Ерина Богоeва: Сакам да видам моја фотографија во Vanity Fair

Интервју со •
10 април 2015

collage1

Има 26 години, родена е во Скопје и е голем вљубеник во фотографијата. Иако е дипломиран англист, кон уметностите се насочува на магистерските студии и тоа на Нотингам Универзитетот во Велика Британија. Така, таа е и Магистер по филм, телевизија и екрански индустрии. За себе вели дека се труди секогаш да биде најприземна што може, а во тоа ѝ помагаат и нејзините пријатели.

Неодамна на светски избор на фотографија, меѓу 25-те најдобри се најде токму и една со нејзин потпис, а од неодамна е и втор уредник на фотографскиот блог Revoshot. Тоа беше уште една причина повеќе да се запознаеме со младата фотографка Ерина Богоeва.

Врската со фотографијата започнува пред шест години и тоа благодарение на нејзиниот татко:

- Желбата за фотографирање некако се провлекуваше низ годините, бидејќи имам огромна потреба да документирам настани, места и луѓе, сметам дека мојата меморија не секогаш е веродостојна, па така по некој склоп на околности татко ми подари DSLR апарат и фотографирањето стана дел од моето секојдневие- вели Богоeва.

Тоа се покажало како одличен чекор, бидејќи и покрај тоа што е самоук фотограф, не посетувала курс и предавања, успеала од поискусните од неа да го впие најдоброто, а во комбинација со талентот, произлегле бројни успешни фотографии.

- За среќа, опкружена сум со пријатели, одлични фотографи кои секогаш споделувале совет или ми одговарале на прашања за да можам да се надградувам. Сепак основното што ме води е моето внатрешно чувство за зачувување на одредениот момент – признава Ерина.

Оттаму и прашањето, прашањето што е клучно за добра фотографија:

-Да имаш добра идеја. Ако ја имаш идејата и со телефон може да се изведе добра фотографија.

11117526_10200228367109924_1746872885_n

Иако на почетокот најмногу внимание посветувала на портрети  и автопортрети, нејзиното поле на интерес со текот на времето сè повеќе се проширувало.

-Во последно време сум ориентирана и кон фотографирање објекти, најчесто напуштени заборавени и руинирани објекти, но и архитектура, мода и street фотографија, така што, мислам дека тоа се најзастапените типови на фотографија во моето портфолио.  Модната фотографија е посебен склоп на неколку типови на уметност (дизајн, шминка), кои и воедно треба да имаат и практична, маркетиншка примена. Затоа мојата склоност кон уметничката фотографија во модната фотографија  ја насочувам кон истакнување на производот – објаснува фотографката.

А токму една таква модна фотографија беше избрана меѓу 25-те најдобри во светска конкуренција.

-Од неодамна се зачленив во „500px“ заедницата, каде редовно се одржуваат светски фотографски натпревари на одредени теми. Натпреварот во кој што се пријавив и каде што мојата фотографија влезе во најдобрите 25 и беше поставена како насловна фотографија, беше за модна фотографија. Фотографијата за која станува збор беше направена за последната моја соработка со Design and Berries и Ирина Тошева, а модел ни беше македонската модна бглогерка Ангела од блогот Angela Dissected. Сите бевме многу радосни што таа фотографија беше избрана во светска конкуренција на околу 200 пријавени модни фотографии, бидејќи беше настаната од една одлична соработка.

На прашањето, на која фотографија е најгорда, вели:

-Речиси после секое фотографирање имам нова омилена фотографија. Така оди тоа. Си научил нешто ново, си го применил, си создал ново дело со кое се гордееш, и потоа на следната сесија истото чувство одново. Затоа немам баш одредена фотографија на која сум најгорда. Има некои на кои сум горда за моментот што сум го доловила (во street фотографии, на пример), на некои сум горда за светлото како сум го искористила, но фотографијата на која сум најгорда во целост константно се менува.

