музичари

Ѓумар беше премногу посебен за да се претопи во толпата

Интервју со
Дијана и Дино Имери
18 април 2018

„Музичка младина за Маестро Ѓумар“ е насловот на концертот кој ќе се одржи на 22. април во големата сала на Македонската филхармонија со чест на легендарниот диригент Саша Николовски – Ѓумар. Концертот ќе биде во изведба на камерниот оркестар на Музичка младина, а под водство на младата и перспективна диригентка Дијана Имери Илкоска. Како гостин солист ќе настапи Дино Имери, кој ќе го изведе Концертот бр. 4 од Бетовен.  На програмата се и „Адаџо“ од Бах и „Мала ноќна музика“ од Моцарт, најавено е и изненадување за публиката.

Тоа беше повеќе од добар повод да поразговараме со Дијана и Дино, не само за формалниот дел на концертот, но и за нивното лично доживување на овој настан. Не кријат дека за нив не е обичен концерт. Со самото тоа што имале како велат, привилегија, да го познаваат Саша Николовски, кон претстојниот настап пристапуваат со многу емоции и одговорност.  Позборувавме и за сеќавањето на Ѓумар, а разговорот нè однесе и на уште некои други, не помлаку значајни теми, кои следат во продолжение:

Како му пристапувате на овој концерт посветен на Саша Николовски – Ѓумар?

Дијана: Програмата е конципирана врз основа на многу наши дискусии. Бевме навистина многу блиски и иако ми беше професор, знаевме да се наречеме „тато“ и „ќерко“. Бевме многу сродни во карактер и во душа. За него Моцарт, Бах и Бетовен беа светото тројство во музиката. Кога стана збор за Бетовен, без колебање одлучив да го изведеме четвртиот клавирски концерт, затоа што сакав и Дино да има уддел во програмата и во концертот бидејќи и тој имаше единствен однос со професорот. Дино свиреше на нашите часови по диригирање, а тука започнаа и првите нивни заеднички моменти и соработки. Инаку, овој концерт е веќе изведен и тоа на мојот дипломски труд во 2014 година. На тој начин правиме реминисценција на едно време во кое тројцата сме твореле заедно. Да настапам со оркестарот на Македонска музичка младина (МММ) за мене секогаш е огромно задоволство и привилегија. Да настапам пак, со Дино е уште поголема привилегија. Тој во мојот живот е десет години, тој ми е сè во животот, најголема поддршка, најголема љубов и покрај тоа што емотивно ми е задоволство да диригирам со него, многу и учам бидејќи има големо искуство како пијанист и музичар.

Какви сеќавања ве врзуваат за Ѓумар?

Дијана: За Саша не знам од каде да почнам и каде да завршам. Тој беше единствен! Неповторлив. Од денот кога првпат го запознав, до денот кога се разделив од него, па и до денес, тој ми е голема инспирација. Беше човек што имаше огромно познавање од музика. Мислам дека не постоеше дело што не го познаваше и не го анализираше. Беше емотивен и ја живееше музиката. Посветен. Тоа му беше сè. Покрај тоа што имаше огромно музичко познавање, имаше и огромно животно искуство. Од него човек можеше само да учи. Тој беше маестрален диригент, имаше неверојатна харизма, но и авторитет. Меѓутоа, покрај сето ова, за мене беше најдобар како професор и родител. Секогаш ми давал родителски совети, не само за музиката, туку и за животот. Придонел за моето изградување како личност, музичар и диригент. Да зборувам за него, никогаш нема да биде доволно... Првата искра на музичарите ја даваше токму тој. Може да се рече дека беше и филтер. Имаше совршено чувство за тоа кој музичар може да биде добар, а кој не.

