актер

Големите заборавија да си играат!

Интервју со
Горан Стојаноски
7 декември 2016

Веројатно нема човек во Македонија кој барем еднаш не се расположил со шегите на култниот лик Џемо Биљбиљ. Токму кога мислевме дека се откажа од кариерата, тој нѐ почести со преработката на големиот хит на Тамара Тодевска „Тажна љубов, среќна песна“ и повторно ги расположи сите. Се чини првиот човек на Охридскиот театар Горан Стојаноски како да е роден за тоа. Доколку имавте можност да погледнете некоја од епизодите на „Преспав“, тогаш сигурно го забележавте Вишиот инспектор Томе кој е еден од најсмешните ликови во пансионот. Шегата на страна, Стојаноски е дефинитивно еден од најпознатите македонски актери кои во својата кариера одиграле огромен број претстави, а кој за следната година го посакува ликот на „Баал“ од Бертолт Брехт. Во ексклузивното интервју за Fashionel, тој зборува за неговиот театар во Охрид, за публиката, животот, смеата, студентските анегдоти, за инспекторот Томе и за тоа како настанал неговиот Џемо Биљбиљ.

Уживајте во интервјуто за уште посреќна среда! 

-Долги години Охрид беше без театар, а токму Вие успеавте до крај да издржите и повторно да го вратите. Како се чувствувате како заслужен што Охрид денеска има место каде да погледне претстава?

Ексклузивно, да ви кажам искрено. После долги години се планира да се изгради и нова театарска зграда, така што сакам да кажам дека чувството е ексклузивно убаво, а од друга страна нормално дека не е лесно да се води една таква приказна за театарот да си ја добие вистинската функција денеска, а тоа е играта. Играта е всушност она што е храмот на човекот, ако човек е разигран и ако може да си ја доведе како приоритет својата органичност, тогаш едноставно тој е тој и нема маски. Театарот за мене е всушност тргање на маските, а не ставање на маските. Мојата лична поента е како луѓето кои се во театарот да живеат како едно и сите со целото свое срце да се посветат на игривоста. Игривоста е детска работа, големите ја забораваат. Кога ќе се разиграте, знаете дека сте живи. Театарот е живот во вистинска смисла на зборот.

-Задоволен ли сте од работењето на театарот изминатите шест години?

Апсолутно дека сум задоволен од работата на театарот. Театарот е место со најсоцијална динамика. Сакале или не, вие секој ден се распленувате со емоции. Тоа подразбира почеток на раскоренување на маската. Кога тогаш раскоренувањето ќе фати корен, тогаш всушност почнуваат и кавги и љубов и незадоволство и омраза...Сето тоа е едно општество во маало кое на крај ефектуира ако има ентузијазам, со добар резултат. Може да биде добра или лоша претстава, но тоа е прашање на вкус. Ентузијазмот и волјата која е внесена во работниот процес за на крајот да излезе едно дело е за почит. Она што е добро или лошо, тоа го кажува публиката. За да има театар, треба публика и актери.

-Како денеска е позициониран Охридскиот театар, сметате ли дека е на заслуженото место?

Секако дека е на заслуженото место. Многу луѓе, вклучувајќи ја и публиката, сакаа да се случи театарот во Охрид како место каде што ќе може да го развиваш својот дигнитет. Место каде што ќе може да уживаш во нешто што е твое, нешто што е навистина проникнато, не наметнато. Задоволството во овој контекст е апсолутно. Имајќи предвид дека едно такво задоволство е реално поврзано со еден силен ентузијазам, мислам дека театарот во овој контекст е апсолутно добредојден кај секого како лековит инструмент.

-Кои Ваши карактерни црти можат да се препознаат кај Џемо Биљбиљ?

Уште кога бев дете, имаше една појава, имав неколку другари со кои многу често се натпреварувавме во имитација. Токму тогаш, начелно некако се насети тој карактер и почна некако да се дефинира. Кога сето тоа на некој начин требаше да се појави на телевизија во тој период, некако се создаде ликот, излезе од мене. Умешноста, односно прашање е дали е тоа умешност, мене сѐ уште ми е дилема, да создадеш карактер е практично уживање во нешто што го чувствуваш силно. Јас по природа сум силно емпатичен човек и кога ќе видам одредена енергија можам само да ја трансформирам и да ја доведам до позиција каде ќе биде забавна и интересна. Секој лик што досега сум го направил е посебен. Тоа веројатно се должи на начинот на кој ги доживувам работите, а секогаш ги доживувам и прифаќам со цело срце.

-Последно од него беше „Тажна љубов, среќна песна“... Како се создаваат овие песни и видеа воопшто?

Тоа се едни такви моменти на инспирација кога ќе чуеш нешто што не се објаснува. Си ја потпевнувам песната и сакал или нејќел ми доаѓаат тие текстови и „умирам од смеење“. Си ги превртувам песните и тогаш ги соопштувам (се смее). И денеска е ставена етикета, Горан е Џемо и тоа никако не ми пречи. Тој е бренд, тој е етикета. Можеби некогаш ми пречело во театар со колегиве кои некогаш знаеле да ми кажат дека правам некои глупости, а сепак сум сериозен актер и слично. Драги луѓе, тоа е широк дијапазон на можности, мене тоа ми е убаво. Каде и да е, каков и да е жанрот, негувај го духот во жанрот, сето друго не важи.

