Елена Стојановска: И во најрокерската комбинација ќе најдам простор за нешто нежно

Интервју со •
14 мај 2013

Елена Стојановска е урбана млада жена, мајка и сопруга која направи харизматична спојка помеѓу двете свои големи љубови: радио и ТВ водителството и веќе со години трае таа нивна заедничка успешна приказна токму благодарение на нејзиниот искрен и професионален пристап. Секогаш доследна на својот романтичен стил, таа ни ја открива својата интимна релација со возбудливиот свет на модата.

Во Вашиот личен свет колку постои простор за модата?

Модата има значајно место во мојот живот. Вага сум во хороскоп, па вистина ги сакам убавите нешта. Се обидувам да бидам убаво облечена во склад со пригодата, обожавам да гледам ревии, документарни филмови за големите креатори, знам да забележам промена кај луѓето. Мислам дека сево ова е доказ, зарем не?

Како го дефинирате Вашиот стил? Дали се пронаоѓате во некоја од модните категоризации или можеби таквите ограничувања не се карактеристични за Вашиот стилски израз?

Секогаш го дефинирам мојот стил како романтичен, и во најрокерската комбинација јас ќе најдам простор за нешто нежно.

Ве познаваме како впечатливо ТВ лице, но истовремено Ве препознаваме и по Вашиот глас како радио водител. Која е разликата во стилот пред камера и зад миксета? Дали поопуштената атмосфера во радио дозволува и лежерност во изгледот?

Радиото дозволува комфор во многу нешта за разлика од телевизијата, па и во облеката. Но, јас сум доследна на себе. Не се шминкам за на радио, но изборот на гардероба е пристоен и во согласност со тоа како се чувствувам, некогаш знам и многу да се дотерам

Кое е Вашето размислување за домашната модна сцена? Од Ваша перспектива како изгледа пистата по која се движи македонската модна фела?

Искрена да бидам, воопшто не размислувам за тоа. Одам на ревии кај дизајнерите кои ме повикуваат, ги канам во своите емисии и мислам дека за жал талентот некогаш го ограничува скромниот буџет. Но, ме радува оптимизмот и знам да излезам во пресрет и медиумски да ги поддржам луѓето од македонската модна сцена.

 Дали сте имале можност професионално или приватно  да присуствувате на некој светски моден настан? А доколку би имале можност би седнале во првите редови на ревија на кој моден бренд?

Не сум имала можност, но навистина би сакала да ги следам ревиите на Валентино, Прада, Долче и Габана, а би сакала да присуствувам и на некое шоу на Викторија Сикрет.

 Со која од светските познати личности би оделе во шопинг? Што мислите од кој би добила најинтересни модни совети?

Се си мислам дека Викторија Бекам би била одличен водич. Не ја подржувам нејзината опсесија со килограмите, но ми се допаѓа нејзината рафинираност,дури и во нејзините колекции.

 Како новинар, колку сметате дека нашите медиуми професионално ги следат модните случувања?

Телма телевизија ќе ја земам за пример, со години има специјализирана емисија за мода, која вистина има што да понуди. Не сакам да ги фаворизирам медиумите во кои работам но и на Сити радио, секоја сабота еден час се посветува на модата. Се радувам кога со некој прилог или информација допринесувам во неа.

Како Вие размислувате во однос на иницијативата за домашен моден портал кој комплетно ќе се посвети на професионален третман на модната сцена?

Ме радува тоа што ќе можеме многу лесно да ги погледнеме сите најнови случувања, трендови и тенденции. Ви посакувам успешна егзистенција и се надевам на соработка.

Објавено:
14 мај 2013