фотограф

Фотограф на Vogue: Излегувајте надвор и фотографирајте

Интервју со
Алесандро Капочиа
20 февруари 2019

На покана на Академијата за графички дизајн и адвертајзинг Creative Hub, познатиот италијански фотограф Алесандро Капочиа викендов одржа Photography Masterclass, а неговото предавање наиде на голем одзив кај младите фотографи и студентите од академијата. Тој го сподели неговото големо искуство како фотограф за Vogue и Harper’s Bazaar со сите присутни, но на младите луѓе им даде и одлични совети за тоа како да успеат во кариерата. Ние имавме чест да направиме интервју со него, а за Fashionel тој раскажа како е да се работи за некои од најпознатите магазини во модната индустрија, какви се познатите модели во живо, на што треба да се фокусира еден млад фотограф кој сака да гради успешна кариера и уште многу други интересни детали. Неговата работа од соништата што сè уште немал прилика да ја оствари е да работи со некоја голема филмска продукција и да документира што се случува зад сцената, но се надева дека и тоа наскоро ќе се оствари. За неговите светски успеси и за тоа како успеал да стигне до Vogue, читате во продолжение.

-Раскажете ни за Вашето досегашно искуство како фотограф...Кои се проектите на кои сте најгорди?

Кариерата ја започнав многу млад кога почнав да ги документирам моите патувања. Потоа се преселив во Париз и почнав да се занимавам со модна фотографија. Знаете, во Париз се случуваат многу работи. Останав таму 20 години. Мојот омилен проект и мојата цел беше да го средиме студиото што го имавме со моите пријатели. Таму успеав да растам и да се развивам како фотограф преку фотографиите што ги правев. Времето кога почнав да правам видеа и портрети за Vogue, тоа беше нешто неверојатно, тоа беше врвот и си реков, „ок, ова е добро“. Соработката со Vogue се случи кога тие сосема случајно дојдоа во моето студио да снимаат некое видео и стилистот ми рече дека јас би требало да се обидам да го направам и го сторив тоа. Им ја презентирав мојата работа и им се допадна и веднаш ме поканија да присуствувам на снимање со Chanel веќе наредниот ден. После ова бев со Vogue Japan четири години, но имав можност да работам и со дел од нивните други изданија. За нив направив многу видеа, портрети, соработувавме со Марио Тестино на едно интервју за ТВ каналот Браво. Искуството со нив беше неверојатно, одевме на прекрасни локации, имаше прекрасни луѓе, дизајнерска облека. Целото искуство беше неверојатно задоволство за мене.

-Можете ли да најдете зборови со кои би ги опишале Вашите фотографии...

Јас секогаш се обидувам да го прикажам животот малку поинаку, дека тој не е всушност само она што го гледате. Ја сакам драмата, ги сакам елементите на изненадување, страста и секако хуморот понекогаш.

-Преферирате ли црно – бели фотографии?

Немам преференци. Ги сакам моите црно – бели фотографии и секогаш кога ги презентирам луѓето го добиваат истиот впечаток, дека сакам црно – бели портрети, но сега повторно правам многу фотографии на егзотични дестинации и таму има доста боја.

-Кој е советот што би им го дале на младите фотографи?

Главниот совет е да работите, да излегувате надвор и да фотографирате, што секогаш е подобро отколку да седите и да не правите ништо или да се грижите дека фотографиите нема да бидат доволно добри. Само излезете и фотографирајте, не плашете се, немојте да мислите дека не сте доволно добри или дека мора да бидете совршени. Не, само работете и ќе видите подоцна дали е добро или лошо. Тоа е советот што сакам да им го дадам на младите, тоа е она што постојано го говорам на сите. Акција, не мислете многу, само работете.

-Кој е вистинскиот начин младите фотографи да се промовираат, мислите ли дека изложбата е добар начин?

Изложбата е инвестиција, за тоа треба добро планирање. Кога јас правам изложби, инвестирам многу во добрата комуникација, во известувањето за изложбата. Мислам дека кај изложбите, колку се важни фотографиите, подеднакво важен е и фотографот и како тој ќе се претстави. Таа мора да биде добро направена, сум бил на изложби со ужасно светло, каде фотографиите биле само закачени на ѕид и ништо повеќе. Но, сум бил на изложби каде имало танчери и сето тоа било добро спакувано, мора да имате и каталози, човек што веднаш е подготвен да ги продава вашите фотографии, бидејќи вие мора некако да си ја вратите инвестицијата.

-Сте работеле со многу познати модели меѓу кои и Миранда Кер и Хана Габи...Какви личности се тие?

Миранда е прекрасна личност. Линда Евангелиста и Моника Белучи исто така. Сите овие девојки се супер нормални, тие се навистина професионални и многу е лесно да се работи со нив. Тие знаат што прават, многу се популарни, но се многу едноставни. Особено Миранда, сите сакаат да се сликаат со неа, но на неа тоа не и пречи. Се сеќавам, еднаш си заминав порано од фотографирањето и таа дојде по мене и ме праша зошто си одам, беше тажна..Си реков, што се случува, тоа е Миранда и сфатив колку всушност е таа сосема обичен човек како сите нас. Сите се многу достапни кога работиш со нив, никогаш не се однесуваат како диви како што некој ги доживува.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Alessandro Capoccia (@alessandrocapoccia_) onApr 24, 2016 at 6:07am PDT

-Постои ли некоја личност, модел, актер со кој би сакале да работите? Која е всушност работата од Вашите соништа?

Ова е многу добро прашање. Никогаш не сум работел, а можеби требаше во минатото, со голема филмска продукција, тоа ми е предизвик. Да видам што се случува позади сцената, тоа е нешто што отсекогаш го сакав, но не го направив. Сакам да ги видам сите тие моменти на стрес, на релаксација, на акција...

-Што следно можеме да видиме од Вас? На што работите во моментов?

Имам неколку проекти на кои работам. Три изложби, особено сега, имам две или три фото репортажи, па одам во Јужна Франција, па во Мексико и ова ќе биде тешко бидејќи сè уште не сум испланирал сè добро. Се фокусирам претежно на изложбите, една во Милано, една во Париз и овие патувања што доаѓаат следниот месец, што значи имам доста работа (се смее).

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Alessandro Capoccia (@alessandrocapoccia_) onApr 24, 2016 at 6:09am PDT

-Прв пат сте во Македонија. Дали можеби имавте време да се сретнете со некои фотографи или пак да прошетате низ Скопје?

Да, прв пат сум во Македонија и мислам дека ми се допаѓа. Тука има микс на работи кои се навистина интересни и имам пријател од Франција кој неодамна ми зборуваше за Скопје и ми покажуваше некои фотографии од градот. Можам да видам микс од барок и еден вид на брутална архитектура, навистина е интересно. Мислам дека може да биде многу фотогеничен град, но ќе видиме утре кога ќе имам повеќе време за фотографирање.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Alessandro Capoccia (@alessandrocapoccia_) onDec 15, 2015 at 8:37am PST

 

Објавено:
20 февруари 2019
Прочитано:
504 пати