-Кој лик од претстава е Вашата неостварена желба?

„Баал“ од Бертолт Брехт и тоа се надевам ќе се оствари следната година. Тоа го сакам уште од многу одамна, уште кога бев студент и се радувам што сега ќе се оствари.

-„Инспектор Томе“ како да ја врати желбата на народот за гледање на македонски серии. Колку е реален неговиот лик?

Виш инспектор Томе ќе ве молам (се смее). Инспекторот е многу јасен лик, тој кога ќе влезе и ќе праша „Шо прајте?“, тоа подразбира: колку пари ќе дадете, дали да ви пишам казна, практично во едно мало прашајнце тој кажува сѐ. Мислам дека ваквите сит – ком серии се фин модел каде што ликовите се типизирани, но не се исфорсирани. Тука е главната убавина, да се чувствуваш природно во една корумпирана личност. Е сега колку е тоа убаво, не знам, ама кога немаш отпор кон сето тоа и кога ќе го пуштиш да се исканализира, тогаш е јасно дека такви луѓе има, апсолутно постојат. Тоа со инспекторот и неговиот лик беше многу интересно и веднаш ја прифатив улогата, токму затоа што не сум таков, туку токму спротивно, а сепак го направив со сиот ќеиф. Тоа е убаво, кога ќе можеш да ги искористиш сите инструменти да се воведеш во еден лик. Или си, или не си. Јас сакам да сум. Да играм „контри“. Се согласувам на природност, на точна мисла, на емоции, и сето тоа да не е проблем, туку нешто прекрасно.

-Раскажете ни некоја анегдота од студентските денови. Знаеме дека собата ја делевте со Никола Ристановски...

Имаше една интересна случка пред некој испит (се смее). Седиме во една соба пет, шест луѓе и учиме за испитов и на врата се појавува еден наш постар колега со една девојка и не прашува дали може да ја искористи нашата соба и ние нормално му дозволивме. Ние студенти како студенти, откачени, почнавме да се смееме што ќе прават во соба. Кратко откако влегоа, одеднаш се слушна еден силен удар, после некое време повторно и на крај се слушна како да се скрши нешто. Девојкава се појавува на врата крвава и ние иако се шегувавме, тоа беше навистина голем шок. Другаров ја зема и веднаш ја однесе во болница и за среќа беше добра девојката. Кога се врати дома да ни каже, ние прво што го прашавме е што се случи во соба. Тој рече: Си легнавме, се сакавме, ни се скршија два пати штиците од креветот, па го ставив душекот на земја. На крај, од милост, од радост, ја земал во раце и ја кренал и како што ја кренал ја удрил во лустерот и си ја исекла главата. Ми рече никогаш за ова на никој да не кажувам (се смее).

 

-Среќен човек ли сте?

Да. Мене сѐ ме исполнува, јас многу сакам луѓе. Научив дека она што го викаат недостаток на љубов во животот, луѓето обично го бараат. Не. Јас научив дека го даваш. Ако го даваш, ќе добиеш. Влегуваш во околината со сета своја љубов и срце и тогаш мислам дека нема нешто што не може да те исполни, што и да е и какви и да ти се околностите во животот.

-Која е најголемата љубов во Вашиот живот?

Господ. Сакал или не, тој дише во мене. Сѐ што се појавува, дали е пријател, девојка, дете или било што, тоа е негова енергија.

-Како Вие би ја опишале охридската мода?

Јас сакам да се облечам убаво, луѓето воопшто сакаат да се облечат убаво. Некогаш можеби луѓето малку повеќе потенцираат одредени работи за да може да се истакнат и тоа не е лошо. Начинот на облекување е секогаш индивидуален, онака како што се чувствуваш. Ако сакаш да се чувствуваш секси, ќе се облечеш секси, ако си затворен, ако не ти е денот ќе се облечеш поинаку и тоа е тоа. Мислам дека луѓето во Охрид навистина внимаваат на облекувањето, на тоа како можат да носат одредено „парталче“ што би рекол јас. Не сум некој моден критичар, но знам што е убаво. Има доста убави луѓе во Охрид, луѓе кои убаво се облекуваат, кои следат и трендови.

-Која е комбинацијата по која Вас може да ве препознаат?

Црно – сиво кога е поелегантна. Кога е спортска, таа е слична, сива, црна, темно сина и слично.

-За крај, кои се плановите, која е Вашата визија за Охридскиот театар за периодот што претстои?

Следната година веројатно ќе се знае кога ќе почне да се гради зградата и ќе се ангажираме околу тоа. Што се однесува на личен план, воопшто не размислувам да ви кажам право. Можеш да испланираш одредени постапки, но не можеш да го испланираш чувствувањето низ животот. Јас сакам да се чувствувам убаво и природно кога сум со луѓе и така и планирам да ми заврши животот.

-Новогодишна порака за читателите на Fashionel?

Никогаш немојте од ништо да се плашите, особено од себе. Секое утро застанете пред огледало и заблагодарете се што сте живи и инсистирајте преку вашата имагинација да си создадете убави чувства. Убавите чувства пред сѐ одвнатре ќе ве направат убави, а тоа е законот на атракција и тогаш ќе ги добиете сите оние работи за кои сонувате, а во меѓувреме ги негирате. Среќна Нова година!

Објавено:
7 декември 2016
Прочитано:
2.179 пати