Сопственичка на модниот бренд Елена Лука

Елена Лука: Венчаницата е карактер, идентитет и спомен

Интервју со
Елена Пандева
22 март 2016

Венчалниот фустан секогаш има посебно место во една свадбена приказна. Венчаницата е карактер, магија, идентитет, спомен. Затоа, невестите со право особено внимание посветуваат на овој исклучително значаен сегмент од нивната свадбена церемонија. На неодамна одржаниот Саем на венчавки, домашниот моден бренд Елена Лука ја продолжи традицијата од минатата година, па и оваа имаше навистина забележително присуство. Во пресрет на саемот, Елена Лука ја лансираше и својата нова колекција венчаници за актуелната сезона која ја промовираше со романтичен лукбук. За уникатниот дизајн на венчаниците со потписот на Елена Лука, за актуелните трендови на венчаници, ателјерската приказна, темите за кои најчесто се советуваат идните невести, како и за тоа каков тип на венчаници се најсоодветни за одредена телесна конструкција, разговаравме со сопственичката на брендот, Елена Пандева.

Неодамна се одржа Саемот на венчавки каде Елена Лука и оваа година имаше навистина забележително присуство. Како поминавте?

-Саемите се секогаш убава прилика непосредно да се сретнете со поширока публика и нови потенцијални клиенти. Елена Лука и оваа година беше дел од Саемот на венчавки каде морам да кажам имавме одлична презентација и исто така многу позитивно искуство. Не посетија огромен број на идни невести кои веќе се во подготовки на своите свадбени свечености и на мое големо задоволство голем дел од нив се одлучија својата венчаница да ја изработат во Елена Лука, па дури имаше и невести кои се одлучија за готовите модели на венчални фустани што беа изложени на саемот. Сезоната на венчавки веќе е во тек, така што ателјето за венчаници на Елена Лука работи со максимален капацитет.

Каков стил на венчаници се најбарани во ателјето на Елена Лука?

-Невестите што се одлучуваат за венчаница со потписот на Елена Лука, точно знаат каква е нашата естетика и токму затоа се одлучиле тој исклучително значаен детаљ од еден исто толку значаен животен настан, да го доверат токму на нашиот моден бренд. Секоја венчаница е своја единствена и неповторлива приказна, уникатна и со стилски печат на Елена Лука и знам дека нашите невести тоа го почитуваат и вреднуваат. Елена Лука во својата богата понуда на венчаници вклучува голем стилски избор и во однос на формите, и во однос на изборот на материјали, дезени, бои, детали... Секогаш во соработката со нашите клиентки е вклучен професионален тим кој покрај другото, ќе им помогне целиот тој динамичен период пред венчавката да се чувствуваат пријатно и убаво, како што впрочем и секоја невеста заслужува.

Што ги прави уникатни и единствени венчаниците на Елена Лука?

-Она што е препознатливо за венчаниците на Елена Лука е пред се одличната изработка. Се посветуваме буквално на секој сегмент да изгледа совршено во комплетната слика. Работиме со исклучително квалитетни материјали од кои многу зависи и крајниот резултат и постигнување на саканиот ефект. Рачните доработки се тие што ја прават венчаницата посебна, па затоа голем дел од времето при изработката на една венчаница се користи и за перфектно изведување на рачно изработените детали како композиции со везови, цветови, мулаж форми, модни додатоци, накит, дијадеми, велови... Секогаш внимаваме венчаницата да биде естетска слика на сензибилитетот на самата невеста, да ја долови во нејзиното најубаво издание, а тоа е и „магијата" на нејзината посебност.

Кои трендови за венчаници се актуелни сезонава?

-Секогаш при изборот на венчаница во разговор со невестата, внимаваме да ѝ посочиме дека сезонските тенденции не треба да бидат пресудни, туку да се прилагодат на нејзините лични преференции и пред се на тоа што ќе и прилега. Секако дека секоја сезона носи актуелни трендови, но поентата е да не се применуваат погрешно. Постојат одредени стилови кои се вечна класика и за нив не постои сезона, како што се венчаниците што ја следат линијата на женската силуета или популарно наречена „сирена форма" или пак венчаниците во А форма или „принцеза стил". Но, оваа сезона особено се наметнуваат раскошните венчаници со голи рамена, бохо венчалните фустани во романтичен стил, венчаниците изработени од лесни материјали што доловуваат „воздушест" ефект, венчаниците кај кои акцентот е ставен на отворениот грб, па дури и оние неконвенционални венчаници во повеќе слоеви со должина до колена, се разбира за похрабрите невести.