Со оглед на тоа дека е млада и има уште многу да учи и да ги совладува тајните на „занаетот“, секако дека постои и листа на фотографи на кои им се восхитува.

-Омилени фотографи - ооо еден куп! Од странските би рекла Joel Peter Witkin и Mark Seliger дека ми се омилени, а од домашните не знам од каде да почнам? Рилинд Хоџа, Александар Буневски, Михаил Гаџовски, Јане Наумоски, Велиан Јагев и тој список само трае... Исто така, би сакала да видам своја фотографија во Vanity Fair или Aperture – вели Ерина.

Како што и претходно напомена, досега соработувала со Ирина Тошева и Design and Berries, како и девојките од FRAN, но би сакала тој список да се продолжи.

- Иако сме мала заедница, сметам дека кај нас има многу талентирани и инспиративни луѓе. Некои инспирираат со своите постапки, некои со својот стил, а некои со своите дела и сето тоа е доволно за да имам желба да соработувам со нив. Долго време сум фан на дизајните на Роберт Ивановски, а што се однесува до чисто уметничка соработка, запознав многу млади во „Автономната Зона“ чии портрети би сакала да ги „фотнам“.

Оние што ја познаваат Ерина, знаат дека ова не е единствената уметност што ја привлекува:

- Со музика активно се занимавав до пред неколку години, но иако сега сум само набљудувач на музичката сцена, таа сè уште е голем дел од моето секојдневие. Често музиката што ја слушам во периодот ми дава идеи за работа на фотографии. На пример, еден викенд без престан ги слушав Rammstein и потоа излегов да фотографирам еден забавен парк. Фотографиите од тоа попладне не личеа баш на „забавни“, напротив беа исклучително мрачни (се смее). Кога се работи за уметности, не познавам личност што се занимава со некоја уметност, а тоа директно да не влијае врз неговата работа и личниот стил. Така е и со мене. Уметноста е многу повеќе од хоби. Во најмала рака таа е издувен вентил од секојдневието.

А на прашањето дали уметноста влијае и врз нејзиниот личен стил, ќе каже:

11033086_10200228373750090_2126121565_o

- Мојот стил се состои од многу црна облека (се смее)! Најискрено, во црно се чувствувам најопуштено. Стил ми е доста класичен веројатно, а најудобно се чувствувам во фармерки и добра маица, иако се провлекува и по некое поексцентрично парче низ плакарот – признава Богоева.

Но, и покрај тоа што кај облеката доминираат темните бои, Ерина има изразена црвена нијанса на коса, што многу жени го сметаат за храбар избор.

11128735_10200228373310079_902498188_n

-Како мала имав две силни женски фигури кои имаа црвена коса, така што од кога имав избор да ја сменам бојата на косата тоа ми дојде некако природно. Бојата на косата не сметам дека го определува карактерот на една личност. Повеќе мислам дека секоја личност ја бира бојата на косата по тоа што ѝ прилега на тенот, стилот или расположението.

За тоа како се доживува себеси, а како ја доживуваат другите, Ерина е искрена:

-Себеси се доживувам различно: некогаш премногу серизоно, некогаш не доволно сериозно, но секогаш се трудам да сум најприземјена што можам. Благодарна сум што имам тесен круг на блиски луѓе кои ми помагаат во тоа. Како тие ме доживуваат не сум сигурна. Бидејќи сме заедно веќе долги години, веројатно ме доживуваат позитивно.

Разговорот со оваа креативна и талентирана девојка се блиежеше кон крајот. За неа следи интересен и исполнет период, со обврски од неколку области. Како вели, им се радува на две фото-соработки, што ќе се остварат наскоро, како и на неколку проекти што ќе ги работи од продукциски аспект. Ќе продолжи да истражува и да се надоградува во светот на фотографијата, а ние се надеваме дека еден ден навистина се надеваме дека листајќи го Vanity Fair, ќе го прочитаме и нејзиното име.

Дотогаш, погледнете дел од нејзината досегашна работа.

Објавено:
10 април 2015