фотограф

Фотографот кој ги раскажува најубавите концертни приказни

Интервју со
Стефан Рајхл
17 септември 2018

Стефан Рајхл е еден од најпознатите музички фотографи во Македонија кој досега имал можност да фотографира некои од најголемите ѕвезди од Балканот и светот. Неговите фотографии се различни по тоа што секогаш раскажуваат поинаква и искрена приказна полна вистинска емоција и жар. Тој дефинитивно остава свој печат на фотографиите, па така секогаш кога ќе погледнете некоја музичка ѕвезда, знаете дека мора тој да ја фотографирал. Во интервјуто за Fashionel тој говори за неговите почетоци и ја раскажува приказната која го натерала да го работи она во што е одличен денес. Ќе каже дека е исклучително среќен што денеска сериозно го работи она што некогаш му било само хоби, а сонува пред неговиот објектив да застане Бранимир „Џони” Штулиќ. Секако, претпоставувате дека Азра е неговиот омилен бенд...И да, Рајхл е неговото вистинско презиме.

Читајте во продолжение... 

-Зошто  музички  фотограф?

- Таа приказна започнува уште пред активно да почнам да се занимавам со фотографија.  Растев во едно Скопје кое имаше квалитетна Rock n Roll сцена и супкултура. Скоро сите мои пријатели свиреа  во бендови и самото мое опкружување на некој начин беше поврзано со концерти.  Целата таа хемија која се случува на концертите помеѓу артистите и публиката за мене беше инспирација и предизвик  да го претставам и раскажам преку фотографија. 

-Која  е  приказната  на  Стефан Рајхл?  

-Во еден момент од животот решив да го правам тоа што ме исполнува и ме прави среќен  и тоа што дотогаш ми беше само хоби сега да го ставам на прво место.

Тоа се случи пред неполни 5 години кога го купив мојот прв полу-професионален апарат, со тоа  почнав активно да сликам и посериозно да навлегувам во светот на фотографијата.

Неколку месеци подоцна добив понуда  да сликам и станам дел од редакцијата на тогашниот  Nocturne Magazin од Србија (сега Hardwired Magazin) кој е еден од најдобрите музички портали на Балканот, па и пошироко, каде што и сè уште сум дел. 

 За краток период од неколку години имав можност да соработувам со доста големи музички имиња од регионот и светот, но она на што сум особено горд е тоа што станав дел од тимот на Авалон Продукција  и кој ми дадоа  можност одблизу да ги запознаам и фотографирам  едни од најголемите музички имиња во светот.  

-На која фотографија направена досега си најгорд?

-Навистина не би можел да издвојам само една, но нека бидат тоа фотографиите кои се објавени низ овој наш разговор...(се смее). 

-Најдобриот концерт на кој што си присуствувал?

-Искрено ги има многу но кога веќе морам да издвојам тоа  би бил концертот на  AC/DC  во  Софија 2010-та. 

-Кој е најдобриот дел од сликањето музичари?

-За мене тоа е остварување на еден од оние сонови што ги имав уште како дете,  ја имав таа чест да многу голем дел од бендовите и музичарите со кој израснав и ги слушав на плочи и касети застанат пред мојот објектив и лично да ги запознаам, а со некој од нив станав и добар пријател.   

-Кој е музичарот/бендот за кој сонуваш да застане пред твојот објектив?

-Бранимир „Џони” Штулиќ!!! 

-Што кога на концертите има правила за фотографирање, но се случи момент кој не се пропушта?

 -Има моменти кои се случуваат само еднаш и не се пропуштаат. 

-Која е опремата која е задолжителна за концерт?

-Дел од опремата што јас ја користам и сметам дека е најсоодветно за тој тип на фотографија  се оние објективи со поголем отвор на бленда како 50мм  f1.8,  24-70mm f2.8 и 70-200мм f2.8, тоа  е и  таа опрема што ја користат поголемиот дел од музичките фотографи ширум светот. 

-Омилен бенд?

 -Азра!  

- Најдобра храна што си ја пробал во последно време?

 -Од неодамна со мојот пријател и сегашен цимер Никола Исаиловски попознат како Fat Cacko  почнавме еден проект  поврзан со готвење,  Fat Kitchen.

Додека ја  подготвувавме емисијата и ги пробувавме рецептите  кои што требаше да ги снимаме  на ред беше  Meatballs со печен компир. Е, сега на прва звучи многу просто, но начинот на кој беше подготвен компирот и зачинитие кои беа ставени беа перфектна комбинација  која никогаш до сега не сум ја пробал.  Рецепт  што ке може да го погледнете во втората сезона на  Fat Kitchen.  

- За крај, кој е советот што би им го дал на новите фотографи?

-Да бидат свои и да изградат свој стил на фотографирање кој би бил препознатлив.  

Фото: Приватна архива 

Објавено:
17 септември 2018
Прочитано:
1.420 пати