Какви совети најчесто бараат од Вас идните невести?

-Бидејќи се работи за многу значаен дел од свадбената церемонија– венчалниот фустан, се разбира дека невестите најмногу се преокупирани токму со тоа, па неизбежно е да се интересираат за сите детали за на крај да ја добијат совршената венчаница од нивната фантазија. Елена Лука секогаш е отворена за соработка со невестите, да ги посочи онаму каде што постои двоумење или да им понуди најсоодветна варијанта на материјали за одреден тип на венчаница. Секогаш се интересираат околу изборот или комбинацијата на материјали, нијанси, дали ќе се нагласат односно камуфлираат одредени делови од телото, какви модни додатоци се најсоодветни за заокружување на изгледот, па дури се консултираат и за шминка и фризура со оглед на тоа дека во рамките на нашето ателје функционира и салон за убавина.

Колку е значајно венчаницата да биде прилагодена на телесната конструкција, но и на личниот сензибилитет на невестата?

-Во суштина најзначаен момент при креирањето на венчаницата е невестата да се чувствува убаво во неа, а тоа значи дека треба да биде соодветна на нејзината телесна конструкција и да биде „огледало" на нејзиниот стилски сензибилитет. Различни типови на венчаници природно одговараат на различнa телеснa конструкциja и тоа секогаш го имаме во предвид во процесот на креирање на венчалниот фустан. Така на пример ако имате ситна градба на телото, избегнувајте ги фустаните што имаат премногу детали на нив, а во обратен случај доколку имате покрупна градба, асиметричниот дизајн и V изразот ќе ви направат услуга. Во случај кога невестата има поголеми гради тогаш клучно е да се одбере венчаница што ќе има вистински отвор, односно деколте, па голите раменици и „срцевидно деколте" се одличен избор, а невестата со мали гради може да си дозволи длабоко V деколте што нема да изгледа вулгарно. Кај девојките со пошироки колкови, ги препорачуваме венчаниците во А крој, а невестите со фигура на „песочен часовник" секако може да одберат од големата понуда на „сирена" кроеви.

Какви венчаници вклучува новата колекција на Елена Лука за сезоната пролет-лето 2016?

-Префинета, уникатна, полна со фантазија – така накратко би ја окарактеризирала новата линија венчаници... За актуелната сезона на нашите Елена Лука невести ќе им понудиме голем избор на стилски различни венчални фустани почнувајќи од класични кроеви што ја следат линијата на женската силуета до венчаници со 3Д доработки и асиметрични кроеви. При изработката на венчаниците се користени внимателно одбрани детали како украсни камења, бисери, богата тантела, како и рачно изработени модни додатоци кои им даваат уникатна завршница.

Особено актуелни оваа сезона се венчаниците со неконвенционални кроеви и форми, во повеќе слоеви збогатени со рачни доработки. Големо внимание во новата колекција посветивме и на романтичните венчаници кои во суштина се секогаш актуелни, независно од трендовите, па Елена Лука во својот избор за романтичните девојки креираше повеќе модифицирани верзии на романтични венчални фустани за кои препознатлиив се лелеавите линии како и богатата тантела користена при нивната изработка. Во изборот на венчаници од Елена Лука неизбежни се и дводелните модели кои се комбинација на корсет со впечатливи доработки и уникатни детали и долен дел во „сирена крој". Комплетната слика ќе ја имате кога ќе го посетите нашето ателје.

Колку е значајна ателјерската приказна во работaта на Елена Лука?

-Суштината во функционирањето на Елена Лука е ателјерската приказна. Тоа подразбира исклучително внимателен однос кон клиентите, целосна посветеност на нивната приказна, изработка на уникати, создавање на еден свет во кој нашиот клиент се чувствува посебно. Во еден таков работен амбиент, нашите невести се чувствуваат привилегирано, како впрочем и би требало да биде. Незаменливо е чувството кога приказната ја заокружувате со задоволен клиент кој во меѓувреме станал ваш пријател и дел од семејството на Елена Лука.

Објавено:
22 март 2016
Прочитано:
2.531 пати