Дино: Безброј ситуации и моменти нè поврзуваат и будат сеќавање, клучни моменти во кои со својата појава, делување, пријателство, исксутво наклонетост, на еден начин ни го обликувал патот, не само во професијата. Пред да го познавам, отсекогаш сакав да го запознаам. Отсекогаш го следев. Да дојдам во ситуација да корепетирам на неговите часови, со неговите студенти, за мене беше огромна привилегија и лекција. Главните и клучни работи што научив за уметничкото, занаетчиското во нашата профсија, ги научив на неговите часови. Имаше една несебична црта да го сподели сето тоа што тој го доживуваше на еден свој, многу специфичен начин. И затоа мислам дека беше многу успешен во неговата работа со млади луѓе. Тој беше дел и од мојот дипломски труд, го изведов делото под негова диригентска палка. Исто така, сите значајни настапи што сум ги имал во изминативе 10 години, колку што професионално се занимавам со оваа дејност, тој беше првиот што ќе ме прашаше како сум поминал, како сум, првиот што ќе ми се израдува, што е многу ретко денеска. Ние денес сè поретко знаеме да се радуваме едни на други, знаеме само да се ситиме на неуспесите. Само тој имаше многу несебична, чиста црта, што многу луѓе не ја знаеја. Имаа предрасуди кон него, затоа што беше мошне специфичен, интересен. Саша беше врвен и од уметничка и од човечка смисла и ние бевме привилегирани да го познаваме онаков каков што вистински беше, да го видиме во секакви ситуации – убави, неубави, лесни, тешки... Тој за мене лично, беше дел од еден период од животот кој нема да ми се врати, но го обележа и тој со своето присуство.

Како го дефинирате претстојниот концерт за него?

Дино: Овој концерт е еден вид навраќање кон корените. За мене претставува сеќавање. За него сега разговараме во минато време,  меѓутоа видливо е дека многу работи биле на негов товарт. Тој успевал кај сите нас таа искра да ја запали, но тој си знае по која цена успеал тоа да го направи. И колку често можел да го избере полесниот пат и да не го прави тоа. Тоа се тие избори, не професионални, туку животни и односот кој го имате кон работите - дали ќе се претворите во толпата и ќе ги бркате личните интереси, финансиски или било какви други, или ќе се потрудите да направите нешто толку специјално и посебно, што кога ќе го нема, ќе се навраќаме со полно срце, емоции... Тој одби да се претопи. Меѓучовечките односи се најважни во животот. Што е животот ако го поминеш сам, а ги имаш сите други работи? Ако немаш емоции, спомени, ситуации да се навратиш. Јас се надевам дека ова ќе претставува нов почеток пред сè за младите уметници, кои ќе се запрашаат, дали ќе одберат да се преточат во толпата и материјалното што се претвора во сила, ма да и ние сме млади и родители и финансиите се важни, но овој концерт ќе го дадеме од срце, без било каков финансиски интерес. Се обидуваме да поставиме позитивен пример за младите, што ќе ги одведе на поубави места, далечни, кон уште поголем успех, но и кон лична среќа и задоволство. За нас ова е голема приказна и со голема симболика.

Дијана: И за мене е сеќавање, на едно време, поинакво, во кое што доминираше музиката и љубовта. Можеби звучи грубо и безнадежно или глупаво, но како да заврши тоа време... Можеби мене ми е така, бидејќи го чувствував за близок и неговото отсуство нависитна се чувствува, меѓутоа тоа време, честите настапи со музичка младина, разговори за музика со часови, за Бетовен... Тоа беше неисцрпна тема... Со неговото заминување како да згасна и тоа време. Лично, го доживувам како сеќавање на тоа време, но и почеток на малку поинакви хоризонти. Враќање на наопипливи работи, но важни за човековиот род. Ако немаме љубов и музика, немаме ништо. Ако владее тишина, омраза, ако е сиво, џабе ни е сè. Така го доживувам овој концерт и би сакала тоа чувство да го пренесам и на музичарите и на публиката.

Камерниот оркестар на Македонската музичка младина ќе го носи сега името „Саша Николовски – Ѓумар“, кој исто така го обележа и нивното работење. Во што е важноста на МММ, за чија работа пошироката публика и не е толку упатена...?

Дијана: Тоа е невладина организација, еден вид камп на музичари, а се состои претежно од млади членови. Порано беа исклучиво студенти, но сега се вклучуваат и средношколци, дипломирани колеги... Не се работи за постојан оркестар, туку состав што се собира за одредена цел. И како такви постојат 55 години. Единствено што се разликува од останатите оркестри во државава, кои за жал, се во минимален број, оркестарот на  МММ е камерен оркестар, расадник на музички таленти, скенер кон нашето општество во поглед на музичарите. Тоа е образовен оркестар. И тоа е и идејата, да започнат во младина, па на таков начин да се изградат како музичари, да можат да се вработат во некој од сериозните оркестри. Да се учи взаемно.

