструмент, да свирам нешто. Ми купиле гитара, “кинеска“ од 1200 денари. Се сеќавам дека ме болеа прстите, па се откажав, но после две години почнав пак и таа љубов трае до денес. Инаку, студирам маркетинг, го одбрав бидејќи е сплет на сите други работи што ме интересираат – музика, дизајн...“, раскажува Борис, кој во слободно време се занимава со графички дизајн.

„Сè што е креативно ми се допаѓа. Мислам дури дека, во одреден момент од животот и би вајал : )“.

Мартина сака да слуша музика, да вози велосипед, а посакува и повеќе да му се посвети на цртањето, во кое претходно уживала. Со цртање своето слободно време го поминува и Илчо, но и со дневна доза филмови.

Илчо

„Сакам да изгледам барем два дневно. Еден наутро и еден навечер. Сега, откако го направивме спотот, повеќе внимание посветувам на кадрите, отколку на самото дејство, а филмовите на браќата Коен посебно ми се допаѓаат“, вели Илчо.

Во разговорот се наметна и Скопје како тема, па отидовме и во насока на кој дел од градот најмногу го сакаат.

„Скопје ми е омилен дел од Скопје : ) Но, ако морам да издвојам нешто, веројатно тоа би било Дебар маало“, вели Илчо.

„Еден од омилените погледи во Скопје ми е оној од жолтиот мост, што гледа накај „Александар Палас“, посебна магија има градот од таа перспектива и можам таму со часови да седам“, открива Борис.

„Јас го сакам многу гратскиот парк, многу ни е убав и секогаш е раздвижено“, посочува Мартина, која вели дека го сака и МКЦ, каде најчесто е на концерти.

„Кога сакам да слушам добар концерт одам таму, или пак во Македонска филхармонија, Дом на АРМ“.

Мартина

А темата за концерти, нè наврати и на тоа со која музика пораснале.

„Мајка ми ми ја вроди љубовта кон концертите. Со неа сум бил на многу концерти. Само три пати бев на концерт на Тоше, но и на Сантана и на многу други. Тоше беше супер. Сите песни му ги знам. Ми се допаѓаше посебно од аспект на музичар и пејач. Сите некако го врзуваат со хуманиот аспект, што секако е за почит, но мене музиката ме освои. Тој не се „шлепаше“ на добрината. Навистина беше одличен музичар“, се присетува Борис.

„Јас за жал не бев на негов концерт, а многу сакав да отидам. Желба ми беше. И јас многу го слушав како мала“, се надоврза Мартина.

„И јас израснав на домашна музика, ќе лажам ако кажам поинаку. Тоше, „Суперхикс“, Угро, „М2“ продукција, Врчак го одбележаа тоа време. Тогаш имаше раздвижена музичка сцена. Имаше бран од нови музичари, а би сакале тоа да се случи и сега“, потенцира Илчо.

Со 22 години, полни се со ентузијазам и желба работите да се сменат.

„Сакаме да поставиме основа, што можеби и веќе ја поставуваме, а не сме ни свесни и ги повикуваме сите што немаат храброст да прават музика на македонски или генерално музика, да се приклучат, бидејќи за сите има место на сценава, а и сите си помагаме. Сакаме да правиме соработки и со други музичари, особено ако се млади, бидејќи ќе биде спој на млада енергија, исти интереси и сл. Мислам дека работите веќе се придвижуваат, нешто се менува, дека сме дел од еден нов бран. Јасно ни е дека музичката сцена не ни е во најсјајна состојба, но работите навистина можат да се менуваат. Сакаме да останеме тука и да смениме нешто. Многу луѓе си одат, многу луѓе „кукаат“, но ретко кој се фаќа да направи промена. Многумина се жалат дека нема медиуми, емисии, но ние немавме таков проблем. Од старт, отидовме во радио, ја прифатија песната, вашиот медиум објави меѓу првите, без било како ние да интервенираме. Ние ги поттикнавме работите, а тие потоа продолжија да се случуваат сами. Луѓето реагираат, ако навстина се потрудиш и посветиш. И треба да пласираш производ. Ретко се прават работите до крај. Пример, некој ќе направи песна – ама нема спот, ќе стави само слика и никој нема тоа да го забележи“, смета Борис.

За тоа дека ништо не прават произволно, говори и фактот дека посветуваат внимание и на тоа како се појавуваат во јавност и каков им е имиџот.

„Важно ни е. И во случајов, се договоривме што да носиме. Битно ни е како изгледаме во јавност, но сакаме да останеме и природни. Сакаме да го задржиме тој некој „скопски“ стил, да кажеме: „Вака изгледа Скопје“. Гледаме да си одговараме стилски еден на друг, да изгледаме пристојно. Повеќе сме урбани, откоалку што се дотеруваме, но мислам дека тоа е ок, особено бидејќи сме млади“, вели Илчо.

После одморите, ќе следат нови песни од нив, а какви ќе бидат, велат ќе биде изненадување.

„Сакаме да експериментираме, затоа сакаме да опфатиме и различни стилови. Ниедна да не личи на претходната, а да се задржи звукот. Сакаме да звучи позитивно. А понекогаш сакаме и поемотивни, тажни песни. За музика не правиме компромис - меѓу нас да, но не би направиле нешто по цена само да е слушано, а на нас да не ни се допаѓа. Ние сме нешто помеѓу алтернативен и поп-бенд. Во сите песни има и од двата елементи, во некои од песните сигурно едниот доминира повеќе од другиот. Опфаќаме повеќе публика, така се случи, не го направивме намерно. Сето ова што нè снајде создава еден позитивен пристиок. Го уживаме моментот, многу сме среќни што има рекација на она што го правиме, што значи има за што да работиме. Не дека ќе се откажевме да немаше 100.00 прегледи, но ова е секако мотивација повеќе. Би сакале да им се заблагодариме на сите што нè слушаат, за сета поддршка што ни ја додоа, на нашите другари и семејства. Многу ни е ќеиф и сакаме да знаат дека и ние ги сакаме нив“, велат за крај од ДУПЕР.

А ако денеска не ја слушнавте „Не сум твој тип“, сега е право време:

 

Објавено:
26 јули 2018
Прочитано:
1.097 пати