диџејка и сопственичка на „Кактус“

Девојката што потпетиците ги менува за патики, а шминката за природност

Интервју со
Еми Ермилова
2 октомври 2018

Дебар Маало беше местото каде што овој пат се упативме на средба со нашата нова соговорничка. Не случајно го одбравме овој дел од градот, бидејќи е нејзин омилен.

- Тука живеам и го сакам не поради кафулињата, туку поради архитектурата, зеленилото, кое би дошло до израз повеќе доколку ги тргнеме колите. Во моментов е хаос и секој сака да биде тука, но сепак многу го сакам, особено тесните улички. И Паркот ми е омилен. Мислам дека никогаш не би се преселила – ни вели искрено Еми Ермилова, нашата нова соговорничка.

Освен тоа, со неа зборувавме за модата, омилените парчиња, за тоа што значи да се биде модно специфичен, а што комерцијален денес. Некои ја знаат токму благодарение на диџеј сетовите и ангажманите во оваа област, додека други ја знаат благодарение на „Cactus design“, каде е еден од основачите.

На нашата средба дојде во комбинација, за која ќе каже дека ѝ е проверена и мошне удобна.

-Патиките ми се најновото парче што сум го купила. Ме привлече тоа што имаат малку поинаков ѓон, гумен и малку кренат. Не се класичен модел, има во нив ретро момент. Белиот блузон е на сестра ми и буквално сум вљубена во него. Постојано го позајмувам од сестра ми. Инаку, таа е постара од мене и немаме ист стил, па разменувањето облека не ни е честа навика, но ова парче е нешто што навистина би сакала да е мое. Инаку, црно белите комбинации може да се рече дека ми се меѓу омилените. Кога носам црно би сакала другата боја да е бела - вели Ермилова.

Нејзиниот стил го опишува како „најлежерен што може да постои“.

-Не сакам високи потпетици, сакам патики , Мартинки обожувам. Удобноста ми е пред сè. Се држам до природниот изглед и на лице. Не се шминкам претерано, а и кога го правам тоа, пудра, коректор и руж се мојот избор. Од мала сум таква. Дури и да видам некое поспецијално парче облека, би го облекла, но во комбинација со нешто неутрално или спортско- раскажува Еми.

Во конктекст на модата и омилените парчиња, ќе открие дека од првата плата се честела кафени чизми во каубојски стил, кои и покрај тоа што не ги носи, сè уште ги чува.

На прашањето пак, дали тоа значи дека емотивно се врзува за парчиња облека, ќе рече:

-Мислам дека не. Постојат парчиња од детството, или некои што ме потсетуваат на драги личности, па сум ги сочувала од таа причина. Имам едно „бубреже“ (чанта) кое буквално секогаш го носам со мене и од кое речиси не се двојам. Ланчето на пример, што денеска го носам, е од баба ми. Всушност, приврзоците се нејзини – кибритчиња и тегче, од различни парчиња, но јас ги споив и ја направив комбинацијата и секогаш го носам.

И покрај тоа што модно не се оптоварува, сепак дизајнот е нејзина љубов и тој порив го реализира преку брендот „Кактус“.

-Тој дел од работата најмногу ме исполнува. Тоа е нешто што Сандра и јас го правиме за нас. Секако дека постои и финансиски аспект, но сепак, секогаш се фокусираме да направиме дизајни кои нашите постојани клиенти ќе ги направат среќни. Тоа е целта. Генерално, работите што ги создаваме се исто така „кежуал“, а сепак модерни, спој на „улична мода“ со некоја специфика, реализирана преку принтовите и везовите. Завршив графички дизајн и драго ми е што тој се проткајува во сè што работам, а сега подготвуваме нова колекција блузони, за што посебно се радувам, бидејќи и лично многу сакам да ги носам – вели Еми.

Токму ова беше вовед во темата околу комерцијалноста во модниот свет.

-Лично не преферирам комерцијални парчиња, но факт е дека такви мора да постојат. Мора да постои нешто што ќе привлече поширока народна маса. Не секој е специфичен и не секој ќе носи таква облека. Ако пуштам експериментална музика не секој ќе ја слуша, или ако направам некое специфично парче, ќе биде со ограничена публика.

Како диџеј има можност да види како се дотерани оние од другата страна на миксетата, а како графички дизајнер и некој што создава парчиња облека, да го искаже својот сензибилитет, ја прашавме и смета ли дека стилот на Македонците  конечно станал похрабар.

-Колку некој и да личи дека е модно храбар, сепак многу е тешко да си вистински поврзан со некое специфично парче. Мислам дека повеќе се прави поради тоа да се биде виден, отколку дека тоа е навистина нечиј стил. Сметам дека „комерцијалата“ си има движење и ќе си тера до крај, никогаш нема да изумре. На крајот, после некое време и тоа специфично парче ќе стане комерцијално, ако го облече некој познат, на пример Кара Делевињ, или некоја друга личност што во моментот е омилена во светот. Специфично за мене е нешто што го нема никаде, што самиот ќе осмислиш и ќе го износиш на начин на кој другите нема – потенцира Еми.

Во однос на комерцијалноста, таа е присутна и во музичкиот свет. Како вели, како се менуваат трендовите, така и таа го менува изборот на музика.

-Мојата плејлиста во моментот е микс помеѓу electro/acid/house. Мораме да се прилагодиме според тоа што слушаат младите по фестивали. Инаку, постои мислење дека диџејството е машка професија, но јас не го доживувам како такво. И кај нас и во светот има сè повеќе жени диџеи. Исто така, самото течение на сетот кај жените е понежен... Се чувствува женскиот сензибилитет, не дека мажите не знаат тоа да го прават, или жените не може да се погруби во техниката или изведбата – смета младата скопјанка.

Една од нејзините омилени диџејки е Пеги, која и модно ѝ се допаѓа.

-Пеги е една од најдобрите диџејки во светот во моментов. Може да се рече дека посебно се искомерцијализира последниов период, но исто така морам да признам дека има интересен стил. Наскоро ќе отвори нејзин бренд, па ќе биде интересно да се види што ќе понуди. Во нејзиниот стил го препознавам својот. Инаку, сметам дека облеката кај оваа професија не треба да е нешто примарно, ниту пак нешто со што деџејот би требало да се оптоварува, затоа што секој си има свој стил и на облека и на музика... - ни вели за крај Еми.

Објавено:
2 октомври 2018
Прочитано:
2.340 пати