Дино: Ова е поширока тема. На младите музичари секогаш ваквите работи им даваат надеж, бидејќи тешко се наоѓа местото во професионалните оркестри, имаат други криериуми. Многу е тешко кога си млад, потребно ти е искуство, сите бараат биографија, а никој не ти ја дава првата шанса. Затоа МММ била таа што прва ги препознавала идните ѕвезди и ги поддржувала активно низ годините, порано повеќе, сега за жал, помалку поради финансиски причини. Но, МММ пред 20-30 години значело настапи низ цела Југославија, Русија, Европа, и тоа во текот на целата година. Тоа на млад човек му нуди веднаш да излезе надвор, се прават соработки со балканските центри - Белград, Загреб, Сараево, Дубровник, Софија... Тоа е она што се обидуваме денеска да иницираме да се врати, бидејќи заслужува. МММ прави  општо добро за сите нас, кое поминува незабележано и неподржано оноколку колку што мислам дека би требало. И сметам дека медиумите тука имаат клучна улога во формирањето на мнението за оваа организација, која од пред 55 години до денес донела само добрина. Сериозна тема е, за поширока дискусија, за создавање шанса за млади уметници и враќање на надежта дека и од овде може човек да излезе и да направи кариера. Талентот го имаме, знаењето, занаетот, но немаме поддршка и лансирање. На нас е дали ќе оставиме тоа да биде прекрасна работа која некогаш функционирала одлично, но веќе не, или ќе го возобновиме со нови сили, да стане влијателна, креативна сила, ќе го отвора патот и ќе го збогатува културниот живот, бидејќи на крајот, сепак сите твориме за публиката. Нашата публика не е запознаена со многу квалитетни работи и луѓе, бидејќи не дошле до можност да го покажат тоа што го знаат. Во таа смисла, улогата на МММ е неверојатно важна, во проширувањето на културното мени што ќе го понудиме, бидејќи некому веќе и му е здодеано од исти лица и програми... Затоа сметам дека овој концерт треба да биде сеќавање не само на професорот Саша, туку на сите оние што од таа 55 годишна историја ја оставиле душата во таа организација.

Дијана, една сте од ретките жени диригенти во нашата земја. Како и за многу други, и за оваа професија се смета дека е машка. Како гледате Вие на тој однос?

Дијана: Како и секоја друга професија, така и диригирањето не познава граници во смисла на родова, национална, политичка, општествена ограниченост. Односно не би требало. Диригирањето го одбрав како моја најголема љубов, како круна во музиката, така што како жена не гледам дека има некои пречки поради кои не би можела да ја работам работата, или пак, дека работата ме спречува во тоа да бидам мајка или сопруга... Неодамна се коментираше изјава на Марис Јансонс дека жените диригенти не се по негов вкус. Музиката како една од најсовршените уметности и тоа како не смее да биде допрена од било каков вид на дискриминација.

Дино: Тоа наиде на жестоки реакции, бидејќи се работи за диригент со светска кариера, кој одлучува за многу нешта во класичната музиката, но ете излезе дека има шовинистички ставови. Уметниците отсекогаш биле тие што ги поместувале границите и ги потсетувале луѓето што значи да се биде човек.

Пошироката публика често има дилеми околу тоа, која е улогата на диригентот и неговата важност. Како Вие би го објасниле тоа?

Дијана: Тоа е едно од најчестите прашања кои ми ги поставуваат. Татко ми е единствениот член во семејството што не е музичар, па неговите пријатели доаѓаат на концерт за да ми направат чест. После тоа следи прашањето, а што беше твојата улога :). Но, тоа е нормална реакција, бидејќи го гледаат оркестарот дека свири, имаат ноти, меѓутоа улогата на диригентот е на едно повисоко ниво. Диригентот пред да застане пред оркестарот, треба да е усовршен како музичар, теоретски поткован, да ги знае сите делници на оркестарот...Неговите ноти се состојат од сите ноти на оркестарот, што значи дека мора да ја познава целата партитура за да може тоа совршено да им го пренесе делото на музичарите. Да е емотивно стабилен. На еден начин тој е како водилка. Оркестарот го гледа диригентот како ја живее музиката што се изведува. И затоа има многу различни изведби на едно исто дело, бидејки многу зависи од тоа како диригентот го доживува тоа дело. 

Дино: Она што е режисерот за филмот, тоа е диригентот за музиката, односно оркестарот. А интересно е и визуелното решение, во смисла на поставеноста на диригентот на сцена. Пред него е оркестарот, а зад него публиката. Тој е на средина, измеѓу сè. Тоа е еден сендвич, непријатен за секој човек, да биде во центар на работите. Диригентот треба да се издигне над сето тоа и да ги усогласи сите работи – различните музички идеи на композиторот што ја создал композицијата,неговото доживување на истата, тоа да го пренесе на оркестарот, а тие пак на публиката, за таа да има свое доживување. Сето тоа треба да се усклади, а во различни околности – временска рамка, подготовки, квалитетот на оркестарот, концертната сала, време за подготовка... Има многу фактори што ќе одредат дали еден диригент е добар, а не тоа дали е маж или жена. И со тоа дали концертот ќе е добар или не. Многу ретко се поклопуваат сите работи.

Дијана: Дури, би кажала дека работата на диригентот е многу поодговорна, од аспект дека се случува во живо. Нема можност за враќање на моментот.

 

Која е првата мисла кога ќе застанете пред оркестарот?

Дијана: Конечно! Конечно дојде време да уживам во професијата која сум ја учела со многу голема љубов, сум ја работела и секојдневно ја живеам. Сè е музика. Тоа е наша професионална деформација. Сè што слушаме е подлежно на анализа. Дури и музикава што оди во позадина нас ни е во уши и анализираме. Не е лесно тоа, не е лесно да си музичар, но е многу убаво, затоа што сме благословени со дарбата да ја всоприемаме музиката и да ја прикажеме пред оркестарот и пред публиката.

Каква е перспективата на млад диригент во Македонија?

Дијана: За да соберам искуство ми треба шанса да работам со оркестар. За жал, нашата работа не е таква да искуството го градиме врз макотрпна работа врз инструмент. Диригентот ја поминува таа фаза во студентските денови. За диригентот клучна е работата со оркестар, не е важно дали е камерен, голем, мал окрестар. Да има континуирана можност за работа. Ја користам секоја прилика да работам со било каков тип на оркестар. Во Македонска филхармонија работам на одделни проби моментално, затоа што пред да се случат големите проби, се прават одделни. Со филхармонија соработував и на детски концерт, од големо искуство за мене, бидејќи салата беше полна, а програмата предизвикувачка. Се надевам ќе има проекти на кои почесто ќе работам, ќе ја добијам таа шанса. Не само за мене, туку и за сите други млади диригенти.

Дино: Од Македонска филхармонија има иницијатива да се вклучуваат млади диригенти и млади музичари во програмата, што е многу важно. И македонски музичари, што претходно не било многу чест случај. Многу е ветувачки и за поздрав и дава надеж за сите нас. А со отстапување на салата за овој концерт, без било каков финансиски надоместок, искажува и поддршка за МММ. Тоа се навидум мали, но многу значајни чекори.

Дино, се одлучивте Вашата работа да ја менаџира, менаџерската куќа „Кристофориум Арт“ од Загреб, што за оние што ги познаваат Вашите ставови, беше и мало изненадување....

Дино: Јас бев многу внимателен во тој однос, бидејќи моите ставови се дијаметрално спротивни со она што подразбира менаџерството. Но, имав среќа, а малку и карактер и став, па издејствував договор кој може да биде само за добробит на мојата работа и нема да отстапи за да се одбегнат проблеми и непријатни ситуации. Менаџментот се состои од млади луѓе, делумно и музичари, уметници, кои знаат како е на другата страна и имаа разбирање за сите мои барања и отстапки. Најдовме заеднички јазик што се надевам ќе резултира со долга соработка, бидејќи договорот е на неопределено време, сè додека постои интерес и можност за убава соработка. Инаку, до крајот на годинава ме чекаат уште многу настапи. Имам преку 20 концерти до декември од најразновиден калибар. Во тек е снимање и на документарен филм за мојата работа, во продукција на „Кино Око“, која изнајде начин да присуствува во Загреб на тој за мене многу значаен момент, потпишување на ексклузивниот договор и снимање на концертот, издавање на аудио снимка од концертот, што на некој начин кажува и за квалитетот на свирењето, бидејќи може да оди како таков да оди на снимка. Ќе имам настапи со многу млади македонски музичари, пејачи солисти... Има полна сезона и настапи кои се сè уште во преговори а на кои работи мојот менаџмент во Хрватска.

Објавено:
18 април 2018
Прочитано:
1.528 пати